65 години Народна техника – организација која го поттикнува интересот на младите за техничко творештво и иновативност
Четврток, 22 Декември 2011   

Сојузот на здруженијата за техничка култура на Република Македонија - Народна техника, денес одбележа 65 години постоење, под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов.

Претседателот во своето обраќање ја посочи значајната мисија на Народна техника во изминатите шест и пол децении за техничката едукација на генерации основци и средношколци. Од клубовите и 13-те регионални канцеларии произлегоа голем број млади иноватори чии пронајдоци се презентирани и наградени на значајни меѓународни манифестации, меѓу кои и на престижната „Еурека“ во Брисел.

„Народна техника во моментов е најорганизираната форма за техничко воспитување, образование и активност на младата генерација во училиштата, со богатство на содржините и различност на формите и методите за работа. Вие на најдиректен начин придонесувате за зголемување на интересот на младата популација за техничко творештво, за полесно прифаќање на научните и техничко-технолошките достигнувања и решенија, за унапредување на инвентивната и иновациската дејност,“ истакна шефот на државата Иванов на прославата по повод годишнината што се одржа во Кинотеката на Македонија.


Претседателката на Народна техника, Христина Спасевска, нагласи дека се горди на своите заложби за ширење на техничката култура и поттикнувањето на иновативноста кај младите во Македонија. Таа информираше дека досега биле презентирани над 5.000 патентирани пронајдоци, од кои повеќето добиле високи награди на светски саеми и изложби.

„Ретко која друга организација може да се пофали со толку долг континуитет и инфраструктура, која преку сопствена програма дејствува на надградбата на образовниот систем, со посебен акцент на откривањето и работа со млади таленти... Во Македонија нема ниту едно значајно име од науката, техниката, па и од деловната средина кое своите почетоци не ги врзува со работата на Народна техника и натпреварите во основно и средно училиште,“ посочи претседателката на Народна техника.



  Back<<Назад