Во Доха средба со Емирот на Катар – се интензивира економската соработка, политичкиот дијалог и културната размена
Недела, 11 Декември 2011   

Емирот на Државата Катар, Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, попладнево во неговата резиденција го прими претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој на негова покана учествуваше и на четвртиот форум на Алијансата на цивилизациите што се одржува во катарската престолнина Доха.

Претседателот Иванов и Емирот на Катар констатираа дека по неодамнешната официјална посета на Емирот на Република Македонија има зголемена динамика на контакти помеѓу двете земји, а со цел реализација на проекти во сферата на економијата. Беше посочено дека се реализирани неколку посети на официјални претставници од Македонија во Доха, каде со надлежните од Qatary Diar и Qatar Investment Autority се разгледувани можностите за соработка. Претседателот Иванов и шеикот Ал Тани изразија надеж дека наскоро ќе има и конкретни резултати.

На средбата, е договорено да продолжи политичкиот дијалог, како и соработката во областите како Алијанса и Дијалог меѓу цивилизациите. Двајцата ја нагласија потребата од интензивирање на соработката и во сферата на културата и образованието.

Претседателот Иванов му честита на домаќинот, Емирот на Државата Катар Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, на чија покана учествува на форумот, за иницијативата луѓе од различни земји, од различни религии, кои зборуваат различни јазици, да седнат на заедничка маса и сите посветено да обезбедат подобра иднина за граѓаните, државите, а со тоа и за човештвото во целина.

Шефот на државата денеска имаше и обраќање на Форумот на панел дискусијата „Како културниот диверзитет влијае на развојот”, при што истакна дека Алијансата на цивилизациите, дијалогот меѓу цивилизациите, се токму оние нешта кои предолго ни недостигаа, потенцирајќи дека Република Македонија е подготвена да ги сподели своите драгоцени искуства во овие области и е активно и посветено вклучена во овие иницијативи.

  Back<<Назад