Средба со претседателот на Европската академија на науките и уметностите, Феликс Унгер
Вторник, 17 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес го прими Претседателот на Европската академија на науките и уметностите, проф. Феликс Унгер, кој е во неколкудневна посета на земјата.

Професорот Унгер на средбата му врачи на Претседателот Иванов официјална покана и програма за свечената церемонија на инаугурација на Претседателот во патрон, заштитник на Европската Академија на науките и уметностите (ЕАНУ), што беше меѓу главните цели на неговата посета на Македонија. Свечената пленарна сесија на ЕАНУ по тој повод ќе се одржи во март во Салзбург.

Како патрон на ЕАНУ, претседателот ја презема обврската да биде покровител на настани и конференции, кои во периодот што следи ќе бидат иницирани и организирани во Македонија. Претседателот Иванов изрази посебна благодарност за оваа укажана чест, што воедно претставува голема чест и за Република Македонија, нагласувајќи дека со посебна посветеност ќе се труди да биде вистински заштитник на науките и уметностите во својата земја.

Меѓу патроните на Академијата се и шпанскиот крал Хуан Карлос де Борбон, австрискиот претседател Хајнц Фишер, словачкиот претседател Иван Гашпаровиќ, словенечкиот претседател Данило Тирк, белгискиот принц Филипе, германскиот претседател Кристијан Вулф, како и грчкиот претседател Каролос Папуљас.

На работниот ручек, на кој присуствуваа и дел од македонските академици, беше потпишан договор за соработка меѓу Македонската академија на науките и уметностите и ЕАНУ, за неколку настани во нивна заедничка организација, преку кои ќе се интензивира соработката и со други меѓународни организации, културни и образовни институции во државата.

Претседателот изрази задоволство од досегашната соработка помеѓу МАНУ и Европската академија, вклучително и фактот што во моментов девет академици од Македонија членуваат во ЕАНУ.

Академикот Унгер го информираше Претседателот и пренесе дел од импресиите од остварените средби во текот на неговата посета, со Министерот за образование и наука, Панче Кралев, и со раководството на Медицинскиот факултет, како и за отворените можности за меѓусебна натамошна соработка.

Претседателот беше запознаен и со програмите на Универзитетот „Алма Матер Еуропеа“ основан во 2010 година од Европската академија, на кој покрај редовните студии се организираат и летни програми, при што беше разговарано и за иницирање поголема соработка и размена со Школата за лидери на Претседателот Иванов.

  Back<<Назад