Официјална посета на Романија – Претседателот Басеску ја реафирмира безрезервната поддршка за влез на Македонија во ЕУ и НАТО
Четврток, 06 Октомври 2011   

Романија безрезервно ја поддржува интеграцијата на Македонија во Европската унија и НАТО, но одлуките за тоа се носат колективно од сите земји-членки и затоа е потребно да се реши спорот за името, порача романскиот претседател Трајан Басеску по денешната средба во Букурешт со македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

„Романија сама не може да одлучи ниту за влегување во НАТО, ниту за прием во ЕУ. Таквата одлука треба да биде донесена колективно од страна на сите земји-членки без разлика дали зборуваме за ЕУ или НАТО. Без разлика кој ќе биде текот на настаните на релацијата меѓу Македонија и Грција, Романија секогаш безрезервно ќе го поддржува вклучувањето на Македонија во НАТО и ЕУ. Ние немаме ниту еден мотив да не ја поддржиме Македонија за нејзиниот влез во ЕУ,“ нагласи романскиот претседател Трајан Басеску.

„Проблемот, додаде претседателот Басеску, е билатерален и колку ние и да ја поддржуваме Македонија, сè додека постои вето не ќе може да има прогрес. Тоа е мојот повик – пронаоѓање на билатерално решение за спорот за името.“

Романскиот претседател на заедничката прес конференција, исто така нагласи дека од интерес на Романија е земјите од Западен Балкан да влезат во ЕУ и НАТО и дека во овој момент според нив, држави кои можат да имаат забрзан процес на  пристапување во овие структури се Македонија, Црна Гора и Србија.

alt

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се заблагодари за поддршката што  Романија и ја дава на Македонија во евроинтегративните процеси, но и за сè што Романија има направено за македонската заедница, за Македонците да можат да го учат својот мајлин јазик, да ги остваруваат своите права, како што Македонија тоа го прави за влашката зедница.

„Во наш интерес е оваа поддршка што ја имаме од Романија во однос на нашата интеграција во ЕУ и НАТО да продолжи со ист интензитет,“ истакна претседателот Иванов.

Во присуство на двајцата претседатели беа потпишани билатерални договори од областа на научната, економската и техничката соработка и од областа на туризмот. Договорите од македонска страна ги потпиша министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак.

Потпишувањето на двата договора, според двајцата претседатели, ќе придонесе за интензивирање на билатералните односи и на економската соработка. Досега Македонија и Романија имаат потпишано повеќе од 30 билатерални договори.

На Универзитетот „Димитрие Кантемир“ на претседателот Иванов му беше доделена тутулата Почесен Доктор на науки . Ова е трет почесен докторат што претседателот Иванов го добива за време на неговиот претседателски мандат. Во октомври 2009 година му беше врачен почесен докторат на науки од ТОББ Универзитетот во Анкара, а во март годинава од Универзитетот во Истанбул.

Претседателот Иванов попладнево во Букурешт ќе има средби и со претседателот на Сенатот Мирчеа Џоана и со романскиот премиер Емил Бок.


  Back<<Назад