|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на свечена церемонија во Вилата Билјана во Охрид, го додели Орденот за заслуги за Македонија на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“, и тоа токму во годината кога се одбележува јубилејното педесетто издание.
„Се работи за извонредно значаен и голем јубилеј, 50 години постоење на, несомнено, еден од најпрестижните македонски културни брендови. На Струшките вечери на поезијата пет десетлетија посветено се промовираат поезијата и литературата, се слави магијата и убавината на зборот, повторно и повторно вдахнувајќи му енергија и смисла на јазикот,“ нагласи претседателот Иванов во своето обраќање пред присутните.
Основана во 1962 година со серија читања на група македонски поети во чест на браќата Миладиновци, веќе во неколку години прераснува во интернационален поетски настан, на кој се доделува престижната награда „Златен венец“.
После 50 години, 4000 учесници, поети, преведувачи, есеисти и литературни критичари од 95 земји, Струшките вечери на поезијата се една од најзначајните македонски културни манифестации, вбројувајќи се меѓу најпрестижните литературни фестивали во Европа и светот. Но, како што потсети претседателот Иванов, вистинското значење тешко може да се собере во статистика и податоци, особено доколку се земе предвид податокот кои се поетски колоси присуствувале во Струга.
Прославата на ова педесетто издание на фестивалот е воедно дел и од официјалната програма на УНЕСКО. Но, она што Струга го направи за поезијата, позитивно се рефлектираше и во една ревносна и позитивна промоција на Охридското езеро и убавините кои го опкружуваат – природни и цивилизациски. Како што посочи Претседателот Иванов: Се промовираше Македонија и нејзиното неисцрпно културно и духовно богатство.
„Повторно покрај Дрим ќе прозвучат најубавите стихови испеани на светските јазици и ќе го најдат патот до срцата на сите вљубеници во поезијата. Најсрдечно посакувам и во иднина поетските меридијани да се вкрстуваат токму на мостовите на Струга, сведочејќи за бесмртноста на поезијата и уметноста,“ рече за крај Претседателот Иванов, врачувајќи му го орденот на претседателот на Управниот одбор на СВП, поетот Славе Ѓорѓо Димоски.
Димоски истакна дека Македонија е ретка земја која ја поседува најскапоцената поетска антологија на најновата светска поезија, а македонската поезија преку Струшките вечери на поезијата си најде високо и достоинствено место во рамки на светско поетско друштво.
На свечената церемонија присуствуваа и дел од младите лидери кои учествуваат во Школата за лидери, а која под покровителство на претседателот Иванов деновиве се одржува во Охрид.
|