Претседателот го отвори Европскиот натпревар во претприемништво на Junior Achievement Europe
Среда, 04 Јули 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Скопје официјално го отвори Европскиот натпревар во претприемништво, во организација на Junior Achievement - Young Enterprise Europe, кој за прв пат во нашата земја се одржува под негово покровителство.

„Во време на економска криза и на постојан раст на невработеноста кај младите, како една особено ранлива социоекономска категорија, преку овој европски натпревар ќе имаме можност да се увериме дека со правилна едукација и инспирација, не постојат кризи и ограничување за претприемачкото размислување,“ порача претседателот Иванов на отворањето на манифестацијата.

70 млади претприемачи и студенти од 12 европски земји, под менторство на нивните професори и со поддршка од бизнис волонтери, ќе презентираат вкупно 16 бизнис идеи пред меѓународно жири. Овој натпревар е дел од проектот Junior Achievement Start Up Program, кој се спроведува на глобално ниво и во текот на 2011 година мобилизираше над 3.000.000 млади претприемачи.

Целта на натпреварот е да им се овозможи на младите претприемачи да развјат иновативни бизнис концепти, кои ќе ги презенитраат пред меѓународното жири составено од управители на корпорации и фирми, како пред потенцијални инвеститори, од кои секој има по фиктивни 100.000 евра за инвестирање. За најдобрата проект-идеја годинава е предвидена награда од 1.000 евра, како и специјални награди од спонзорите Интел, ТТК Банка и Центарот за поддршка на иноваторството и претприемничкото учење.

На официјалното отворање на натпреварот претседателот Иванов нагласи дека во Македонија интензивно се работи на едукација на младите за развој на претприемачките вештини, и воопшто на потенцијалите во економијата.

„Улогата на ова поле на сите невладини организации е добродојдена, особено кога инволвираат меѓународни мрежи со долгогодишно искуство и успешна практика,“ истакна претседателот Иванов кој ги разгледа презентационите штандови на младите претприемачи од Макеоднија и Европа.

Јасмина Манева, извршен директор на НВО Економско образование на млади – Junior Achievement Macedonia, и домаќин на денешната манифестација, порача дека образованието е еден од главните фактори што може да придонесе за развој на претприемништвото.

„Целите на нашата организација се поттикнување на претприемачките вештини, финансиската писменост и оспособување на младите да влезат подготвени на пазарот на трудот... Натпреварите за најдобар бизнис план се одлична можност за поттикнување на нивната креативност и иновативност, како и мотив да почнат да размислуваат за самовработување во иднина,“ истакна Манева.

Годинава 10.000 студенти од 16 земји од Европа основаа 1.400 стартап бизниси кои беа потпомогнати од 1.500 волонтери и 250 професионални наставници од Junior Achievement - Young Enterprise Europe.

  Back<<Назад