| Ни требаат храбри млади луѓе кои ќе го отворат патот - Претседателот Иванов им врачи сертификати на учесниците на втората Школа за млади лидери | |
|
|
„Живееме во време со многу предизвици. Ни требаат луѓе не само што ќе имаат знаење, туку и ќе имаат храброст, затоа што храброста е она што ја носи среќата. Не може човек да е среќен ако не е храбар. Сите сте поминале низ различни облици на образование, различни универзитети, сите имате животно искуство, но се надевам дека она што тука го стекнавте ќе изврши некоја промена врз вас и врз оние околу вас,“ истакна Претседателот Иванов обраќајќи им се на присутните на свеченоста, меѓу кои беа и професорите од Оксфорд, Ричард Грејсон и Кристијан Хофреитер, како и поранешниот министер за надворешни работи на Унгарија, Петер Балаш. Претседателот на младите лидери им порача дека по напорните денови поминати во стекнување нови знаења, вештини и пријателства, треба да се употреби и знаењето и умеењето, притоа нагласувајќи дека сертификатите што им ги врачи ќе ги потсетуваат на убавите моменти, но и ќе им послужат во нивниот иден проифесионален ангажман и во животот воопшто. „Се надеваме дека ви отворивме една поинаква перспектива, поинаку да го гледате и светот и Македонија. Дека ви овозможивме да ги осознаете предизвиците на времето во кое живееме и што значи да се биде водач во вакво време. Сфативте што значи тоа како група да нудите решение, но и да создадете група што ќе понуди решение за некој предизвик,“ нагласи претседателот Иванов. Тој исто така укажа на потребата од луѓе, лидери во сите области на живеењето - „Не само луѓе во политиката, потребни ни се лидери и во образованието, во културата, во уметноста и во спортот, насекаде. Ни требаат оние храбри луѓе кои ќе предводат и кои ќе го отворат патот. Луѓе кои ќе ги имаат сите вредности, што вие ги совладувавте во текот на оваа краткотрајна обука, од која на крајот ќе сфатите дека желбата за моќ доаѓа и си оди, тоа е минливо, но вистината и праведливоста се вечни и остануваат. Потрагата по вистината и по праведливоста е она што ќе ве принудува во животот да правите добри дела. Доколку по оваа обука успеете да донесете радост макар на еден човек, оваа мисија е успешна. Македонија заслужува вакви лидери, и ние сме горди што успеавме да придонесеме да бидете уште подобри. Младите луѓе го менуваат светот, ние сме тука само да им го покажеме патот,“ додаде претседателот Иванов. Четириесетина млади луѓе од Македонија имаа можност во текот на изминатите десет дена да слушаат предавања, да разменат мислења и да дискутираат со околу 30 предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, политичари и парламентарци од европски земји, претседатели на успешни компании и бизнис-групации. За Весна Попоска, која беше дел од групата млади лидери што ја посетуваа Школата, добивањето на сертификатот го означува завршувањето на многу тежок, интензивен процес на десетдневна обука од врвен карактер, но и непроценливо животно искуство. „Имавме можност да слушнеме дел од најдобрите светски лидери, кои беа тука не само да нè научат, туку и да нè инспирираат и мотивираат. За мене беше одлична можност да увидам дека во Македонија има потенцијал, многу млади луѓе кои можат да преземат водство,“ изјави Попоска споделувајќи ги своите искуства и впечатоци од школата. Таа нагласи дека во текот на обуката приизлегле и конкретни иницијативи, проекти за кои искрено верува дека барем дел од нив ќе бидат реализирани. „Преку совети и впечатливи лекции се здобивме со силни знаења и животни искуства од бизнис-секторот од цела Европа. Тие искуства треба да ги спроведеме целосно во комапниите, администрацијата и невладиниот сектор од кои доаѓаме, а истовремено да бидеме пример за нашите пријатели, нашите семејства. Секој од нас треба да биде пример за лидерство. Да бидеме лидери без титула, затоа што лидери со титула се определени личности, а лидери без титула сме сите ние,“ рече Борче Илиоски, еден од овогодинешните учесници.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вечерва на свечена церемонија им ги врачи сертификатите на учесниците во втората Школа за млади лидери, што под негово покровителство се одржа во Охрид.










