Новости
Галичката свадба е израз на нашата автентичност – претседателот Иванов по втор пат покровител на традиционалниот настан
Недела, 15 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, веќе втора година покровител на Галичката свадба, денес заедно со сопругата Маја, присуствуваше на оваа традиционална манифестација, која годинава го одбележа 50-тиот јубилеј. Честитајќи им го бракот, Претседателот на младенците им подари вредна икона, посакувајќи им заедничкиот живот да го поминуваат во љубов и слога.

Како зет и невеста годинава, на педесет годишнината од првата Галичка свадба, својата љубов ја крунисаа 27-годишната Даница Тортеска и 29-годишниот Трајче Лозаноски. На оваа единствена традиционална свадбена манифестација во селото Галичник на планината Бистра, присуствуваа над две илјади гости, меѓу кои и министри и претставници на дипломатскиот кор, како и бројни туристи од земјата и од странство.

„Голема е честа да се биде покровител на настан кој има толкава традиција. Галичката свадба е израз на сета наша автентичност, сочувани обичаи, нешто што нé прави посебни. Оваа манифестација е добар пример како идните поколенија и помлади генерации треба ја чуваат традицијата, и како преку тоа да посветат поголемо внимание на сопствениот идентитет,“ изјави претседателот Иванов.

Изведувањето на триесетина обичаи карактеристични за мијаците, кои започнаа вчера и продолжија во текот на денешниот ден, беше заокружено со венчавката во црквата "Св. Петар и Павле".

Годинава настанот го збогатија и членовите на КУД "Кочо Рацин", кои ги изведоа ората „Тешкото" и „Невестинско", предизвикувајќи со својата танцова умешност и синхронизираност воодушевување кај бројната публика.

Галичката свадба, како манифестација прв пат е организирана од 1963 година, а во изминатите пет децении прерасна во туристичка атракција. Содржи 30 свадбени обичаи од мијачкиот крај. Свадбите во Галичник секогаш се правеле околу верскиот празник Петровден кога печалбарите се враќале дома.

 

alt
Секогаш ќе бидеме со вас – Прием за членовите на македонската кошаркарска репрезентација
Петок, 13 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во вила „Билјана“ во Охрид ги прими членовите на македонската кошаркарска репрезентација.

Претседателот Иванов подвлече дека неуспехот да се пласираат на претстојните летни олимписки игри во Лондон, не треба да влијае на идните активности на македонската кошаркарска репрезентација. - Напротив, ова нека биде дополнителен мотив за идните ваши победи и успеси, рече претседателот Иванов. Граѓаните на Република Македонија никогаш нема да ги заборават моментите на среќа кои вие ги приредивте на нашата нација на последното европско првенство во Литванија. Секогаш ќе бидеме со вас, и во поразите и во победите, заклучи претседателот Иванов.

На средбата се разговараше за идните планови и активности на македонската кошаркарска репрезентација, во пресрет на Европското првенство во Словенија, што ќе се одржи наредната година.

alt

Свечено отворање на 8. Македонско-северноамериканска конференција во Охрид
Сабота, 07 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Конгресниот центар во Охрид, присуствуваше на свеченото отворање на 8. Македонско - северноамериканска конференција, во организација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје. Со своја воведна реч, конференцијата ја отвори ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Велимир Стојковски.

Академик Виктор Фридман, признат и посветен македонист, го промовираше Зборникот од минатогодишната 7. македонско - северноамериканска конференција. Претседателот Иванов ги поздрави континуираните заложби на академик Фридман за афирмација на македонскиот јазик, книжевност и култура.

8. Македонско-северноамериканска конференција обедини голем број лингвисти и истражувачи од Македонија, Европа и Северна Америка, кои се занимаваат со спецификите на македонскиот јазик, и кои во текот на двата дена на одржување на конференцијата ќе ги изложат свои стручни согледувања и истражувачки резултати поврзани со македонскиот јазик, литературата, археологијата, културата. Во фокусот на конференцијата, исто така, ќе бидат и јазичните, книжевни, културни и етно врски помеѓу Македонија и северно-американските ентитети.

Претседателот Иванов ги поздрави и поразговара со учесниците на конференцијата, посакувајќи им успешна и плодна работа и соработка и во иднина. Тој воедно нагласи дека ваквите академско-научни собири даваат исклучително вреден придонес кон зацврстувањето, негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура.

 

Македонија и Словенија се стабилни и искрени партнери – проштална средба со словенечкиот амбасадор Бергант
Петок, 06 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета го прими Амбасадорот на Словенија Н.Е. г. Алан Брајан Бергант.

На срдечната средба Претседателот му заблагодари на  словенечкиот амбасадор за неговата досегашна посветеност и придонесот  во продлабочувањето на билатералната соработка во речиси сите сфери, како и за континуираната и принципиелна поддршка од Словенија за деблокирање на македонските интеграциски процеси.

На прошталната средба, двајцата соговорници изразија задоволство од досегашниот севкупeн развој на македонско–словенечките односи,  како стабилни и искрени партнери, чија потврда се постојаните контакти на највисоко ниво и стратегиската соработка во целите од заеднички интерес.

Претседателот Иванов и амбасадорот Бергант консатираа дека Словенија е еден од најзначајните трговски партнери и инвеститори во Македонија, но дека потенцијалите за економската соработка не се до крај искористени, со што нејзиното интензивирање треба да биде еден од главните приоритети на двете земји во иднина. На средбата взаемно беше констатирано очекувањето политичките, економските и културните врски и во наредниот период да се унапредуваат.

Претседателот  Иванов се заблагодари за безрезервниот ангажман на словенечките власти во сите институции на ЕУ, со цел Република Македонија што побрзо да стане дел од заедничкото европско семејство на нации, како и за поддршката која Словенија силно ја потврди на последниот НАТО Самит во Чикаго, со очекување дека истата со несмален интензитет ќе продолжи и во претстојниот период.

Примената на словенечките искуства и помошта која Република Македонија ја добива во голема мера придонесуваат во искористување на средствата од европските претпристапни фондови, истакна претседателот Иванов на средбата, притоа заблагодарувајќи се и за едукативната и техничка помош од Словенија во реформирањето на македонската јавна администрација.


alt
Интерес за инвестирање во Македонија - средба со делегација од индиската компанија „Сахара Груп”
Четврток, 05 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, синоќа  во Вила Билјана во Охрид ја прими делегацијата на индиската компанијата „Сахара груп", на чие чело е индискиот магнат Субрата Рој.

На средбата со претседателот Иванов,  претставниците на делегацијата предводена од сопругата на Рој, г-ѓа Свапна Рој,  која истовремено е потпретседател на компанијата, информираа за впечатоците од работната посета на Република Македонија како и за сферите на интерес за инвестирање во земјата.

Претседателот Иванов пред индиската делегација гo искажа интересот и подготвеноста на Република Македонија за јакнење на односите и соработката со Индија, особено во сферата на економијата и културата. На средбата беа разменети мислења и информации за потенцијалите со кои располага Македонија, за можностите и за предностите кои ги нуди земјава за странските инвеститори. Претседателот Иванов ги истакна напорите кои Владата на Република Македонија континуирано ги презема за создавање на подобра економска клима и привлекување на странски инвестиции.

Соговорниците од Индија, истакнаа дека токму поради погодностите кои се нудат и поради можностите и потенцијалите со кои Република Македонија располага, нивниот интерес за инвестирање во земјава e присутен што се манифестира и со оваа посета на делегацијата од „Сахара Груп”, со надеж дека воспоставената соработка и интерес ќе биде конкретизирана со проекти. Претседателот Иванов изрази надеж дека ваквата размена на економски делегации и интензивираните контакти ќе се одразат и на севкупните македонско - индиски односи, кои се традиционално пријателски и со широка перспектива за понатамошно продлабочување.

Делегацијата која ја сочинуваат 45 бизнисмени меѓу кои и осум извршни директори од компанијата, во Охрид престојува пет дена, со цел подетално да ги анализираат потенцијалите за инвестирање, особено во областа на туризмот, хотелиерството и урбаниот развој. Посетата на индиската делегација е со цел да се заврши работата, почната при посетата на Субрата Рој пред две седмици, да се соберат технички информации со можностите за инвестирање.

„Сахара груп“ е втора по големина стопанска коорпорација во Индија, со годишен обрт од 25 милијарди долари, а Субрата Рој се смета за еден од највлијателните луѓе во Индија, чие богатството се проценува на околу 65 милијарди долари.

Заедно со претставниците од „Сахара Груп” во посета на Македонија е и познат филмски продуцент од Индија, дел од филмската групација, чија задача е да разгледаат локации каде во иднина евентуално би снимале некој од филмовите од познатата боливудска продукција.

Францускиот филмски фестивал во Охрид по петти пат – средба со организаторите и поддржувачите
Четврток, 05 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес во Вила Билјана во Охрид ги прими претставниците на Францускиот филмски фестивал, кој оваа година го прослави јубилејното 5-то издание. На средбата присуствуваше и Вице-претседателката на Долна Нормандија, г-ѓа Корин Ферo.

Претседателот Иванов упати срдечни честитки до организаторите на фестивалот, нагласувајќи го задоволството што одржувањето на една од најпрестижните француски филмски манифестации во Македонија прерасна во традиција.

Претседателот, исто така, ја поздрави и соработката која на многу полиња се остварува со регионот на Долна Нормандија, што, како што нагласи, претставува потврда за посветеноста на нашата земја на франкофонските вредности, но и за вниманието кое и од двете страни се посветува на развојот на блиски односи и соработка помеѓу Македонија и Франција.

Потпишувањето на спогодбата за соработка помеѓу Министерството за локална самоуправа на Република Македонија и регионот Долна Нормандија, Франција, од страна на Министерот за локална самоуправа, Невзат Бејта, и заменик претседателот на регионот Долна Нормандија, Корин Фере, Претседателот го оцени како уште еден реален чекор и придонес кон зацвстување на соработката и приближување на културите, вредностите, идеите и идеалите.

Срдечни честитки беа упатени и до годинашниот лауреат на Францускиот филмски фестивал, г-дин Жак Дојон, долгогодишен и признат филмски уметник, автор на над 30 филмови и добитник на голем број фестивалски награди.

 

 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 135 од 198