Новости
Македонскиот и еврејскиот народ имаат долга заедничка традиција – средба со Претседателот на Светскиот еврејски конгрес
Вторник, 11 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со Претседателот на Светскиот еврејски конгрес,  г-дин Роналд Лаудер, придружуван од делегацијата составена од  генералниот секретар на еврејските заедници во Германија, г-дин Штефан Крамер и почесниот конзул на Израел во Република Македонија, г-дин Виктор Мизрахи.

На средбата беше изразено взаемно задоволство од досегашниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Државата Израел, кои се карактеризираат со висок степен на пријателство, меѓусебно разбирање и соработка.

Македонија, како што нагласи претседателот Иванов, придава големо значење на Еврејската заедница во нашата земја, а еврејскиот и македонскиот народ имаат долга заедничка традиција. Претседателот потсети дека еден од основачите на македонското револуционерно движење за ослободување на Македонија беше Рафаел Камхи, македонски Евреин од Битола. Нашата земја посветува посебно внимание да го зачува споменот на македонските Евреи кои беа жртви на Холокаустот. Токму затоа, нагласи претседателот Иванов, во знак на почит и сеќавање, минатата година во Скопје беше отворен Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија – еден од четирите такви центри во светот, покрај оние во Ерусалим, Њујорк и Берлин.

Претседателот на Светскиот еврејски конгрес, г-дин Лаудер, истакна дека целиот еврејски народ во светот особено ја цени изградбата на Меморијалниот центар, како и односот на Република Македонија кон еврејската заедница која што живее тука. Токму затоа, Евреите насекаде во светот ја поддржуваат Македонија во напорите за остварување на нејзините стратешки цели и определби, како што се евро-атланстките интеграции.

Претседателот Иванов ги најави плановите за одржување на Министерски состанок на државите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа во март 2013 година, за одбележување на 70 годишнината од Холокаустот во Македонија. Тој изрази очекување дека Израел, исто така, ќе го поддржи овој настан.

На средбата стана збор и за економските потенцијали на Република Македонија, како и условите овозможени за странските инвеститори. Двајцата соговорници изразија надеж дека во блиска иднина ќе се реализира засилена економска соработка, како и вложувања од страна на израелски и еврејски инвеститори во Република Македонија.


Третата е деценија на генерациите родени во слобода – Свечено одбележување на Денот на независноста
Сабота, 08 Септември 2012

Денот на независноста на Република Македонија, 8 септември, кога одбележуваме 21 година од осамостојувањето и почетокот на демократскиот развоен пат, беше прославен и во претседателската Вила Водно. Над сто основци од повеќе училишта од Македонија, заедно со претседателот Иванов и неговата сопруга, го проследија менувањето на знамето пред претседателскиот кабинет.

Гардиската единица на АРМ на, веќе, традиционален начин изврши замена на знамето на Република Македонија пред Кабинетот на Претседателот, додека учениците заинтересирано по тактот на војничкиот барабан ја следеа церемонијата. Младите граѓани на Република Македонија имаа можност да го разгледаат работниот простор на Претседателот и да поразговараат со него. На секој од нив претседателот Иванов им врачи симболични празнични подароци за Денот на независноста.

Одбележувањето продолжи во Македонската опера и балет, каде претседателот Иванов приреди вечерна Свечена академија. Претседателот на почетокот од своето обраќање коешто го проследија претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министри, претставници на политичките партии, верските заедници, допломатскиот кор во земјата, повтори дека земјата ќе биде онаква како што самите ја создаваме, посочувајќи на глобалната ситуација и во економска и во безбедносна смисла, која, како што рече, не може да ја одмине ниту Република Македонија, како и дека наша обврска е да го подготвуваме македонското општество за сè она што нè очекува.

„Тоа е наша одговорност. Одговорност од секој поединец, без разлика на неговата етничка, религиозна или која и да е припадност. Одговорност од секоја заедница, од секоја политичка партија. Одговорност од секоја институција, почнувајќи од мене како претседател, од власта, опозицијата, судството, администрацијата, медиумите, цивилното општество. Едноставно, секој има свој влог и одговорност во реализацијата на стратешките цели. На тој пат, нема место за изговори и избегнување на обврските и одговорностите“, нагласи претседателот Иванов.

Третата деценија на независна Македонија мора да е деценија на успеси. Деценија на генерациите родени во слобода кои преку својата работа, посветеност и оптимизам, треба да ја доживеат благосостојбата тука во Македонија, истакна претседателот Иванов по повод Денот на независноста 8-ми Септември.

„Секој ден кој го живееме во независна Македонија е ден на независноста. Независност која ќе ја зачуваме, унапредиме и предадеме на поколенијата само ако не отстапуваме од темелите на вредностите на нашата заедничка татковина. Гордост и обврска е да се биде Македонец, гордост е да живееш во Македонија, гордост и обврска е да си граѓанин на Република Македонија, без разлика на етничка, религиозна или каква било припадност,“ посочи македонскиот претседател.

Во својот говор Иванов најголемо внимание им посвети на генерациите родени во слобода. Генерациите родени во независна, суверена и самостојна Македонија.

„Тоа се генерации кои сами ја создаваат претставата за себе и за Македонија. Тоа се генерации кои веќе не робуваат на претставите за Македонија создавани од други. На сите граѓани на Македонија треба да им овозможиме натпревар на резултатите на нивниот ум и на нивниот труд. Нив мора да ги подготвиме да се соочат со предизвиците кои ги носи животот во 21 век, рече Иванов.

Според претседателот Иванов - каква Македонија ќе создадеме, таква ќе ја имаме, а наша обврска е да го подготвуваме македонското општество за сé она што нé очекува. Тоа е наша одговорност!

Свечената академија беше збогатенена со гала-оперски концерт со дела од македонската и светската оперска литература во изведба на оперски солисти и оркестарот на МОБ. Свеченото прославување на 21 година од независноста кулминираше со голем концерт на Градскиот стадион – Арена „Филип Втори“ во Скопје, на кој најголемите балкански и македонски поп-ѕвезди како специјални гости на познатите музичари Тавитјан, изведоа голем број македонски традиционални песни.

Претседателот Ѓорге Иванов и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска попладнето во скопскиот ресторан „Пелистер“ се сретнаа со музичарите кои настапија на концертот по повод прославата на независноста на Република Македонија.
 

Од интеграцијата на Македонија корист ќе има целиот регион – средба со претседателот на Советот на ЕУ, Ван Ромпуј
Среда, 05 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Брисел оствари средба со првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, со кого главна тема на разговорите беше европската перспектива на Македонија како кандидат за членство на Унијата уште од 2005 година.

„Ги поздравувам досега спроведените реформи и ги охрабрувам напорите во врска со слободата на изразување, изборната реформа и меѓуетничките односи. Внатрешната стабилност и помирувањето за земјата, но и за регионот, остануваат најважни сегменти. Затоа сакаме целосна имплементација на Охридскиот договор и силно го поддржуваме духот и словото на овој договор, кој е од есенцијално значење за демократијата и владеењето на правото,“ изјави претседателот на Европскиот совет по средбата со претседателот Иванов.

Ван Ромпуј истакна дека со македонскиот претседател се согласија за важноста од продолжување на силниот фокус кој Македонија го има на патот кон ЕУ, посочувајќи ја важноста од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) што македонската Влада го води со Европската комисија.

Претседателот на Европскиот совет посочи дека со претседателот Иванов разговараа и за прашањето за името, при што ја нагласи релевантноста на добрососедските односи во пристапниот процес кон ЕУ, како и дека ги охрабрува двете држави да продолжат со преговорите со цел изнаоѓање на заеднички прифатливо решение.

„Затоа што регионалната соработка е суштинска за европската интеграција и во овој контекст го поздравувам претседавањето на вашата земја со Процесот на соработка во Југоисточна Европа. ЕУ останува целосно посветена на европска иднина на земјата и ја поздравувам силната јавна поддршка за ЕУ. Затоа сум убеден дека целта ќе ја постигнете откако ќе се реши прашањето за името,“ посочи првиот човек на Советот, додавајќи дека тој е подготвен да помогне, но дека е потребно е да бидат исполнети и неопходните реформи и критериуми.

„Се надевам дека сите земји од регионот, вклучувајќи ја и вашата земја господине претседателе, ќе продолжат на патот кон ЕУ. Иднината на вашата земја е во Европа,“ му се обрати Ван Ромпуј на македонскиот претседател.

Претседателот Иванов, пак, изјави дека на средбата со Ван Ромпуј дискутирале за неговите вчерашни средби со преставниците на Европската комисија и Европскиот парламент. Притоа, македонскиот претседател на Ван Ромпуј му ги пренесе очекувањата во Македонија дека сè што досега е постигнато ќе биде нотирано во октомврискиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во евроинтеграцијата.

„Од страна на Европскиот совет, како институција чија улога високо ја почитуваме, очекуваме динамизирање на процесот на евроинтегрирање на Македонија. Искажав благодарност за сè што досега е направено за нашата земја во тој правец. Со Ромпуј разговаравме за многу прашања, како што се реформските процеси и обврските што ние како држава ги превземаме, како и желбата да се деблокира процесот на нашите евроинтеграции,“ посочи претседателот Иванов.

Тој, исто така, додаде дека со претседателот на ЕС отвориле и прашања за состојбите во регионот. При тоа претседателот Иванов му укажа дека целта на Македонија е до крајот на годината да добиеме датум за почеток на преговорите, што би било силна порака и за другите земји во регионот кои истиот европски пат го имаат на својата агенда. Македонскиот претседател му укажа на својот соговорник дека од ЕУ се очекува да направи сè што е во нејзина моќ за да помогне заедно да се реализираат ваквите цели, од што корист ќе има целиот регион и нашиот јужен сосед. Во таков случај, според претседателот Иванов, Грција ќе има сосед со европски стандарди, критериуми и принципи.

„Оваа политика на блокади што ние најмногу ја чувствуваме, не дава резултати, ниту придонес за целиот наш регион да ја живее агендата на европската иднина и да почувствува она што е корист од евроинтеграциите, оти тоа е единствен процес кој нè принудува доброволно да менуваме институции, навики и како да ја гледаме нашата иднина. Затоа побарав од Ван Ромпуј негов личен анагажман да се надминат овие блокади што долги години ги имаме и да добиеме она што заслужуваме, ни помалку ни повеќе од другите земји што биле со ист статус како и нашиот,“ додаде претседателот Иванов, кој на крајот на средбата го покани претседателот на Советот на ЕУ идната година да ја посети Македонија и да присуствува на состанокот на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, што ќе се одржи во Охрид.

Според претседателот Иванов, првиот човек на Европскиот совет таму ќе може лично од лидерите на земјите од нашиот регион да се запознае со новиот амбиент кој се создава.

Со завршувањето на средбата со претседателот на Европскиот совет, заврши работната дводневна посета на претседателот на Република Македонија на Брисел и средбите со највисоките преставници на НАТО и ЕУ, која се оценува како успешна.


Шулц со порака: Додека сум јас претседател на Европарламентот, Македонија секогаш ќе ја има мојата поддршка
Вторник, 04 Септември 2012

Додека сум јас претседател на Европскиот парламент, Република Македонија секогаш ќе ја има мојата поддршка, му порача првиот човек на Европскиот парламент, Мартин Шулц на македонскиот шеф на државата Ѓорге Иванов на средбата попладнево во европскиот законодавен дом.

Како што истакна претседателот Иванов на прес-конференциајта по средбата, меѓу темите на разговор беше и улогата на Европскиот парламент во евроинтегративните процеси на нашата земја и довербата што оваа институција ја има меѓу македонските граѓани.

„Во ЕП гледаме институција која е голем пријател и поддржувач на Македонија и на процесот на проширување на Европската унија. Европарламентот е институција која континуирано и безрезервно го поддржува отпочнувањето на преговори за членство на Македонија во Европската унија. Доказ за тоа се резолуциите кои со големо мнозинство се усвојуваат во Парламентот, што секоја година ни даваат надеж за остварување на нашата стратешка цел, а тоа е да станеме членка на ЕУ,“ изјави претседателот Иванов, кој притоа се заблагодари за тоа што ЕП искажува посветеност на една чувствителна тема во своите извештаи, како што е користењето на придавката „македонски” за нашиот јазик и нација.

„За нас е од особено значење употребата на идентитетската одредница која кај македонските граѓани создава позитивен амбиент кон Европскиот парламент. Ние имаме надеж дека одредени позитивни примери на кои Европскиот парламент посветува внимание, како што беше случајот на Словенија и Хрватска, ќе послужат за да се најде решение да не се блокира процесот на евроинтеграции и во нашиот случај со Грција. Тука очекуваме помош и од нашите европратеници и групата ’Пријатели на Македонија’ од Европарламентот, за после толку години чекање и четири позитивни пропораки од Европската комисија - да добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ,“ нагласи претседателот Иванов.

Шулц, од друга страна, посочи дека на неговата прва официјална средба со македонскиот шеф на државата имале пријателска размена на гледишта. Притоа, претседателот на Европарламентот додаде дека ја прифатил поканата на Иванов, за наскоро и официјално да ја посети нашата држава.

„Европскиот парламент секогаш ја поддржува идејата и начинот на кој секоја држава, порано или подоцна, станува член на ЕУ. Има многу проблеми кои заеднички можеме да ги решиме на тој пат. Утре, претседателот Иванов ќе има средба со првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј. Тоа е човекот кој дискутира со земјите-членки на ЕУ. Јас, како преставник на европскиот народ, можам да потврдам дека мнозинството европратеници сакаат да видат вашата земја еден ден да стане дел од ЕУ,“ потенцираше Шулц, притоа заблагодарувајќи се за големата поддршка што Европарламентот ја има во Македонија.

Во врска со тоа дали Европарламентот има механизам и волја да го деблокира процесот за евроинтеграција на Македонија и да ја натера Грција да не го блокира влезот на Македонија во ЕУ, Шулц со одговор дека ЕП сака да ја види Македонија наскоро да стане член на Унијата.

„Знаеме со кои пречки се соочува вашата земја, но ја знаеме и ситуацијата на Грција. Новата Влада во Атина се соочува со големи економски и административни проблеми. Јас му посочив на претседателот Иванов дека неговата земја е симбол на мултиетничко општество и нам во ЕУ ни давате надеж со тоа,“ одговори претседателот на ЕП.

На новинарско прашање како ги оценува денешните средби со Расмусен, Филе и Шулц при неговата тридневна посета на Брисел, претседателот Иванов истакна дека оваа посета е во пресрет на извештајот на Европската комисија за Македонија.

„Очекуваме извештајот да биде реален и објективен и да содржи сé што превземавме во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), кој дава резултати и се чувствуваат промени во македонското општество. Очекуваме и овој извештај да е позитивен и да ја нотира сета заложба што ја правиме во Македонија во процесот на евроинтеграции. Од сите сребди увидов дека се почитува тоа што го правиме и што сме го постигнале во одредени области. Македонија е позитивен пример како и други земји треба да се однесуваат,“ нагласи претседателот Иванов, уште еднаш порачувајќи дека очекува Македонија во декември да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Со утрешната средба со претседателот на Советот, Ван Ромпуј, претседателот Иванов ја завршува официјалната посета на Брисел.

Членството на Македонците во ЕУ ќе го зајакне самиот процес на проширување – средба со еврокомесарот за проширување Филе
Вторник, 04 Септември 2012

Македонци, македонски граѓани, македонски интеграции, наместо „државјани на ФИРОМ, вашите граѓани и вашата интеграција“. Ова се пораките кои по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, денеска на прес-конференција ги испрати еврокомесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, што индиректно се смета за потврден одговор на прашањето дали во октомврискиот извештај на Европската комисија ќе се најде место за одредницата „македонски”.

По средбата со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен и неговото признание на неа дека во решението на наметнатиот спор за името со Грција не смее да се задира во македонскиот идентитет и јазик, претседателот Иванов попладнево успеа да издејствува позитивни тонови и од еврокомесарот.

Комесарот Филе, не даде директен одговор дали одредницата „македонски” во врска со нацијата и јазикот на кој се говори во Македонија ќе се најде во октомврискиот извештај, потенцирајќи дека ислушал се што македонскиот претседател имал да му каже во врска со тоа.

„Двајцата се фокусиравме на суштината што треба да се направи за вашата земја да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и тоа да се случи набрзо, а не подоцна. Нема потреба претседателот Иванов да бара од мене поддршка за евроинтегративниот процес на македонската држава, јас го правам тоа оти верувам во проширувањето на ЕУ и верувам дека членството на Македонците во ЕУ ќе го зајакне самиот процес на проширување и од него ќе имаат бенефит сите македонски граѓани. Како и да е, јас немам навика да дискутирам за нешта од извештајот додека истиот е во подготовка,“ истакна еврокомесарот за приширување Филе, додавајќи дека и на разговорот со македонскиот претседател не открил детали од содржината на октомврискиот извештај на Европската комисија.

Тој посочи дека е најважно согледувањата на неговото одделение за проширување во ЕК прво да се најдат пред Колеџот на еврокомесари, пред претседателот Жозе Мануел Баросо, пред земјите-членки и пред земјите-кандидати за членство во Евроспката унија.

Претседателот Иванов, пак, истакна дека во разговорот со еврокомесарот за проширување на Унијата разговарале за сè она што Македонија во моментов го прави како исчекор во евроинтегративните процеси. Тој напомена дека му се заблагодарил на Филе за неговиот удел во придвижувањето на овие процеси.

„Оваа средба ја остваривме во еден значаен период за Македонија, кога земјата е во фаза на исполнување на обврските од Пристапниот дијалог на високо ниво, кој дава резултати и придонесува во Македонија да се чувствува духот на реформите. Затоа и очекуваме позитивен извештај од страна на Европската комисија и деблокирање на процесот за евроинтеграции за нашата земја. Ние сме свесни дека одлуката се носи со консензус, но имаме надеж дека позитивните резултати што Македонија ги постигнува ќе дадат резултат да добиеме датум за почеток на преговори за членство во ЕУ,“ изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател доби потврда од еврокомесарот дека Македонија постигнува релевантни и бројни резултати во повеќе области. Филе го спомена напредокот во делот на спроведувањето на Рамковниот договор, реформите во судството, слободата на изразување во медиумите и во другите сфери. Сето тоа ќе се нотира и ќе биде дел од октомврискиот извештај на Европската комисија.

„Во контекст на наметнатиот спор од нашиот јужен сосед, на комесарот Филе му посочив дека сега имаме нова реалност при што се бара исполнување на преземените обврски и од страна на Грција. Освен тоа што оваа земја не ја исполнува Времената спогодба, сега има и пресуда на Меѓународниот суд на правдата (МСП). Она што го бараат сите членки на ЕУ, го бараме и ние, а тоа е Грција да се однесува одговорно кон преземените обврски. Сето ова треба да го решаваме во процесот кој се одвива под капата на Обединетите нации, но само ако бидеме активни во тој процес ќе дојдеме до решение,“  истакна претседателот Иванов.

Претседателот на Република Македонија повтори дека стои зад својата изјава дека нема да го прими октомврискиот извештај на Комисијата ако во него не стои придавката „македонски”. Сепак, тој потенцираше дека во моментов сме посветени на суштината на извештајот и дали се она што го прави Макеоднија ќе се најде таму. - „Затоа, ние очекуваме позитивен извештај и насочени сме кон неговата содржина. Откако ќе го добиеме, ќе кажеме што имаме да кажеме за она што ќе се најде во него,“ одговори Претседателот.

Еврокомесарот Филе истакна дека имал интересен и пристоен разговор со македонскиот претседател, на кој, како што посочи, беше информиран за најновиот развој на настаните во Македонија.

„Претседателот Иванов ме информираше за неговите и напорите на коалициските партнери во власта за решавање на отворените прашања и наоѓање начин за да се тргне напред. Владата на Македонија има потреба од исполнување на клучните реформи, што се наоѓа во патоказот во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД). Потребни се активности во јакнење на меѓуетничките односи во земјата, целосна имплементација на Охридскиот договор, да се зајакне слободата на изразување, преку декриминализација на клеветата во медиумите, ревидирање на изборната рамка во согласност со меѓународните стандарди,“ изјави Филе, посочувајќи ја регионалната соработка и добрососедските односи како есенцијален дел од процесот за чекорење напред кон ЕУ и, пред сè, решение за прашањето за името со Грција, во рамки на преговорите под капата на ОН.

Во врска со прашањето за името, еврокомесарот порача дека тој му дал целосна поддршка на претседателот Иванов за остварување на билатерални средби и раздвижување на процесот во рамки на ОН. Филе посочи дека имаа жива дебата со Иванов, кој тој исклучително го цени, потенцирајќи ја улогата која Претседателот што ја игра во ситуации кога меѓуетничките тензии стануваат пречка за патот на земјата кон ЕУ.

„Го ценам интересот на претседателот Иванов и неговата одлучност да направи сè биде успешна Третата рунда преговори во рамки на ХЛАД. А, како што реков, таа ќе биде успешна доколку се иполнуваат трите приоритети кои претходно ги споменав,“ посочи еврокомесарот Филе.

На прашање од бугарски новинари дали е загрижен од податокот дека различната презентација на заедничката историја може да резултира со блокада на евроинтегративните процеси на Македонија од страна на Бугарија, претседателот Иванов истакна: - „Европската унија е идеја што нè обединува во иднината. Доста гледавме назад. Пристапуваме кон ЕУ, за со Бугарија да ги спроведуваме европските стандарди, критериуми и принципи. Да ја оставиме историјата на историчарите!”.

На ова, комесарот Филе додаде дека Бугарија е една од државите што ужива во добивката од приклучувањето на ЕУ. – „Знам дека истите бенефити, бугарски власти би сакале да ги имаат и македонските граѓани,“.

Попладнево, претседателот Иванов ќе се сретне со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц во зградата на европскиот законодавен дом, а за утре изутрина е закажана неговата средба со првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, во зградата „Жустус Липсуис” во Брисел.


Средба со Генералниот секретар на НАТО Расмусен: Македонија може да стане НАТО членка и без решение на спорот со Грција
Вторник, 04 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој престојува во неколкудневна работна посета на Брисел, денеска во седиштето на НАТО оствари средба со генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Андерс Фог Расмусен. Пораката која макеоднскиот претседател му ја пренесе на Расмусен се дека  прашањето поради кое сме надвор од НАТО е билатерално и во минатото многу земји и без решавање на билатерални прашања успеале да влезат во Алијансата и во ЕУ, па тоа ни дава и нам надеж дека е можно такво решение. Токму Грција, пред да стане членка на НАТO не ги решила своите отворени прашања со соседите, па сепак станала дел од евро-атлантското семејство, нагласи претседателот Иванов.

Првиот човек на македонската држава посочи дека ако постои волја, постои и начин да се изведе сето тоа. - „Ние бараме од полтичките елити, не од граѓаните на Грција, да имаат желба да најдеме решение. Кај нас постои и ние сме подоготвени. Не ни треба да чекаме Самит на НАТО за да добиеме покана за членство,“ истакна претседателот Иванов.

На средбата со Расмусен, македонскиот претседателот побара поддршка и совет како да се најде излез од статус-кво состојбата, особено по сè појасната игнорантска политика на Грција, која одбива иницијативи и средби. Тој отворено побара мислење како Рамсусен би се однесувал во ваква ситуација, бидејќи е невозможно да се најде решение ако нема дијалог.

Претседателот исто така побара помош од својот соговорник за негов ангажман за постигнување на консензус за покана за Македонија за членство во Алијансата, а како аргумент го навелде ставот: како да постигнеме договор сами со Грција, кога цела Европа не може да се договори со неа.

„Ние не бараме ништо повеќе од тоа што го бараат европските земји од Грција, а тоа е да си ги почитува меѓународно превземените обврски,“ му посочи македонскиот претседател на Расмусен, при што доби уверување од него дека ќе разговара со грчките власти да направат чекор напред.Генералниот секретар на НАТО се согласи со ставот на Претседателот дека секое решение мора да ги почитува и гарантира идентитетските и јазичните одредници, да се почитуваат човековите права, правото на самоидентификација и достоинство.

На средбата беше отворено и прашањето за пресудата на Меѓународниот суд на правдата, при што претседателот Иванов искажа разочараност од изјавите и односот на Расмусен во однос на ефектите од пресудата. Тој нагласи дека пресудата се однесува за однесување на една членка на Алијансата, на Самит на НАТО, а не во рамките на невладина организација. На средбата стана збор и за можностите како да се деблокира процесот во рамки на НАТО, биле разгледани повеќе можни сценарија.

По завршувањето на нивната 45-минутна средба, Иванов и Расмусен излегоа со официјални изјави, при што генералниот секретар на Алијансата му се заблагодари на шефот на македонската држава за големиот придонес во НАТО-операциите и она што го прават нашите трупи во Авганистан.

„Ние ја цениме вашата поддршка и во однос на комуникацијата со мисијата на КФОР на Косово. Ја поздравуваме вашата посветеност во процесот за пристапување во НАТО и силната политичка и народна поддршка за членство во НАТО во вашата земја. Но, морам да кажам дека на Самитот на НАТО во Чикаго, кој се одржа во мај оваа година, ние бевме на чисто со тоа што ја потврдивме нашата отворена покана до вашата земја за членство во НАТО. Ние остануваме посветени на интеграција на целиот регион на Западен Балкан. Политиката на отворена врата и проширување на ЕУ и НАТО го трансформира вашиот регион,“ изјави Генералниот секретар Расмусен, посочувајќи дека сите земји кои досега се приклучиле на Северната алијанса, како и оние кои се во пристапен процес, придонеле за реформи и пат кон подобрување, но и за подобри односи со соседите, владеењето на правото и транспарентноста.

„Ја поздравувам вашата определба за продолжување на реформите и силно се надевам дека заедничко прифатливо решение за името ќе се најде што е можно побрзо во рамки на Обединетите нации. Тоа и го повторивме во Чикаго, дека поканата ќе ви биде дадена кога ќе се најде заедничко прифатливо решение. Иднината на земјите од Западен Балкан е интеграција во евро-атлантското семејство,“ посочи Генералниот секретар на НАТО.

Претседателот Иванов, пак, истакна дека имаа многу конструктивен и пријателски разговор со генералниот секретар Расмусен, при што разговараа за сите аспекти на прашањето што е поставено пред нив.

„НАТО знае дека Македонија е искрен и лојален партнер, дека ги исполнува сите критериуми и очекува заслужена покана за членство во Алијансата. Но, и покрај тоа што нашите очекувања не се исполнија на Самитот во Чикаго, ние не сме обесхрабрени. Продолжуваме со нашата обврска кон НАТО, исполнувајќи ги сите критериуми и стандарди, при што нашата Армија е во целосна компатибилнсот со стандардите на Алијансата,“ беше дециден претседателот Иванов на заедничката прес-конференција со Генералниот секретар на НАТО.

Според претседателот на Република Македонија, очекувањата на Самитот во Чикаго беа засновани на пресуда на Меѓународниот суд на правдата (МСП), но уште пред одржувањето на Самитот било јасно дека нема да добиеме покана за членство, па затоа не охрабри заклучокот дека Чикаго е последен Самит на НАТО без проширување. Тоа дава надеж дека не е прашање дали Македонија ќе стане членка на НАТО, туку кога, истакна претседателот Иванов.

„Ме охрабри и денешниот разговор со Расмусен, кој посочи дека треба да се направат напори за да се дојде до решение за проблемот што го имаме со нашиот сосед. Статус-кво состојбата во нашиот регион е неодржлива. Во конструктивниот разговор со Генералниот секретар баравме начин како да се тргне блокадата на Македонија за пристап кон НАТО. Сега, спортски кажано, топката е кај нашиот јужен сосед, кој треба да си ги почитува преземените обврски и да покаже конструктивност во целиот процес,“ додаде македонскиот претседател, најавувајќи го своето очекување дека и другите членки на НАТО ќе побараат од нивниот партнер да се однесува одговорно кон преземените обврски, кои ако ги почитува, може и да се најде решение за проблемот.

Тој упати апел до членките на НАТО да бидат конструктивни за да се дојде до тој долгоочекуван консензус, кој е неопходен за членство на Македонија во Алијансата.

„Ние сме убедени и сигурни дека НАТО е способен да носи исправни одлуки во многу тешки времиња. Сега е момент да го сторат истото и за Макеоднија, која не заслужува до недоглед да стои пред вратите на Алијансата,“ посочи претседателот Иванов, кој притоа упати покана до ’пријателите од Атина’ да седнат и да разговараат за заеднички да се дојде до решение на проблемот.

„Замислете, 21 година нема средба меѓу македонски и грчки претседател! Јас четири пати го поканувам претседателот на Грција, но тој четири пати ме одбива. Затоа упатувам апел до Грција да почне да постапува одговорно кон нас и да најдеме решение кое е во интерес и на самата Грција, но и на регионот. Ние ги исполнуваме сите критериуми за членство и време е и тоа да го добиеме, а на Балканот да почне да се шири зона на мир и да се надминат долгите периоди на триуми и конфликти. Време е целиот Балкан да живее во мир,“ порача македонскиот претседател.

На новинарско прашање упатено до Генералниот секретар на НАТО, во врска со тоа дали тој очекува Грција да почне да ги исполнува меѓународно преземените обврски и да ја почитува пресудата на Меѓународнито суд на правдата од Хаг, што значи да престане да ја блокира Македонија во нејзините евроатлантски интеграции, Расмусен со одговор:

„Тука има три клучни точки. Јас имам силна желба да ги видам сите земји од Западен Балкан во евроатлатнските структури, во Европската унија и НАТО и сакам да видам прогрес во тој поглед. Навистина имам силна желба да ја видам вашата земја како членка на НАТО, со оглед на тоа што вие ги исполнивте сите потребни критериуми. Но, втора точка е прашањето за името. Сите знаеме дека е многу важно Скопје и Атина да најдат решение во рамки на ОН и ургирам сите лидери да направат екстра напори за наоѓање на прагматично решение. Трето, сето ова зависи од Скопје и Атина во рамки преговорите кои се водат под капата на Обединетите нации. Ние донесовме одлука на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, а тоа е дека сме подготвени да и дадеме покана за почеток на пристапни преговори на вашата земја, веднаш кога ќе биде донесено заедничко прифатливо решение за прашањето за името. Ние сме подготвени тоа да го исполниме. Процесот се одвива меѓу Скопје и Атина и одлуката на НАТО во Букурешт беше поддржана од сите членки на Алијансата. Сите одлуки во НАТО се носат со консензус и ни треба согласност од сите членки за почеток на преговори за членство“, истакна Расмусен.



Претседателот д-р Ѓорге Иванов по разговорите со Расмусен замина на средба со еврокомесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе во Европската комисија, а попладнево треба да се сретне и со претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.


 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 131 од 198