Од младите зависи иднината на Македонија – Претседателот Иванов ја отвори втората Школа за млади лидери
Понеделник, 22 Август 2011   

altДесет незаборавни дена во учење, надградба, усовршување, споделување и тимска соработка, им посака претседателот на Република Македонија на учесниците во втората Школа за млади лидери, која годинава по втор пат се одржува во Охрид.

Како иницијатор и покровител на оваа едукативна иницијатива, Претседателот во неговото поздравно обраќање на свеченото отварање на Школата нагласи дека од младите потенцијали на општеството зависи иднината на Македонија.

„Вие веќе делумно сте, а во иднина сè повеќе и повеќе директно ќе бидете вклучени во донесувањето одлуки и во креирањето на македонското општество. Од вас зависи каква ќе биде иднината на нашата земја. Би сакал да ви порачам дека апсолутно сметаме на вас, и јас како претседател ќе сторам сè да помогнам да стекнете дополнителни знаења и вештини и да бидете подготвени за предизвиците што претстојат во иднина,“ им порача претседателот Иванов на 40-тината претставници на македонската лидерска сила во подем.

Правници, менаџери, економисти, писатели, издавачи, политиколози, студенти на магистерски или докторски студии, се профилите на младите лидери кои доаѓаат од сите краишта на земјата, со различно искуство, интереси и визии за сопствената и иднината на својата земја. Целта на Школата за лидери е преку предавања, практични обуки и симулации, да придонесе во развивање на нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција, и културната и религиска диверзификација. Програмата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, политичари и парламентарци од европски земји, претседатели на успешни компании и бизнис групации.

Интенцијата на оваа школа, посочи претседателот Иванов, е на едно место да се собере креативниот потенцијал на нашата држава од различните области, професии, интереси и полиња на дејствување, и да им се отвори нов простор за надградба, усовршување и тимска соработка.

На отворањето се обрати и Амбасадорот за европски прашања во Владата на Република Унгарија, Георг фон Хабсбург, син на големиот паневропеец и последен унгарски престолонаследник, Ото фон Хабсбург. Тој им порача на младите лидери дека она што е важно е да се превземаат чекори, затоа што не е битно колку долго некој работел и се залагал за некоја проблематика, туку колку успеал да донесе позитивни промени, па макар и во неколку секунди.

„Чекор по чекор, и стигнувате поблиску до целта. Ќе бидете подобро оценувани според она што го правите на дневна основа како лидер,“ рече Пал Георг фон Хабсбург.

Школото за млади лидери нуди и претставува нова страница во односот кон потенцијалните млади лидери и поддршката која ја добиваат. Во оваа иницијатива на Претседателот, државата и бизнисот влегуваат во партнерство, и со заеднички напори целат кон создавање и негување вистинска вредност. Имено, севкупната финансиска конструкција на школата за млади лидери е во целост поддржана од приватниот сектор и бизнис-партнерите.

„Особено ме радува фактот што оваа обука е производ на новиот дух на заедништво, на споделената општествена одговорност кон младите лидери,“ рече претседателот.

До крајот на обуката, покрај денешните пет, своите гледишта пред учесниците во школата за лидери ќе ги презентираат уште 20 предавачи, протегајќи се низ темите поврзани со био-политика, енергетска безбедност, мотивација, културно лидерство, анализи кои се однесуваат на растечките азиски бизнис гиганти, мултикултурализмот и мултиетничките општества, дебати за вештината и неопходноста од преговарање, лобирање, резултатите и последиците од ЕУ проширувањето.

alt

 

  Back<<Назад