|
Средба со албанскиот претседател Топи за време на УНЕСКО самитот во Србија
|
|
|
Во рамки на 9-иот Самит на претседатели на земји од Југо-источна Европа, чиј домаќин оваа година е Србија, претседателот Иванов оствари билатерална средба со неговиот албански колега Бамир Топи. Водечка констатација и на двајцата претседатели беше дека двете земји негуваат одлични односи, засновани на заемно помагање и конструктивност.
Претседателот на Република Албанија Топи изрази силна поддршка за зачленувањето на Македонија во НАТО, како и подготвеност за соработка на патот на евроинтеграцијата, што е цел на двете соседни земји.
Претседателите Иванов и Топи го реафирмираа заклучокот од Охридскиот самит во јули годинава, на кој учествуваа Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, а тое е да продолжат да се охрабруваат владите на двете земји да ги максимализираат напорите за реализација на заеднички проекти во инфраструктурата, енергетиката и еко-системите.
Во однос на претстојниот попис на населението, што наесен ќе биде спроведен во Албанија, албанскиот претседател Топи истакна дека земјата ги гарантира правата на сите поединци за слободно изразување на волјата и националната припадност, укажувајќи дека нема простор за загриженост и дека тој нема да дозволи никаква форма на притисок.
Претседателот на Албанија ја прифати поканата напролет да дојде во возвратна официјална посета на Македонија. Претседателот Ѓорге Иванов беше официјално во Тирана во март оваа година.
|