Францускиот филмски фестивал во Охрид по петти пат – средба со организаторите и поддржувачите
Четврток, 05 Јули 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес во Вила Билјана во Охрид ги прими претставниците на Францускиот филмски фестивал, кој оваа година го прослави јубилејното 5-то издание. На средбата присуствуваше и Вице-претседателката на Долна Нормандија, г-ѓа Корин Ферo.

Претседателот Иванов упати срдечни честитки до организаторите на фестивалот, нагласувајќи го задоволството што одржувањето на една од најпрестижните француски филмски манифестации во Македонија прерасна во традиција.

Претседателот, исто така, ја поздрави и соработката која на многу полиња се остварува со регионот на Долна Нормандија, што, како што нагласи, претставува потврда за посветеноста на нашата земја на франкофонските вредности, но и за вниманието кое и од двете страни се посветува на развојот на блиски односи и соработка помеѓу Македонија и Франција.

Потпишувањето на спогодбата за соработка помеѓу Министерството за локална самоуправа на Република Македонија и регионот Долна Нормандија, Франција, од страна на Министерот за локална самоуправа, Невзат Бејта, и заменик претседателот на регионот Долна Нормандија, Корин Фере, Претседателот го оцени како уште еден реален чекор и придонес кон зацвстување на соработката и приближување на културите, вредностите, идеите и идеалите.

Срдечни честитки беа упатени и до годинашниот лауреат на Францускиот филмски фестивал, г-дин Жак Дојон, долгогодишен и признат филмски уметник, автор на над 30 филмови и добитник на голем број фестивалски награди.

 

  Back<<Назад