Македонија и Словенија се стабилни и искрени партнери – проштална средба со словенечкиот амбасадор Бергант
Петок, 06 Јули 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета го прими Амбасадорот на Словенија Н.Е. г. Алан Брајан Бергант.

На срдечната средба Претседателот му заблагодари на  словенечкиот амбасадор за неговата досегашна посветеност и придонесот  во продлабочувањето на билатералната соработка во речиси сите сфери, како и за континуираната и принципиелна поддршка од Словенија за деблокирање на македонските интеграциски процеси.

На прошталната средба, двајцата соговорници изразија задоволство од досегашниот севкупeн развој на македонско–словенечките односи,  како стабилни и искрени партнери, чија потврда се постојаните контакти на највисоко ниво и стратегиската соработка во целите од заеднички интерес.

Претседателот Иванов и амбасадорот Бергант консатираа дека Словенија е еден од најзначајните трговски партнери и инвеститори во Македонија, но дека потенцијалите за економската соработка не се до крај искористени, со што нејзиното интензивирање треба да биде еден од главните приоритети на двете земји во иднина. На средбата взаемно беше констатирано очекувањето политичките, економските и културните врски и во наредниот период да се унапредуваат.

Претседателот  Иванов се заблагодари за безрезервниот ангажман на словенечките власти во сите институции на ЕУ, со цел Република Македонија што побрзо да стане дел од заедничкото европско семејство на нации, како и за поддршката која Словенија силно ја потврди на последниот НАТО Самит во Чикаго, со очекување дека истата со несмален интензитет ќе продолжи и во претстојниот период.

Примената на словенечките искуства и помошта која Република Македонија ја добива во голема мера придонесуваат во искористување на средствата од европските претпристапни фондови, истакна претседателот Иванов на средбата, притоа заблагодарувајќи се и за едукативната и техничка помош од Словенија во реформирањето на македонската јавна администрација.


  Back<<Назад