Нема похрабри војници од македонските мировници - Нов контингент на АРМ во мировна мисија во Авганистан
Четврток, 05 Јануари 2012   

Живееме во свет во кој одбраната на нашата безбедност започнува далеку од границите на нашата татковина. Токму вие сте избрани да ја извршувата оваа тешка, но благородна задача, рамо до рамо со нашите НАТО сојузници, со армиите на најголемите демократски сили. Вие сте македонскиот штит што го брани мирот и слободата на Македонија, но и на поширокиот регион – порача претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов на свеченото испраќање на новиот контингент на АРМ во мировната мисија ИСАФ во Авганистан, што се одржа во касарната „Кузман Јосифовски - Питу“ во Тетово.

Македонија, како што нагласи претседателот Иванов, е дел од глобалната коалиција на држави што ги споделуваат истите вредности и идеали - мир и стабилност во светот, промоција на слободата и демократијата и заштита на недолжните од насилство.

„Токму затоа во оваа мисија вие ја имате целосната подршка од македонските граѓани,“ истакна Претседателот, додавајќи дека Македонија како партнер и сојузник на антитерористичката коалиција во Авганистан ќе остане се додека е неопходно и ќе го следи трендот на транзиција и предавање на севкупната власт на авганистанскиот народ во согласност со интересите на Македонија.

„Имав можност да ги посетам вашите соборци во Кабул и војниците во мисијата во Сараево. Можам слободно да кажам дека нема подобри, похрабри и подоблесни војници од македонските мировници. Моја гордост е да бидам ваш врховен командант. Сакам да им оддадам јавно призанание и почит на сите мировници на АРМ кои во досегашниот период вложија голем труд и посветеност во ангажманот во мисиите во Авганистан, Ирак, Босна и Херцеговина и Либан. Тие придонесоја во воспоставувањето на мирот во земјите каде беа ангажирани, воено афирмирајќи ја нашата татковина на меѓународен план,“ посочи македонскиот претседател.

На свеченото испраќање на новиот контингент, покрај Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, присуствуваа и министерот за одбрана, Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Горанчо Котески и неговиот заменик генерал мајор Насер Сејдини, командантот на 2. механизирана пешадиска бригада бригадниот генерал Методија Величковски.



Војниците од новиот контингент кој треба да замине во Авганистан, на денешната свеченост во Тетово за прв пат ги облекоа новите униформи со автохтона дигитализирана шара, со кои и ќе учествуваат во мировната мисија.

Во дванаесеттата ротација што ќе трае од јануари до јуни годинава учествуваат 149 припадници на тетовскиот гарнизон од 2. механизирана пешадиска бригада, а тие ќе бидат распоредени во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство на обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.

Македонските Леопради ќе вршат обезбедување и патролирање на воената база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи во зависност од потребите на мисијата. Покрај нив во ротацијата ќе биде распореден и менторски тим за обука на авганистанските безбедносни сили и за време на овој период тие ќе бидат во Мазар-е Шариф во рамки на регионалната команда Север под раководство на вооружените сили на СР Германија.

  Back<<Назад