Претседателот Иванов на божикна Златоустова литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, заедно со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски, денес присуствуваше на централното одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан богослужеше Златоустова литургија.
Претседателот Иванов, по завршувањето на литургијата, на граѓаните од православна вероисповед им го честитаа Божик и им посакаа здравје, среќа, успех и спокојство.
„На сите православни верници им го честитам големиот христијански празник, Христовото раѓање - Божик и им посакувам здравје, многу радост и успеси во целата година. Како што сме обединети и сплотени за време на празниците, така да бидеме целата година, и сложни да го дочекаме новото Христово раѓање,“ истакна претседателот Иванов и ги поздрави православните христијани со традиционалниот поздрав „Христос се роди“.
На литургијата присуствуваа и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, повеќе амбасадори и други личности од јавниот живот во државата.
Државниот врв по литургијата присуствуваше на Божиќната трпеза која ја организираше поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан.
 |
 |
|