| Перспективите на Македонија и на Србија се во Европската унија - Средба со српскиот претседател Борис Тадиќ | |
|
|
„Евроинтеграциите нè обединуваат сите во регионот и не нè обесхрабрува тоа што имаме дополнителни услови и што Македонија веќе трета година има позитивен извештај, но нема добиено датум. Ние продолжуваме со сите наши реформи и со сите достигнувања на европските критериуми, вредности и принципи внатре во државата. Како држава имаме цел да ја создадеме Европа внатре во државата. Тогаш многу полесно ќе одат и преговорите и полесно ќе можеме да и кажеме на Унијата дека сме подготвени за членство. Иако имаме одлагања и некој мисли дека се пропуштени, овие три години се прават реформи кои се корисни за нас,“ истакна претседателот Иванов. Претседателот Тадиќ се согласи со Иванов, подвлекувајќи дека покрај пријателските односи двете земји ги поврзуваат и неволјите. Според него, за разлика од македонските политичари кои иако земјата три години нема добиено датум за преговори не се обесхрабрени од ваквиот однос на ЕУ, некои српски политичари се обесхрабрени што Србија не го доби кандидатскиот статус во првиот обид. „Суштината на евроинтеграциите се внатрешните реформи. Србија како и Македонија и регионот имаат иднина во Европската унија. Тоа е најбезбедната зона за нашите граѓани. Пред нас стојат предизвици, комплексни услови што треба да се исполнат,“ нагласи Тадиќ, додавајќи дека што се однесува до Косово, Србија има легитимни интереси од кои ниту може ниту сака да се откаже и решавањето на прашањето за Косово не може да биде пречка за европската иднина на Србија. Во однос на црковниот спор меѓу МПЦ и СПЦ претседателите Иванов и Тадиќ на заедничката прес конференција изјавија дека делат ист став - црковните прашања треба да им се остават на црквите, а судските на Судот. „Тој проблем не смее да ги оптоварува односите меѓу двете земји. Црковното право не е дел од државното. Од витален интерес за Србија и за нашите односи со Македонија е тој проблем да се реши, а не да стои меѓу нас,“ порача Тадиќ. На средбата шефовите на двете држави се осврнааа и на економската, енергетската и на инфраструктурната соработка за што ќе стане збор и на попладневниот Македонско-српски бизнис форум. Српскиот претседател со пофални зборови и за успехот со кој Македонија се справува со макроекономски проблеми кои се тешки не само за Србија туку и за регионот. Тадиќ ја повтори и јасната поддршка на Србија во однос на македонската култура и идентитет и значењето на културната и научната соработка меѓу двете земји. Илустрирајќи ги пријателските односи меѓу двете земји, српскиот претседател Тадиќ укажа на резултатите од неодамнешна анкета спроведена во Србија, според која, Србите за најбизок народ ги сметаат Македонците, а Македонија за најблиска држава.
|
Перспективите на Македонија и на Србија се во Европската унија и без оглед на постојните препреки нема обесхрабрување на тој пат, изјавија на денешната заедничка прес-конференција во Скопје претседателите на Македонија и на Србија, д-р Ѓорге Иванов и д-р Борис Тадиќ, одговарајќи на прашање за дополнителнителниот услов - за Македонија името, а за Србија - Косово.











