Благодарност од Емирот на Катар до претседателот Иванов за срдечниот пречек
Среда, 19 Октомври 2011   

altЕмирот на Катар, Неговото Височество Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, по посетата на Република Македонија испрати порака до Претседателот д-р Ѓорге Иванов, во која се заблагодарува за гостопримството:

„По заминувањето од Вашата пријателска земја, задоволство ми е на Вашата екселенција да и упатам искрена благодарност за гостопримството и срдечниот пречек кои ми ги укажавте мене и на придружната делегација за време на посетата на Македонија. Имавме можност да размениме погледи на прашања од взаемен интерес и да се осврнеме на клучните теми за двете наши држави, и да ги промовираме и засилиме врските на пријателство и соработка во повеќе полиња од кои полза ќе имаат нашите народи,“ порачува Шеикот Хамад бин Калифа ал Тани во своето писмо до Претседателот Иванов.

Емирот на Катар престојуваше во дводневна посета на Република Македонија, во рамките на која се сретна и со Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и со Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски.

Македонската и катарската делегација потпишаа седум договори со кои се регулираат области важни за натамошната соработка на двете земји во областите на поттикнување на инвестициите, регулирање на вработувањето во Катар, културата, образованието, аеродромските услуги и други. Претседателот Иванов и Емирот Шеик Хамад бин Калифа ал Тани ги разгледуваа можностите за соработка во областа на земјоделството, енергетиката, градежната индустрија, финансиските услуги и туризмот, како и иницијативата за отворање на амбасада на Катар во Македонија.
 

  Back<<Назад