Глигоров беше лидер со визија за својата земја, брилијантен политичар и државник – писма со сочувства од светски лидери | |
|
Бројни странски државници, актуелни и поранешни претседатели, лидери на меѓународни организации, министри и амбасадори, упатија писма со сочувство по повод смртта на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров, до претседателот д-р Ѓорге Иванов, семејството Глигорови и целиот македонски народ. Претседателот на Соединетите американски држави, Барак Обама, го изрази своето длабоко сочувство до семејството и граѓаните на Македонија. „Претседателот Глигоров ја водеше својата млада нација во тешки времиња со чест и достоинство. Тој беше човек од принципи и со заложби за мирот, кој остави зад себе наследство на посветена служба на народот,“ наведува претседателот Обама во писмото испратено до претседателот Иванов. Американскиот државен секретар Хилари Клинтон испрати телеграма во која го изразува своето длабоко жалење за смртта на првиот претседател на независна Македонија. „Тој беше патриот и вистински државник. Неговата посветеност за самостојноста на Македонија доведе до мирната транзиција во 1990-1991 година, а неговото цврсто лидерство беше инспирација во годините кога земјата ги надмина големите предизвици. Претседателот Глигоров беше пријател на САД и лидер кој имаше визија за својата земја, кој и понатаму ќе служи како пример во Македонија и регионот. Моите мисли и молитви се со неговото семејство и со сите граѓани на Македонија,“ вели во писмото со сочуство државниот секретар Клинтон. „Името на починатиот претседател беше симбол на Македонија, која тој ја воведе во независност. Австрија изгуби пријател, кој особено се залагаше за развивањето на одличните односи коишто постојат меѓу нашите две земји,“ истакна австрискиот Сојузен Претседател, д-р Хајнц Фишер. Зборови на сочувство пристигнаа и од претседателот на Италијанската Република, Џорџо Наполитано: „Во духот на големото и искрено пријателство кое ги поврзува нашите две земји, и во сеќавање на заложбата на Киро Глигоров како прв претседател на независна Македонија – која тој успеа да ја одржи далеку од ужасното насилство кое се разви во поранешна Југославија – ве молам да ги примите , во мое лично име и во име на целиот италијански народ, изразите на најискрено сочуство.“ Изрази на длабока почит и жалење пристигнаа и од Претседателот на Романија, Трајан Басеску, кој меѓудругото за претседателот Глигоров вели: „Маркантна личност во поновата историја, господинот Киро Глигоров остави трага во историјата на вашата земја, но и на Југо-источна Европа, станувајќи препознатлива фигура на меѓународно ниво во борбата за политичка независност.“ Искрени изрази на сочувство испрати и полскиот претседател Бронислав Коморовски: „За време на вршењето на својата функција претседателот Глигоров даде значителен придонес во градењето на државноста на Република Македонија. По повод болната и тешка загуба, сочувствуваме со вас господине Претседател, со семејството и граѓаните на Макеоднија.“ Вацлав Клаус, Претседателот на Република Чешка, во својата телеграма изразува длабоко жалење за смртта на поранешниот македонски претседател: „Го ценам фактот што имав можност да го познавам лично претседателот Глигоров и да го пречекам во февруари 2006 во Прашката тврдина. Со него замина значајна личност на македонскиот политички живот и убеден сум дека неговото наследство ниту долгогодишната работа нема да паднат во заборав.“ Шпанскиот крал Хуан Карлос испрати порака во која ги пренесува изразите на најдлабоко сочуство, во негово име, во име на Владата и народот на Шпанија. Претседателот на Народна Република Кина, Ху Џинтао, исто така, испрати писмо со сочуство во кое наведува: „Киро Глигоров беше исклучителен државник кој вложи големи напори за економскиот и општествен развој на Македонија, како и за стабилноста и мирот во регионот. Тој беше посветен и значајно придонесе кон македонско-кинеското пријателство и соработка.“ Телеграма испрати и претседателот на Република Србија, Борис Тадиќ: „Вам и на граѓаните на Македонија ви го изразувам моето најдлабоко сочувство по повод смртта на претседателот Глигоров.“ Бугарскиот претседател, Георги Парванов, во своето писмо со сочуство истакнува дека напорите и активностите на Глигоров, како претседател на Република Македонија, беа посветени на изградба и зајакнување на земјата: „Господинот Глигоров даде значаен придонес во развојот на односите меѓу Македонија и Бугарија. Тој беше еден од основачите на Балканскиот политички клуб – форум кој го консолидира политичкиот континуитет на дијалогот во југо-источна Европа.“ „Беше брилијантен политичар и државник. Неговите идеи беа конструктивни, а ги остваруваше методично, со такт и трпение на човек кој знае дека е во право. Во времето на трагичниот југословенски расплет, Глигоров беше силен глас на разумот и мирот. Претседателот Глигоров беше голем пријател на Црна Гора, секогаш дочекан со пријателство и почит. Остануваме благодарни на успесите и напорите да го сочува и зацврсти пријателството и соработката меѓу нашите две држави и народи,“ се вели во писмото испратено од претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ. Сочуство пристигна и од претседателот на Република Албанија, Бамир Топи: „Би сакал да ја потенцирам важната улога која тој како клучна политичка фигура ја имаше во општествениот и политичкиот живот во Македонија. Барам од Вас да ја прифатите искрената солидарност од албанскиот народ во овие тешки моменти.“ Претседателката на Косово, Атифете Јахјага, во телеграмата наведува дека смртта на првиот претседател на плуралистичка и демократска Република Македонија, кој е најзаслужен за мирна транзиција кон демократски систем, е голема загуба за македонскиот народ и македонските институции. Претседателот на Република Грција, Каролос Папуљас, го изрази своето длабоко сочуство, наведувајќи: „Претседателот Глигоров ќе биде запаметен како лидер кој ја обезбеди демократската транзиција на својата земја и суштински го разбра значењето на регионалната соработка заснована на добри соседски односи, а во корист на мирот, безбедноста и стабилноста во Југоисточна Европа.“ Иво Јосиповиќ, претседател на Република Хрватска, непосредно по објавувањето на тажната вест, испрати писмо во кое се вели: „Името на претседателот Глигоров ќе остане трајно запаметено по неговата истрајна борба за човековите права, слободата и демократијата. Исклучителниот придонес на претседателот Глигоров во сите сфери на неговото политичко дејствување, особено во демократските промени и мирната трансформација на македонското општество, остава длабока трага во поновата македонска историја.“ Словенечкиот претседател Данило Тирк, во своето писмо наведува дека Киро Глигоров беше човек на мирот кој со своите активности придонесе за решавање на проблемите во Југоисточна Европа и за зајакнување на меѓународниот мир и безбедност. „Меѓународната заедница ќе го памети г-дин Глигоров како мудар државник кој по мирен пат ја воведе Република Македонија во независност, демократија и пазарна економија, преку својата политичка, научна и новинарска работа.“ „Изгубивме политичар кој не само што беше далкеувид и почитуван државник, туку и исклучителна личност од поновата историја на вашата земја, кој суштински придонесе кон формирањето на македонската држава по мирен и уставен пат,“ наведува во своето писмо претседателот на Република Словачка, Иван Гашпаровиќ. Длабоко сочуство до претседателот Иванов и македонскиот народ упати и Томас Хендрик Илвес, претседателот на Естонија. Претседателката на Литванија, Далиа Грубаускаите, пренесува длабоко сочуство од литванскиот народ: „Ние ќе се сеќаваме на претседателот Глигоров како голем државник кој ја одведе Вашата земја кон независноста и кој направи сè што може за да ја задржи Македонија и нејзиниот народ од војните што ја зафатија поранешна Југославија.“ Писмо со сочуство пристигна и од поранешниот хрватски претседател, Стипе Месиќ: „Заминувањето на г-динот Киро Глигоров е загуба не само за Македонија туку и за целиот регион. Ќе биде запаметен како еден од ретките политичари и државници од овие простори кој знаеше да ги препознае, застапува и брани интересите на својата нација, а при тоа да не подлегне на национализам. Благодарение пред сè на неговата мудра политика, Република Македонија успеа да тргне по патот на независноста, избегнувајќи ги војните кои кон крајот на 20 век го разоруваа просторот на поранешна Југославија.“ Сочувство пристигна и од поранешниот претседател на Република Бугарија, Жељу Жељев: „Загубата на Киро Глигоров ќе биде силно почувствувана. Тој не само што беше мој колега, туку и мој искрен пријател. Би сакал да ги пренесам изразите на длабоко сочуство и од Балканскиот политички клуб – денес жалиме за еден од коосновачите. Претседателот Глигоров беше еден од најупорните, најактивни и ревносни поборници за Балканската кауза и целите кои Клубот ги постави како свои задачи.“ Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, ги пренесе зборовите на сочувство, опишувајќи го поранешниот претседател Глигоров како човек со интегритет и визија: „Во време кога земјата ја стекнуваше својата независност, неговото лидерство овозможи мирна транзиција, иако регионот се справуваше со насилното распаѓање на поранешна Југославија. Ќе биде долго запаметен по неговата посветеност и храброст со кои им служеше на земјата и на граѓаните.“ Генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен, кој се потпиша во книгата на жалост отворена во Мисијата на РМ при НАТО во Брисел, наведува: „Мое искрено сочуство по повод смртта на поранешниот претседател Киро Глигоров. Неговиот придонес за демократскиот развој на вашата земја и на целиот регион ќе се памети.“ Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и потпретседател на Европската комисија, Кетрин Ештон и Комесарот за проширување, Штефан Фуле, испратија заедничка порака со сочуство, наведувајќи: „Како претседател од 1991 до 1999, господинот Глигоров ја предводеше земјата низ критичната транзиција, вклучително и по мирен пат стекнатата независност од Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Водејќи ја земјата напред на тој нов пат, тој донесе важни одлуки во корист на неговиот народ, а засновани на долгото искуство и знаење за неговата земја. Нека почива во мир.” Сочуство пристигна и од Сојузниот министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Гидо Вестервеле: „Киро Глигоров е високо ценет во Германија. За време на неговото претседателство беа поставени темелите на добрите и плодни германско-македонски односи во полза на двете земји. Оваа загуба, од многу луѓе внатре и надвор од земјата, се почуствува како многу болна. Германија оддава високо почитување на споменот на претседателот Глигоров.“ Министерот за надворешни работи на Канада, Џон Баирд, го изрази своето почитување и длабоко сочувство за првиот демократски избран претседател на Република Македонија, во името на сите Канаѓани, нагласувајќи го неговото водство низ мирната транзиција кон независност: „Неговото трајно наследство е неговата цврста посветеност на визијата за демократска Македонија. Таа визија го издвои г-дин Глигоров како вистински државник, кој многу ќе недостасува.“ Министерството за надворешни работи на Република Турција ги пренесе сочувствата на турскиот државен врв и турскиот народ по повод смртта на првиот македонски демократки избран претседател: „Како вистински државник, Глигоров покажа лидерство кога беше најпотребно за мирна трансформација на политичкиот систем во Македонија. Глигоров ќе биде секогаш паметен со почит и како близок пријател на Турција. Во името на Нејзиното Височество Кралицата на Британија, сочувство испрати и британскиот амбасадор Кристофер Ивон: „Наследството кое претседателот Глигоров го остави, управувајќи ја Република Македонија кон мирно стекнување независност, како и неговата историска улога во односот со Парламентот и политичкиот живот, ќе бидат искрено запаметени од многумина.“ Амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на Генералниот секретар на ОН, упати писмо со сочуство во кое починатиот поранешен претседател Глигоров го опишува како исклучителен лидер и личност со длабок интегритет и љубов за својата татковина и народ: „Тој ја водеше својата земја во времето на стекнување независност со вештинa и стратешки пристап. Имав голема привилегија да работам со него, да го запознаам и многу да научам од него,“ пишува Нимиц.
|