Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера во градот на конзулите Битола приреди прием за дипломатскиот кор, прв пат надвор од главниот град и најави нова практика поврзана со традиционалниот новогодинешниот прием.
Заблагодарувајќи се за меѓународната поддршка која ја добива Македонија Иванов изрази очекување 2012-та да биде година во која ќе се помести состојбата статус кво во однос на интеграциите на земјата.
„Пресудата на меѓународниот суд на правдата е конечна и обврзувачка. Таа не може и не смее да се сведува на советодавно мислење и да се девалвира. Пресудата и времената спогодба се шанса за нашиот сосед, за сите нас, за регионот,“ истакна претседателот Иванов во своето обраќање пред дипломатите.
Нагласувајќи дека државите имаат и морална обврска да го почитуваат меѓународното право, Претседателот изрази очекување од Грција да го поддржи интегрирањето на Македонија во евроатланските структури.
Од име на дипломатскиот кор пред присутните се обрати доајенот, словенечкиот амбасадор Алан Брајан Бергант кој нагласи дека од големо значење за стабилноста на државата е да продолжи со развојот на мултиетничкото општество за еднакви граѓани со еднакви можности.
„Извештајот на ЕК е патоказ како да продолжите со реформите, особено во економијата, кои ќе придонесат за нови инвестиции, вработувања и подобрување на животниот стандард на сите граѓани,“ напомена амбасадорот Бергант.
По синоќешниот новогодишен прием во Битола, претставниците на дипломатскиот кор и претседателот Ѓорге Иванов денеска се качија на Пeлистер, каде беа пречекани од домаќинот, градоначалникот на Битола Владимир Талески. Со планински чај и топла ракија во пелистерскиот Инфо-центар, странските дипломати ја слушнаа кратката историја на Битола, спецификите и убавините на Пелистер, како и можностите за инвестирање во конзулскиот град.
„После 20 години решиме да ја промениме традицијата и тој новогодишен прием да го направиме малку поинаков. Овој пат на амбасадорите им ја покажавме Македонија во малку поинакво светло. Амбасадорите овие искуства ќе ги однесат во своите земји, од каде понатаму ќе чекаме туристи", изјави претседателот Иванов.
„Имавме и една работна средба со дипломатскиот кор, на која ги претставивме сите наши проекти - убава можност за промоција на нашите потенцијали," истакна градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Посетата продолжи кон ски-центарот, а оттаму и кон местото наречено „Ластојчин камен", каде дипломатите беа запознаени со историјата на месноста и уникатниот бор молика. Заедничка за сите беше воодушевеноста од одлуката на македонскиот Претседател, новогодишниот прием да го организира низ градовите во Македонија. Дипломатите го завршија престојот во Битола со ручек во хотелот Молика, а на менито се најдоа традиционални јадења, квалитетно македонско вино и ракија.
|