Новости
Лидерите на земјите од регионот од Мостар порачаа да се сочува и штити културното наследство
Недела, 03 Јуни 2012

Овие самити успеаја да ги релаксираат меѓусоседските односи и со тоа да се допринесе кон стабилизација на целиот регион. Лидерите на државите од југоисточна Европа се согласуваат дека регионалната соработка е најдобар докажан начин за да се остварат стратешките цели, а тоа се членство во НАТО и ЕУ, кои се предуслов за трајна стабилност и просперитет на регионот.

Ова е заклучокот од заедничката прес-конференција на лидерите на земјите од регионот кои два дена во Мостар учествуваа на 10-тиот УНЕСКО самит посветен на „Верското и културно-историското наследство како основа за интензивирање на соработката меѓу државите“, на кој меѓу главните говорници беше и македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов.

Првиот ваков самит во рамки на форумот „Дијалог меѓу цивилизациите“, поттикнат од Република Македонија, беше оддржан во Охрид во 2003 година на иницијатива на поранешниот претседател Борис Трајковски.

Во рамки на самитот едногласно беше усвоена декларација со која лидерите се обврзаа дека секоја од земјите ќе го штити кулурното наследство на својата територија и ќе ја интезивираат соработката против нелегалната трговија со артефакти и друго историско културно наследство, како и дека ќе бидат посветени на негувањето на мирот, разбирањето, довербата и соработката во ЈИЕ, градејќи просперитетна заедничка европска иднина.

„Овие средби ни помогнаа многу во промена на сликата на Балканот. Прво да ја зајакнеме меѓусебната соработка, во сфери кои се од заеднички интерес, како во културна, така и во економска и политичка смисла,“ истакна претседателот Иванов на прес-конференцијата по завршувањето на самитот.

Односите меѓу земјите, нагласи претседателот, долго време беа оптоварени со историски предрасуди. Долго време, па и се уште, се занимаваме со минатото, наместо со иднината.

„Само преку дијалог можеме да ги надминеме предрасудите, конфликтот и стравот од различностите. Тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира се гетоизира, оптоварувајќи се со измислени непријателства,“ додаде шефот на државата.

На новинарско прашање како ги коментира обвинувањата од лидерот на Нова Демократија Андонис Самарас дека заедно со премиерот Никола Груевски ја дестабилизират безбедноста и стабилноста на Балканот, претседателот Иванов нагласи: „Ако станува збор за изјава на лидер на партија кој заедно со Слободан Милошевиќ пред 20 години црташе нови граници на картите на Балканот, тогаш немам коментар.“

Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ констатираше голем степен на согласност на сите кои учествуваа на самитот, за тоа дека културата, како и верското и културно-историското наследство можат да има значајна улога во продлабочување на добрососедските односи меѓу земјите.

Повторно изградивме политички дијалог и добрососедски односи, истакна албанскиот претседател Бамир Топи, нагласувајќи дека земјите од регионот се горди на тоа и дека денешниот самит е посветен токму на надградување на односите.

„Од тој аспект сакам уште еднаш да нагласам дека сите ’актери’ треба бидат присутни тука кога разговараме во духот на толеранцијата и обновувањата на спомениците кои му припаѓаат на целото човештво,“ нагласи албанскиот претседател Топи.

Со заедничката прес-конференција на лидерите на земјите и останатите високи гости во Мостар заврши дводневниот самит. Следната година, на десет-годишнината од одржувањето, домаќин на овој настан поддржан од УНЕСКО ќе биде Република Македонија.

 

Во Мостар потврдени добрите меѓусоседски односи – средби со Вујановиќ, Изетбеговиќ, Топи и директорот на УНЕСКО, Бокова
Сабота, 02 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вечерва во Мостар, на маргините на 10-тиот УНЕСКО регионален самит на шефови на држави на ЈИЕ, оствари одделни билатерални средби со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ и со претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ.

Теми на кои претседателите на средбите разговараа се засилувањето на регионалната соработка, европските и евроатланските интеграции и внатреполитичките состојби.

На средбата со Изетбеговиќ, на маргините на самитот, претседателот Иванов изрази целосна подготвеност за поддршка на интеграциите и целовитоста на БиХ, истакнувајќи дека секоја промена на границите може да биде ризик по стабилноста на регионот.

Двајцата соговорници ја утврдија идната динамика на средбите на највисоко политичко ниво и изразија задоволство од позитивниот тренд на трговска соработка. Изетбеговиќ на средбата со Иванов го пофали функционирањето на НБРМ во услови на економска криза.

Во разговрите со црногорскиот претседател Вујановиќ, шефот на државата ја истакна потребата од интензивирање на регионалната соработка со акцент на инфраструктурата и поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10.

Во рамки на самитот, претседателот Иванов оствари билатерална средба со албанскиот колега Бамир Топи, на која беше потврдена досегашната успешна соработка меѓу двете земји. Македонскиот претседател искажа благодарност за поддршката на НАТО Самитот во Чикаго и доби уверување дека Албанија и натаму во интерес на стабилност на цел регион силно ќе ја поддржува Македонија и останатите земји за членство во НАТО.


Шефот на државата вечерва оствари средба и со генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, на која изрази задоволство од одличната соработка меѓу Република Македонија и светската организација.

Бокова упати честитки за иницијативата на Македонија за одржување вакви форуми, која, како што рече, УНЕСКО силно ја цени и поддржува. На средбата е договорена и идна соработка, како и коорганизација на следниот самит кој треба да се одржи во Македонија идната година.

Директорката на УНЕСКО ја прифати иницијативата на претседателот Иванов, идниот да биде самит на конкретни резулатати, како и предлогот на претседателот следниот состанок да биде посветен на созадавање млади лидери и за иднината за младите.

Претседателот Иванов во Мостар учествува на самитот на шефови на држави од ЈИЕ на тема „Верското и културно-историското наследство како основа за интензивирање на соработката меѓу државите“, на кој ќе се обрати на првата пленарна сесија. Првиот ваков самит во рамки на форумот „Дијалог меѓу цививлизациите“, беше оддржан во Охрид во 2003 година на иницијатива на поранешниот претседател Трајковски.

Досегашните вакви самити беа фокусирани на меѓурегионалниот и меѓуетничкиот дијалог, културните коридори на ЈИЕ, културните различности и нивно менаџирање и музиката како метафора за културниот дијалог.

Проектот „Дијалог меѓу цивилизациите“ кој е поддржан и од УНЕСКО, во 2013 година, по 10 години од воспоставувањето, повторно ќе биде реализиран во Република Македонија.

 

Претседателот Иванов положи цвеќе на спомен-обележјето на Трајковски на Ротимље, Мостар
Сабота, 02 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска положи цвеќе на спомен-обележјето на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски на Ротимље близу Мостар, на местото каде во 2004 година во трагичната авионска несреќа животот го загубија претседателот и осум членови на неговиот кабинет.

Претседателот Иванов во босанскиот град учествува и ќе се обрати на 10-тиот УНЕСКО регионален самит на шефови на држави на југоисточна Европа, во рамки на форумот „Дијалог меѓу цивилизациите“, за прв пат инициран од Република Македонија во 2003 година.

Шефот на државата денеска кај Ротмиље беше придружуван од главниот секретар на Претседателството на Босна и Херцеговина и од македонскиот медицински тим од кампот „Бутмир“ во Сараево, кој е дел од мисијата Алтеа 12.

Медицинскиот тим изрази голема благодарност за поддршката од македонскот претседател и вети максимум и во нивниот натамошен ангажман во кампот.

Македонскиот претседател вечерва на маргините на самитот ќе оствари средби со претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ и албанскиот колега Бамир Топи.

Во текот на утрешниот ден, шефот на државата ќе се обрати на првата пленарна сесија на регионалниот самит, со централна тема „Верското и културно-историското наследство како основа за интензивирање на соработката меѓу државите“.

 

Меѓу децата не постојат предрасуди – караванот за јакнење на заедништвото преку спортот денес во Скопје
Четврток, 31 Мај 2012

Под покровителство на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска од плоштадот „Македонија“ започна спортско-културната манифестација, дел од проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“.

Дефилето на над 300 ученици од шест општини, продолжи кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, каде учесниците од различни етнички и културни средини имаа прилика да се запознаат со основите на христијанската религија, историјата и значењето на Соборниот храм, процесот на неговото градење и оплеменување со фрескописи.

Последната точка на спортскиот младински караван беше фудбалското игралиште на ФК „Работнички“ во Градскиот парк, каде се реализираше спортски тренинг подготвен од УЕФА.

Проектот, кој во текот на изминативе два месеци се спроведува во шесте партнерски општини, има за цел да им овозможи на учениците од основно образование преку спортски активности, дружење, комуникација и посета на локални културни знаменитости, подобро да се запознаат со своите врсници кои потекнуваат од различни културни или етнички заедници, да го развиваат духот на заедништво и меѓусебно разбирање и почитување.

Претседателот Иванов на плоштадот „Македонија“ каде што почна дефилето, нагласи дека преку оваа акција им се овозможува на младите да спортуваат, интензивно да се дружат, но и подобро ја запознаваат својата татковина.

„Почнавме во Прилеп и денес стигнавме во општина Центар, со децата кои преку овој проект се запознаваат и забавуваат. Се чувствува потребата на децата да се дружат меѓу себе и можеме јасно да видиме дека меѓу нив не постојат предрасуди,“ истакна Иванов.

Шефот на државата посочи дека со денешната посета на Соборниот храм сите дечиња ќе дознаат за основните вредности на христијанството. Тој информираше дека идната недела, кога караванот ќе престојува во Тетово, ќе ја посетат и Шарената џамија, каде ќе имаат можност да се запознаат и со основните вредности на исламот.

„Тоа е голема предност, токму поради фактот што Република Македонија е земја на различности,“ посочи Претседателот.


Градоначалникот на општина Центар, и домаќин на денешната манифестација, Владимир Тодоровиќ, истакна дека општината секогаш ќе ги поддржува и ќе учествува во организација на вакви настани.

„Со посебно задоволство учествуваме во овој проект и во сите слични иницијативи кои имаат за цел да ги претстават традициите на сите етнички заедници во Република Македонија“, додаде градоначалникот Тодоровиќ.

Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал“, во партнерство со општините вклучени во неговата реализација Прилеп, Тетово, скопски Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и Врапчиште.

Ораторството се вежба на настава, а не на испит – средба со најдобрите студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип
Вторник, 29 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во својот Кабинет ги прими студентите со највисок просечен успех од факултетите по општествени науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.

Како што нагласи претседателот Иванов, постојаното унапредување на квалитетот на образованието е од исклучително значење, и за таа цел неопходно е да се земат превид мислењата и сугестиите на студентите, идните академски граѓани на Република Македонија, од кои директно зависи иднината и развојот на нашето општество и држава.

За време на дво-часовната средба со Претседателот, 20-мината најдобри студенти од општествените науки ги изложија своите видувања, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и предлозите за подобрување на одредени процеси и состојби во високото образование.

Благица Панова, студент на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ изрази задоволство од студиите, посочувајќи дека по завршувањето студентите од овој факултет имаат можност да се запишат на втор циклус студии во странство, а дипломите им се признати ширум светот. Таа додаде дека постои можност за мобилност на студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ во други светски универзитети.

Според Панова, Болоњскиот кредит трансфер систем во целина е добар но, како што посочи, единствено недостасува усното испрашување на студентите, бидејќи се полага само писмено.

„Од друга страна е добро што се прават семинарски трудови кои можат да се презентираат усно, како и можноста да се користат преводи на многу наслови од светската литература,“ истакна студентката од Економскиот факултет, Благица Панова.

Претседателот Иванов посочи дека практиката според која студентот мора да меморира, а професорот да констатира, веќе се искоренува. Новиот Болоњски систем, бара поголема интерактивност. Студентот однапред ги добива материјалите и се подготвува за часот, на кој заедно со професорот ќе ја совлада планираната материја, преку дискусија и анализа.

„Ораторството се вежба на настава, а не на испит,“ нагласи претседателот Иванов.

На средбата со Претседателот се разговараше и за потребата од поголема специјализација на професионалните профили. Денес, предочи Претседателот, Европа се соочува со вишок од општи профили на дипломирани студенти, така што европските земји се во позиција да насочуваат обемни финансиски средства на дообучување на кадрите, и отворање можности за имплементација на нивното знаење на пазарот, а со тоа и одржување на високо ниво на вработеност.

„Затоа, во практика, овој концепт се менува кон профилирање на специјализирани професии. Со системот на кредит-трансфер, студентот сам го креира својот профил и насоката во која ќе специјализира,“ истакна претседателот Иванов.

Студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, посочија дека е неопходна подобра организација на задолжителната пракса, затоа што не е возможно сите да ја реализираат праксата исклучиво во летен период, кога е предвидена. Иако некои факултетки библиотеки, како што е Економскиот факултет, изобилуваат со преведена стручна литература, преку програмите поддржани од Владата, голем дел од студентите од другите факултети забележаа дека библиотеките не се доволно богати со книги и стручни списанија.

Ова е трета од серијата планирани средби на претседателот со студентите од сите универзитети во Република Македонија. Во март годинава претседателот Иванов ги прими најдобрите студенти од општествените науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а кон почетокот на мај и студентите од Универзитетот на Југоисточна Европа, Тетово.

Студентите од двата универзитети кои веќе се сретнаа со Претседателот беа едногласни во ставот дека за нив е голема чест што тој покажа интерес и грижа за нивниот студентски живот и секојдневие, како и за наставната програма по која што го надградуваат своето знаење.

Претседателот Иванов им честита на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, истакнувајќи дека го радува фактот што отворено зборуваат за проблемите и предизвиците, што укажува на нивната подготвеност да придонесат кон унапредувањето на севкупниот образовен систем.


Можеме да бидеме горди на подготвеноста на македонските војници – претседателот на меѓународна воена вежба на Криволак
Понеделник, 28 Мај 2012

„Можеме да бидеме горди на нашите војници и на нивната подготвеност заедно со другите армии да настапуваат во вакви сложени воени мисии. АРМ е подготвена за сите операции каде што ќе биде поканета и ги следи сите нови зафати. Нашата определба е да ги негуваме и да опстојуваме на нашите стратешки цели,“ – истакна претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов,  кој денеска заедно со министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески и командантот на Командата на НАТО од Мадрид, Алфредо Кардона, присуствуваше на досега најголемата меѓународна вежба „Кооперативна долга стрела/Лансер 2012“, на армискиот полигон „Криволак“.

На новинарско прашање дали по Самитот на НАТО во Чикаго, Македонија повторно ќе се обрати до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, претседателот Иванов дециден дека добивме пресуда и таа мора да се почитува, додека правниот тим ги следи сите можни аспекти, земајќи го предвид фактот дека повторно се соочуваме со прекршување на времената спогодба од страна на Грција.

„Правниот тим кој беше ангажиран ги следи сите настани и ќе биде направено она што е во најголема корист за Република Македонија,’ нагласи претседателот Иванов.

На присутните на армискиот полигон „Криволак“ им беа прикажани секвенци од вежбата со демонстрација: премин преку критична точка, патролирање во урбана средина, постапка со импровизирана експлозивна направа на пат и обезбедување на база. Со тоа успешно се заврѓи вежбата која во изминатите десет дена се реализра на „Криволак“. Како што нагласи министерот Бесими, македонската бригада доби позитивни оценки и е подготвена да учествува во рамки на мировните сили на ЕУ.

Основна цел на вежбата беше зголемување на нивото на интероперабилност и готовност на единиците, обука на штабниот персонал според НАТО стандардите, како и оценување на декларираните единици на АРМ според Концептот за оперативни способности.

Во вежбата „Кооперативна долга стрела/Лансер 2012“ учествуваа околу 2.200 војници, од кои 1.697 припадници АРМ,  додека останатите се припадници на армиите на Азербејџан, Австрија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Грузија, Ерменија, Казахстан, Молдавија, Србија, Украина, Црна Гора и Швајцарија, како земји членки на Пактот за мир, додека од земјите членки на НАТО учествуваа припадници на армиите на САД и Шпанија.


 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 138 од 198