|
„Нема сомнение дека односите меѓу арапските народи и европските земји од Медитеранот во минатото се граделе врз основа на трговска и културна соработка. И ние денес можеме, дури и мораме, да продолжиме во градење на овие меѓусебни односи, секако засновајќи се на таа историска традиција во заедничка корист и зацврстување на независноста на сите земји и обезбедување на нивните слободи,“ истакна Емирот од Катар, Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, на свечената вечера што во негова чест синоќа ја приреди претседателот д-р Ѓорге Иванов. Обраќајќи се пред присутните гости, катарскиот Емир рече дека ги поддржува напорите на претседателот Иванов за продлабочување на соработката помеѓу двете земји и за зацврстување на пријателските врски, кои ќе бидат од корист за нашите народи, а се од взаемен интерес и придонесуваат за зацврстување на темелите на мирот и соработката меѓу народите. Во овој контекст Шеикот Хамад бин Калифа ал Тани го истакна позитивниот дух на соработка кој преовладувал во текот на разговорите и кој беше заокружен со потпишување неколку билатерални договори и економски спогодби, од кои придобивки ќе стекнат двете земји и народи. „И ние ги споделуваме истите ставови и принципи со Вашата земја, која во својата химна и со сонцето на знамето и’ пее на слободата, за постојаните напори на вашиот народ за постигнување на своите права за слобода и суверенитет. Деновиве нашиот арапски свет исто така пее за слободата на сонцето и тој е на прагот на еден нов период во својата историја. Ние се надеваме дека ова ќе го внесе арапскиот свет во пошироки хоризонти на инвенции, развој, продуктивност и праведно владеење,“ истакна Eмирот на Катар. Тој изрази убедување дека тоа ќе создаде нови можности за соработка во областа на стопанството, социјалниот живот и хуманоста помеѓу арапските и другите народи во светот, посебно со европскиот континент, со кои ги поврзуваат географски и историски елементи, со цел зацврстување на темелите на мирот и заедничкиот соживот. „Вашата земја, благодарение на положбата што ја има, е лулка на најстарите цивилизации во светот, кои се вкоренети во длабоката историја на Вашата земја, што и даваат можност да има активна улога во светската сцена. Оваа цивилизација е сведок за длабоката испреплетена култура, која ги сочувала верските објекти и центрите на уметноста, поезијата и мудроста. Најдобар аргумент за тоа се светски познатите и признатите имиња, кои се родија токму тука во Скопје, како што се турскиот класичен поет Јахја Кемал Бејатли и Мајка Тереза,“ нагласи Eмирот од Катар, кој се обрати на вечерата јавно заблагодарувајќи се за гостопримството. Неговиот домаќин, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ги вреднува напорите што Државата Катар ги прави во насока на градење на мирот во исклучително сложениот регион на Блискиот Исток и Северна Африка. „Но, она што е особено значајно, нас нè поврзува и заедничката визија за мир, толеранција, дијалог и соработка во светот. Високо го цениме ангажманот на Државата Катар на овој план, како и вашата улога во рамките на Алијансата на цивилизации на Обединетите нации. Оваа Ваша посветеност беше потврдена и со значајната поддршка на Самитот посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите одржан во Охрид, 2003, под раководство на големиот визионер, мој претходник, претседателот Борис Трајковски. Доказ за важноста на оваа тема е фактот што, од тогаш до денес, овој тип состаноци редовно се одржуваат во нашиот регион со поддршка на УНЕСКО и Советот на Европа. Јас на 10-годишнината во 2013 ќе бидам домаќин на Самитот посветен на оваа тема. Република Македонија е подготвена за поблиска соработка со Вашата држава на ова поле,“ посочи претседателот Иванов. Тој притоа го поздрави напредокот што Катар го доживува и го направи во изминатите децении, напредок кој претставува пример за многу држави во регионот и светот. „Посветеноста кон напредокот и реформските процеси и лидерството на полето на слободата на изразување и еманципација на жената се само дел од мозаикот кој го чинат исклучителниот катарски успех. Цврсто сум уверен дека треба да градиме иднина за младите, но и млади за иднината. Посветеноста на Фондацијата Катар кон развојот на образованието и здравството, креативноста и иновациите, за мене и за многу лидери во светот претставува вистинска инспирација,“ истакна македонскиот претседател. На разговорите со Емирот од Катар е констатирано дека двете земји имаат одлични билатерални односи и постигната е согласност во периодот што следи да се искористат сите можности за поинтензивна и поблиска соработка во сите сфери, особено во сферата на економијата. „Она што ме прави особено среќен и што оваа Ваша официјална посета ја прави успешна, е сериозниот прогрес во правната рамка. Денеска беа потпишани серија билатерални договори, исклучително значајни за зајакната соработка во повеќе сфери. На одреден начин со ова го исполнивме ветувањето кое Ви го дадовме на нашата прва средба во Њујорк, кога заемно констатиравме дека токму ова е препрека за поинтензивна соработка меѓу двете земји. Од денеска, таа препрека е зад нас,“ му порача претседателот Иванов на каратскиот Емир. Претседателот исто така нагласи дека очекува период на интензивирање на контактите, на максимална посветеност на искористувањето на сите можности за зајакната економска соработка. „Очекувам катарската деловна заедница да ги препознае напорите на Владата на Република Македонија за привлекување и поволен бизнис-амбиент за инвеститорите. Се надевам дека и на тој план ќе бидеме успешни,“ истакна претседателот Иванов обраќајќи се пред присутните гости на вечерата. Тој воедно изрази уверување дека оваа посета ќе и’ даде нов импулс на соработката меѓу Македонија и Катар и дека пријателството, втемелено врз заедничките визии, ќе продолжи да се развива и унапредува со нови форми и содржини. Од страна на Емирот на Катар беше изразена нивната заинтересираност за реализација на инвестициски проекти во Република Македонија во повеќе области, со особен интерес за енергетскиот сектор, банкарството, земјоделството и инфраструктурата. Во однос на економската соработка со Република Македонија, реализацијата на заеднички проекти и инвестиции Емирот Ал Тани, исто така изрази задоволство што за време на неговата посета се потпишаа повеќе билатерални договори од повеќе области при што потенцираше дека многу брзо треба да се очекуваат инвестиции и да се види дали темпото на соработка и инвестиции соодветствува на тоа што овие два дена се договара како идна економска соработка. Катарската делегација денес ги разгледа културно-историски знаменитости и ја посети Старата скопска чаршија.
|