Претседателот Иванов се сретна со романскиот премиер Емил Бок и со претседателот на Сенатот, Мирчеа Џоана
Четврток, 06 Октомври 2011   

alt

Безрезервна поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО денеска во Букурешт доби македонскиот претседател и од премиерот на Романија, Емил Бок и од претседателот на Сенатот, Мирчеа Џоана.

На средбата со претседателот на Сенатот Џоана во романскиот Парламент, уште еднаш беше повторено дека од витален интерес на Романија е Република Македонија и Западен Балкан да влезат во НАТО и Европската унија.

„Република Македонија во моето срце има посебно место и се радувам на големиот севкупен прогрес и на успесите на Македонија. Јасно и прецизно сакам да кажам дека од витален интерес за Романија е Република Македонија и Западен Балкан час поскоро да влезат во НАТО и ЕУ. Местото на Република Македонија е таму и ние сме подготвени безрезервно да ве поддржуваме,“ е пораката која романскиот претседател на Сенатот  Џоана му ја пренесе на претседателот Иванов.

Македонскиот претседател заблагодарувајќи се за досегашната поддршка што Македонија ја има од Романија на патот кон ЕУ и НАТО, истакна дека очекува таа да продолжи и во иднина.

Романскиот премиер Емил Бок изрази задоволство од развојот на политичките односи на 10 годишнината од Договорот за пријателство и соработка, но подвлече дека треба да се интензивираат економските и културните односи кои заостануваат зад политичките врски меѓу двете држави.

На барање на премиерот Бок, претседателот Иванов ги образложи односите со нашиот јужен сосед, позициите за името, како и очекувањата на Македонија од пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Иванов побара паралелно одвивање на интеграциите и решавање на спорот со името.

Од македонска страна беше побарано да се искористат романските искуства во привлекувањето на странски инвестиции и во искористувањето на ЕУ фондовите, за што Романија неодамна формираше ново министерство.
 

 

 

 

 

  Back<<Назад