Атлетите од Специјалната олимпијада на Бадникова вечера кај претседателот Иванов
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов заедно со своето семејство вечерва приреди Бадникова вечера за атлетите од Специјална олимпијада на Македонија.
На вечерата во претседателската резиденција „Вила Македонија“ присуствуваа 17 олимпијци - учесници на Светските летни олимписки игри одржани во Атина, Грција, минатата година. Најсреќен беше Дарко Арсов, кому му се падна златникот од бадниковото лепче. Арсов на Олимпијадата во Грција го освои златото во дисциплината пливање на 25 метри слободно.
Претседателот Иванов на Арсов и на сите атлети им посака успешна година, како и претходната, и им порача дека секогаш можат да сметаат на неговата поддршка.
Ова е прва ваква средба што спроти Божик ја иницираше претседателот Иванов, а со намера да придонесе кон подигањето на свеста кај пошироката јавност за лицата со интелектуална попреченост.
|