Интерес за инвестирање во Македонија - средба со делегација од индиската компанија „Сахара Груп”
Четврток, 05 Јули 2012   

alt

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, синоќа  во Вила Билјана во Охрид ја прими делегацијата на индиската компанијата „Сахара груп", на чие чело е индискиот магнат Субрата Рој.

На средбата со претседателот Иванов,  претставниците на делегацијата предводена од сопругата на Рој, г-ѓа Свапна Рој,  која истовремено е потпретседател на компанијата, информираа за впечатоците од работната посета на Република Македонија како и за сферите на интерес за инвестирање во земјата.

Претседателот Иванов пред индиската делегација гo искажа интересот и подготвеноста на Република Македонија за јакнење на односите и соработката со Индија, особено во сферата на економијата и културата. На средбата беа разменети мислења и информации за потенцијалите со кои располага Македонија, за можностите и за предностите кои ги нуди земјава за странските инвеститори. Претседателот Иванов ги истакна напорите кои Владата на Република Македонија континуирано ги презема за создавање на подобра економска клима и привлекување на странски инвестиции.

Соговорниците од Индија, истакнаа дека токму поради погодностите кои се нудат и поради можностите и потенцијалите со кои Република Македонија располага, нивниот интерес за инвестирање во земјава e присутен што се манифестира и со оваа посета на делегацијата од „Сахара Груп”, со надеж дека воспоставената соработка и интерес ќе биде конкретизирана со проекти. Претседателот Иванов изрази надеж дека ваквата размена на економски делегации и интензивираните контакти ќе се одразат и на севкупните македонско - индиски односи, кои се традиционално пријателски и со широка перспектива за понатамошно продлабочување.

Делегацијата која ја сочинуваат 45 бизнисмени меѓу кои и осум извршни директори од компанијата, во Охрид престојува пет дена, со цел подетално да ги анализираат потенцијалите за инвестирање, особено во областа на туризмот, хотелиерството и урбаниот развој. Посетата на индиската делегација е со цел да се заврши работата, почната при посетата на Субрата Рој пред две седмици, да се соберат технички информации со можностите за инвестирање.

„Сахара груп“ е втора по големина стопанска коорпорација во Индија, со годишен обрт од 25 милијарди долари, а Субрата Рој се смета за еден од највлијателните луѓе во Индија, чие богатството се проценува на околу 65 милијарди долари.

Заедно со претставниците од „Сахара Груп” во посета на Македонија е и познат филмски продуцент од Индија, дел од филмската групација, чија задача е да разгледаат локации каде во иднина евентуално би снимале некој од филмовите од познатата боливудска продукција.

  Back<<Назад