Претседателот Иванов ја посети македонската заедница во Јабука, Србија
Сабота, 03 Септември 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ја посети Општината Јабука во Војводина, каде што живеат најмногу Македонци од кое било друго место во Србија. Во Јабука оваа година е воведен македонски јазик во прво одделение и е објавен Буквар на македонски јазик со елементи на национална култура.

По средбата со Македонците во зградата на Општината, Претседателот јавно ги повика на претстојниот попис да се изјаснат како Македонци и да продолжат да ги негуваат својата култура и традиции.

„Овде македонската заедница е со години присутна и ги негува своите културни особености, го почитува својот јазик и обичаи. Затоа ја користам оваа пригода да ја посетам Јабука и да ги повикам сите Македонци на претстојниот попис во Србија слободно да се изјаснуваат, за да не робуваат на предрасудите од минатото и во согласност со времето во кое живеат да го искажат својот идентитет. Исто така, им порачувам да ги негуваат односите помеѓу заедниците, како што ги негуваме ние со претседателот Борис Тадиќ. Пријателството доведува до заемна доверба. Се надевам дека тоа ќе влијае на нашите заедници – и на Србите што живеат во Македонија, но и на Македонците што живеат во Србија,“ изјави Претседателот Иванов.

Тој го посети и Основното училиште „Гоце Делчев“ каде што настава посетуваат околу 500 ученици.

Во Јабука постои македонското здружение ’’Илинден’’ и Македонска куќа. На месната заедница, улиците и училиштето се поставени двојазични табли. Пописниот образец исто така е преведен на македонски јазик. Во Србија е формиран Национален совет на Македонците, а се организира и политичка партија која  ќе се залага за правата на Македонците во Србија.

Со посетата на Јабука, Претседателот Иванов го заврши престојот во Србија каде што вчера учествуваше на 9-иот УНЕСКО Самит на претседатели од Југоисточна Европа, посветен на современата уметност и помирувањето.
 

  Back<<Назад