Економските индикатори будат оптимизам - Претседателот Иванов во посета на Народна Банка на РМ
Понеделник, 16 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари работна посета на Народната банка на Република Македонија.

Претседателот изрази задоволство од презентираните резултати кои, според него, укажуваат дека општата претстава за економијата во Македонија е стабилна. Оценката за банкарскиот сектор, е дека е релативно отпорен и може без поголеми последици да ги издржи ударите од кризата во евро-зоната.

„Ни беа презентирани сите податоци за минатата година од кои може да се заклучи дека општата претстава за економијата во Македонија е стабилна. Ми беа укажани општите трендови за дефицитот и задолжувањето кон странство, според кои Македонија е пример како во регионот така и пошироко, со оглед на она што се случува во ЕУ. Денарот останува стабилен, а исто така и банкарскиот сектор. како што покажува симулацијата на стрес тестовите. Треба да бидеме задоволни од општата состојба во економијата, каде индикаторите покажуваат дека ќе имаме раст од три отсто, кој е можеби скромен, но во овие услови е сепак индикатор кој укажува на очекување и будење на еден оптимизам,“ истакна претседателот Иванов додавајќи дека политиката што ја води НБРМ е за пофалба.

Гувернерот Димитар Богов посочи дека  македонскиот банкарски систем е  релативно отпорен и може без поголеми последици да ги издржи ударите од кризата во евро-зоната и дека ќе се стори сè за да се минимизираат негативните ефекти од кризата во евро-зоната.

Во однос на падот на еврото во однос на доларот и можното влијание врз македонската валута, Гувернерот истакна дека денарот е стабилен и дека соодносот денар - евро исто така ќе остане стабилен.

Запрашан за очекувањата од новата рунда разговори на посредникот на ОН Метју Нимиц со претставниците на двете земји, Зоран Јолевски и Адаматиос Василакис, кои денес и утре ќе се одржат во Њујорк, претседателот Иванов нагласи дека Македонија е конструктивна во процесот за изнаоѓање решение за прашањето за името, а тоа го очекува и од Грција.

„Ние сме конструктивни во овој процес и нашиот претставник ги има сите инструкции и информации што ние како државен врв сме му ги укажале. Остануваме доследни на процесот, ја укажуваме нашата конструктивност и очекуваме и другата страна тоа да го прави,“ истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов посочи дека иако во јавноста можеби се создава поинаква перцепција за разговорите поради подолгиот застој, процесот треба да се гледа во целина.

Во рамки на денешната посета на НБРМ, претседателот Иванов ја посети музејската поставка „Македонија, парите и историјата“ која содржи нумизматичка збирка со околу 20,000 примероци на монети, медалји, ексагии и модерни банкноти.


  Back<<Назад