Новости
Претседателот го отвори Европскиот натпревар во претприемништво на Junior Achievement Europe
Среда, 04 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Скопје официјално го отвори Европскиот натпревар во претприемништво, во организација на Junior Achievement - Young Enterprise Europe, кој за прв пат во нашата земја се одржува под негово покровителство.

„Во време на економска криза и на постојан раст на невработеноста кај младите, како една особено ранлива социоекономска категорија, преку овој европски натпревар ќе имаме можност да се увериме дека со правилна едукација и инспирација, не постојат кризи и ограничување за претприемачкото размислување,“ порача претседателот Иванов на отворањето на манифестацијата.

70 млади претприемачи и студенти од 12 европски земји, под менторство на нивните професори и со поддршка од бизнис волонтери, ќе презентираат вкупно 16 бизнис идеи пред меѓународно жири. Овој натпревар е дел од проектот Junior Achievement Start Up Program, кој се спроведува на глобално ниво и во текот на 2011 година мобилизираше над 3.000.000 млади претприемачи.

Целта на натпреварот е да им се овозможи на младите претприемачи да развјат иновативни бизнис концепти, кои ќе ги презенитраат пред меѓународното жири составено од управители на корпорации и фирми, како пред потенцијални инвеститори, од кои секој има по фиктивни 100.000 евра за инвестирање. За најдобрата проект-идеја годинава е предвидена награда од 1.000 евра, како и специјални награди од спонзорите Интел, ТТК Банка и Центарот за поддршка на иноваторството и претприемничкото учење.

На официјалното отворање на натпреварот претседателот Иванов нагласи дека во Македонија интензивно се работи на едукација на младите за развој на претприемачките вештини, и воопшто на потенцијалите во економијата.

„Улогата на ова поле на сите невладини организации е добродојдена, особено кога инволвираат меѓународни мрежи со долгогодишно искуство и успешна практика,“ истакна претседателот Иванов кој ги разгледа презентационите штандови на младите претприемачи од Макеоднија и Европа.

Јасмина Манева, извршен директор на НВО Економско образование на млади – Junior Achievement Macedonia, и домаќин на денешната манифестација, порача дека образованието е еден од главните фактори што може да придонесе за развој на претприемништвото.

„Целите на нашата организација се поттикнување на претприемачките вештини, финансиската писменост и оспособување на младите да влезат подготвени на пазарот на трудот... Натпреварите за најдобар бизнис план се одлична можност за поттикнување на нивната креативност и иновативност, како и мотив да почнат да размислуваат за самовработување во иднина,“ истакна Манева.

Годинава 10.000 студенти од 16 земји од Европа основаа 1.400 стартап бизниси кои беа потпомогнати од 1.500 волонтери и 250 професионални наставници од Junior Achievement - Young Enterprise Europe.

Средба Иванов-Назарбаев: Македонија и Казахстан со конкретни чекори за зајакната економска соработка
Понеделник, 02 Јули 2012

Економскиот бум што го направи Казахстан и приматот што го има како една од најбрзорастечките економии во светот, за Македонија претставува дополнителен мотив за максимизирање на економската соработка и за привлекување на казахстански инвестиции, истакна денеска во Астана македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов на зедничката прес-конфренција со казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбаев.

Претседателот Иванов, кој е во дводневна официјална посета на Република Казахстан, истакна дека на средбата со неговиот домаќин констатирале дека односите меѓу Македонија и Казахстан се традиционално пријателски и се движат по нагорна линија, како и дека сега со потпишувањето на трите договори од економската сфера, се создава правна рамка за соработка меѓу двете економии, од што бенефит ќе почуствуваат граѓаните и на двете земји.

„Жалам што не успеавме порано да воспоставиме контакти. Изгубеното време ќе треба да го надоместиме,“ нагласи македонскиот претседател. Тој воедно посочи дека иако Македонија и Казахстан се географски оддалечени, меѓу двете земји има многу сличности и заедничка желба за сеопфатно развивање на меѓусебните односи.

„И Македонија и Казахстан претставуваат мост на цивилзациска и културна соработка меѓу Истокот и Западот. И двете земји играат значајна и клучна улога во своите региони,“ потенцира претседателот Иванов.

Шефот на македонската држава потсети дека Македонија практично го спроведува Дијалогот меѓу цивилизациите како нејзин регионален проект за промоција на етничките, културните, јазичните и верските различности, и го покани претседателот Назрабев да учествува на следниот Самит на оваа иницијатива.

Македонија е пример за меѓуетнички соживот, благодарејќи на уникатниот модел на интеграција без асимилкација, кој успеавме да го создадеме, сочуваме и надградуваме,“ нагласи претседателот Иванов.

На средбата меѓу двајцата претседатели стана збор и за можностите за соработка и во сферата на културата, науката и образованието, за што - како што нагласи претседателот Иванов - потребно е унапредување на правната рамка, интензивирање на политичкиот дијалог, почести средби, размена на посети и лични контакти. Во тој контекст македонскиот претседател ги изложи и можностите за посети на казахстански туристи на Македонија.

„Ме радува уверувањето кое го добив од Вашиот претседател дека Казахстан ќе биде наш иден и искрен партнер во повеќе сфери,“ истакна претседателот Иванов, додавајќи дека иако стратешки определби на Македонија се полнопрвното членство во НАТО и ЕУ, земјата води политика на пријателство и отвореност кон целиот свет: „и со Истокот и со Западот, со сите што се успешни и искрено и отворено сакаат да соработуваат“.

Назарбаев од своја страна потенцира дека Македонија е можеби еден од најважните пријатели на Казахстан, нагласувајќи го интересот на земјата за зајакнување на економската соработка и односи. Казахстанскиот претседател нагласи дека од нивна страна постои интерес за соработка во сферата на енергетиката, текстилната и фармацевстката индустрија, градежништвото и земјоделството.

Според Назарабаев, од особена важност за зајакнување на севкупните односи меѓу двете земји ќе биде и интензивирање на соработката во сферата на културата, туризмот, образованието и науката.

Во рамките на посетата на претседателот Иванов на Казахстан, заменик-министерот за надворешни работи Зоран Петров, кој е дел од официјалната македонска делегација, потпиша три договори од економската сфера меѓу македонската и казахстанската влада. Заменик-министерот Петров со казахстанскиот министер за финасии Болат Замишев, потпишаа Договор за одбегнување на двојното оданочување и за заштита од фискална евазија по однос на даноците од доход. Со министерот за индустрија и нови технологии Асет Исекешев беше потпишан Договор за заемно поттикнување и заштита на инвестициите, а со министерот за економски развој и трговија, Бакиџан Сагинтав, Договор за трговска и економска соработка.

Својата прва официјална посета на Казахстан претседателот Иванов попладнево ја продолжува со средби со казахстнскиот премиер Карим Масимов и со претседателот на Горниот дом на Парламентот на Казахстан, Сенатот, Каират Мами, а ќе се обрати и на Македонско-казахстанскиот бизнис форум, на кој пред бизнисмените од Казахстан ќе бидат презентирани можностите за инвестирање во Македонија.

Покрај заменик-шефот на дипломатијата Петров, во составот на делегацијата што го придружува претседателот Иванов за време на официјалната посета на Казахстан, е и директорот на Технолошко-индустриските развојни зони, Виктор Мизо.




Македонија покажа како во услови на блокада да се обезбеди просперитет - Форум Кран Монтана во Баку
Петок, 29 Јуни 2012

Македонија досега покажа дека се однесува европски, порача македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов пред учесниците на официјалното отварање на 23-та годишна сесија на Форумот Кран Монтана, што почна денеска во Баку.

Иванов, одговарајќи на прашање за тоа каде ја гледа иднината на Македонија во однос на Европа, нагласи дека ситечленки на ЕУ треба да се замислат зошто државата сеуште не добива датум за преговори за членство во ЕУ.

Тој на претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, кој исто така присуствува на Форумот, му го честиташе најавеното добивање на датумот за преговори, напоменувајќи оти Македонија го заслужува истото.

„Секој секого може да блокира на Балканот. Ние никого не сме блокирале и секој пат Македонија покажувала како треба да се однесува кон другите религии, кон другите етнички и јазички групи и како во услови на блокада да се обезбеди просперитет, истакна претседателот Иванов.

Тој воедно посочи дека Македонија изгради модел на интеграција без асимилација, инклузивен модел на демократија.

„По конфликтот што го имаме во 2001 година, изработивме Рамковен договор, што треба да претставува пример и за самата Европа како треба да се однесува кон различностите. Меѓутоа нашата иднина е блокирана од еден ирационален спор. Како да докажам сега дека јас зборувам македонски јазик, како да докажам дека доаѓам од земја што се вика Македонија, што била, останала и ќе биде Македонија. Не можеме да бидеме друго,“ им порача македонскиот претседател на присутните сегашни и поранешни претседатели, премиери и претставници на меѓународни организации.

Претседателот истакна дека Европа наместо да поддржува просперитет и развој е солидарна со една нејзина членка, која, како што рече „ни прави проблеми нам и на целиот регион“.

Иванов нагласи дека регионот на Балканот, кој е измешан со различни култури, јазици и религии може да живее во мир само кога е на отворен простор. Тој потенцира дека европската идеја за Балканот е потребна како идеја за мир.

„Нашите економии во услови на криза фуционираат како европска економија. Нашиот буџетски дефицит е во рамки на европските стандарди, но ние сме блокирани да бидеме дел од еден отворен простор. Европа е единствена која може да го отвори просторот, оти кога го отварате просторот го отварате и умот на луѓето. Ајнштајн рекол дека човечкиот ум е како падобран, од него имате корист само ако е отворен, истакна македонскиот претседател. Тој и порача на Европа да се позанимава со своите членки, кои не промовираат отворен ум.

Претседателот Иванов напомена дека Македонија и Грција се тесно поврзани во најразлични сфери, нагласувајќи дека македонските граѓани традиционално патуваат на одмор во Грција, а најголеми инвеститори во Македонија се грчките бизнисмени. И само на еден универзитет во Солун последните пет-шест години има илјада Македонци кои завршиле постдипломски студии.

„Ние ја помагаме грчката економија, меѓутоа грчките политичари сеуште живеат во категории од 19. век со кои го оспоруваат некому правото на самоидентификација. Тоа е елементарно право на човекот, самиот себе си да може да се дефинира. Заврши времето кога другиот одредува кој што ќе биде, нагласи претседателот Иванов.

Тој уште додаде дека сите зејми-членки на ЕУ се одговорни за тоа што и е случува на Македонија во однос на нејзиното членството во Унијата.


alt
Азербејџан заинтересиран за инвестирање во Македонија - билатерална средба со претседателот Алиев
Четврток, 28 Јуни 2012

Азербејџан е заинтересиран за интензивирање на економските односи со Македонија и за инвестирање во македонското стопанство, беше посочено на денешната билатерална средба во Баку меѓу претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Република Азербејџан, Илхан Алиев.

На средбата, која се одржа на 17-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Азербејџан, двајцата претседатели изразија задоволство од досегашниот тек на билатералната соработка и се согласија дека односите се пријателски и се одвиваат со позитивна динамика. Тие се заложија за натамошно динамизирање на односите, особено на политичкиот дијалог и на средбите на високо ниво. Претседателот Алиев го покани претседателот Иванов во официјална државна посета, а македонскиот претседател прифати и ја возврати поканата. Претседателите Иванов и Алиев се осврнаа и на потребата за унапредување на правната рамка за натамошно развивање на односите, со што ќе се овозможи правно регулирање на соработката во сферите на економијата, туризмот, науката и образованието. Тие заклучија дека заокружувањето на правната рамка ќе биде и поттик за поврзување на стопанските субјекти од двете земји. На средбата тие изразија интерес за продлабочување на соработката во сферата на енергетиката. Претседателот Алиев го информира претседателот Иванов за енергетските и гасоводни проекти, кои се во фаза на реализација и кои се планирани во Каспискиот регион и во Европа. Македонскиот претседател го информира претседателот Алиев за инвестициските можност во Македонија. Претседателот Алиев предложи во најскоро време да се организираат заеднички бизнис форуми и средби, како и заеднички меѓувладини економски комисии, нагласувајќи дека би сакал да ги види арзербејџанските компании во Македонија во мошне скоро време. Претседателот Иванов упати честитки до претседателот Алиев за забрзаниот економски раст на Азербејџан, кој стана една од водечките економии во Каспискиот регион.altДвајцата претседатели ја разгледаа и можноста за реципроцитетен безвизен режим, со оглед на фактот дека Македонија на една година, од периодот март оваа година до март следната година, времено ги укина визите за Азербејџан. Двајцата претседатели изразија уверување дека тоа наскоро ќе се реализира.

Македонскиот претседател упати честитки до својот азербејџански колега за организацијата на форумот Кран Монтана, кој оваа година е посветен на енергетските прашања и политиките во оваа сфера. Претседателот Иванов утре на официјалното отварање на 23. сесија на форумот ќе се обрати говорејќи на тема поврзана со енергетските прашања во новите светски услови. Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, ќе се обрати на специјалната пленарна сесија посветена на човековите права, родовата еднаквост и образованието, организирана во соработка со УНЕСКО и ИСЕСКО, а со која ќе претседава Првата дама на Република Азербејџан, Мехрибан Алиева. Сесијата ќе биде посветена на темата „Правата на жените се човекови права, а човековите права се права и на жените“.

Форумот Кран Монтана е основан во 1986 година со цел да обезбеди широка меѓународна соработка и поврзување на економските чинители на светско ниво, како и да придонесе кон глобалниот економски раст, воедно обезбедувајќи стабилност, еднаквост и безбедност. Активностите и настаните во рамки на Форумот се насочени кон создавање платформи кои ќе им овозможат на политичките и бизнис лидери да ги имплементираат своите стратегии, да ги зајакнуваат партнерствата и да развиваат нови можности за соработка. Форумот тесно соработува со меѓународни институционални партнери, како агенциите на Обединетите нации, Европската унија, Советот на Европа, и др. До денес, Форумот обединува повеќе од 77.000 делегати ширум светот.

Претседателот Иванов во посета на единицата на АРМ ангажирана во уредување на градската плажа во Дојран
Среда, 27 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, денес престојуваше во Дојран во посета на инженерската единицата на АРМ ангажирана на расчистување и уредување на градската плажа во Сретеново.

Придружуван од началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, претседателот Иванов пеш го мина патот од Државната резиденција во Дојран до плажата која војниците ја уредуваат во соработка со локалната самоуправа, како дел од проектот на Општина Дојран за уредување на крајбрежјето на Дојранското Езеро.

Со активностите на војниците на теренот претседателот беше запознаен од командантот на Здружената оперативна команда на АРМ, бригадниот генерал Методија Величковски.

„Веќе два месеца војниците работат на ревитализација на крајбрежниот појас со цел да се продлабочи цивилно-воената соработка. Посебно позитивно е тоа што ракувачите на машините мора да изведуваат обука во тренажа. Верувам дека ефектите се видливи. Планот не застанува тука. По завршување со активностите во Дојран, продолжуваме во Кичево, во Коџаџик, во касарната во Прилеп и секаде каде народот има потреба од нас,“ истакна бригадниот генерал Величковски.

Посетата на Дојран претседателот Иванов ја заврши со обиколката на воениот камп во Мрдаја, кој се преуредува за потребите на Армијата и комплетно ќе биде ставен во функција до 15 јули 2012 година.


Локалитетот Градиште нуди перспектива за привлекување туристи – Претседателот Иванов ја посети Општина Зелениково
Понеделник, 25 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ја посети општина Зелениково, каде градоначалникот Веле Груевски му ги презентираше тековните и идните проекти на општината, меѓу кои и нацрт-планот за изградба на културно – рекреативен центар над археолошкиот локалитет „Градиште“ во село Таор.

Претседателот Иванов оствари средба и со локалните стопанственици кои укажаа на сите потенцијали со кои располага општината и можностите за нови вработувања. Претседателот за време на посетата беше гостин и на едно од семејствата кои одгледуваат насади со лешници, при што беше запознаен со извонредните услови за производство и можноста со оваа дејност да се обезебди солидна заработка.

Претседателот, придружуван од италијанскиот амбасадор во Република Макеоднија, г-дин Фабијо Кристијани, го посети локалитетот “Градиште”и локацијата на која ќе се гради културно-рекреативниот центар.

„Оваа локација над Таор, каде градоначалникот го промовира овој културно -  рекреативен комплекс, би требало да биде туристичка атракција, бидејќи тука се претпоставува дека е и родното место на императорот Јустинијан Први. Сите тие досегашни истражувања укажуваат на богат живот во минатото на овој простор, и сите овие потенцијали нудат перспектива овој регион да привлече не само домашни, туку и странски туристи,“ истакна претседателот Иванов.

Шефот на државата ја посети и единствената фабрика во Македонија за производство на компјутерски микро-чипови, која е лоцирана во село Орешани и има околу 150 вработени. Претседателот Иванов  имаше можност да го разгледа и новото тениско игралиште во Орешани, а на младите кои тренираа таму им подари тениски топчиња.

На новинарско прашање во врска со барањето на фондацијата Институт отворено општество да не го потпишува законот за лустрација, претседателот го искажа својот став:

„Го добив и го прочитав писмото, но го прочитав и законот. Секој што обавува јавна функција подлежи на јавна контрола. Македонија со ваков закон и со сè што се презема досега, создава амбиент дека секој што сака да се бави со јавна функција ќе подлежи и на јавна одговорност,“ посочи претседателот Иванов.

За претстојниот состанок на Советот на Европската унија, претседателот Иванов изрази очекување дека конечно ќе се деблокираат евроинтеграциите за Македонија, порачувајќи и на Европската унија да не се однесува како заложник на неодговорното однесување на одредени политичари.

„Нашата држава ги има исполнето сите критериуми и барања. Доколку се почитуваат преземените обврски од Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата, корист ќе имаат сите - и Европа и регионот, и конечно ќе покажат дека она што важи за сите земји ќе важи и за Македонија,“ нагласи претседателот Иванов.


 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 136 од 198