Средба со еврокомесарката за образование, култура, повеќејазичност и млади, Андрула Василиу
Петок, 02 Септември 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во рамките на 9-иот УНЕСКО Регионален самит на шефови на држави од Југо-источна Европа, што денеска се одржа во Србија, се сретна и со еврокомесарката г-ѓа Андрула Василиу, со која размени мислења за поинтензивна и посодржајна соработка помеѓу Република Македонија како земја-кандидат и Европската комисија, во областите во кои еврокомесарката е надлежна - образование, култура, повеќејазичност и млади.

На средбата беше искажана заемна надеж дека наскоро ќе се надминат проблемите и ќе бидат исполнети условите за укинување на суспензијата за програмите на Европската унија „Доживотно учење“ и „Млади во акција“, која беше воведена поради злоупотреба на функцијата на поранешниот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Василиу апелираше земјата да посвети посебно внимание на финансискииот менаџмент на Агенцијата, што ќе биде во корист на Република Македонија, иако таа не единствената земја која се соочува со проблеми во овој контекст. Претседателот Иванов ја информираше еврокомесарката Василиу дека Министерството за образование и наука и Националната агенција интензивно работат на исполнување на условите за повторно воспоставување на овие програми.

Шефот на државата ја запозна еврокомесарката со проектот „Школа за млади лидери“, што годинава вторпат се одржа под негово покровителство, како и со Законот за млади. Еврокомесарката, искажа целосна подготвеност и интерес за тесна и продлабочена соработка на Европската комисија во споменатите сфери, истакнувајќи го значењето на вклучувањето на младите во јавниот живот, што е обврска од Лисабонскиот договор но и тема на која таа лично е целосно посветена.

Василиу го информира Претседателот и дека во план е Европската комисија да го зголеми буџетот за култура за околу 30 отсто, што е можност за Македонија и за Западен Балкан да ги продолжат напорите и процесите во сферата на културата, а во функција на економски развој.

Претседателот Иванов, исто така, побара од еврокомесарката поддршка за успешна реалиозација на реформите во образованието во Република Македонија, како и за Стратегијата за интегрирано образование.
 

  Back<<Назад