Новости
Претседателот Иванов во посета на Советот за радиодифузија по повод јубилејот 15 години постоење
Понеделник, 03 Септември 2012

По повод 15 години од основањето, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, денеска го посети Советот за радиодифузија (СРД), при што оствари средба со претседателот, Зоран Трајчевски и со членовите на Советот. На средбата се разговараше за актуелните состојби во сферата на електронските медиуми, како и за активностите на СРД во регулрање на нивната работа. Тема на разговорите беа предизвиците со кои се соочува ова регулаторно тело, особено проблемите во однос на кабелските телевизии.

„Советот за радиодифузија е едно од првите регулаторни тела во Македонија и беше пример како овие тела треба да функционираат. Помина еден период на разни предизвици и разни влијанија, но денес СРД е навистина институција за почит. Во тоа можев денеска и сам да се уверам, преку увид во процесот на мониторинг на сите програми на радијата и телевизиите, како и предлог решенијата за новите состојби кои се јавуваат кај кабелските оператори, кои уште не се регулирани и не се во надлежност на Советот,“ истакна претседателот Иванов по посетата.

Претседателот Иванов во рамките на посетата се запозна и со процесот на спроведување на Законот за радиодифузната дејност, со постапката за вршење мониторинг на програмите на радиодифузерите и на операторите на јавните комуникациски мрежи. Претседателот и членовите на СРД го информираа Претседателот и за проекциите за функционирањето на СРД во иднина со новите технологии и новите медиуми.

„За честитки е сето она што го постигна Советот за да навистина нашиот медиумски простор биде регулиран и функционира онака како што бараат европските стандарди и принципи. Како се одвиваат овие наши прилагодувања и реформи што ги бара ЕУ, така и Советот ќе си ја добива онаа вистинска улога што треба да ја има вакво тело во едно општество,“ посочи претседателот Иванов.

За време на посетата стана збор и за прашањето за кое реагирале одредни гледачи, имено зошто фудбалските натпревари не се пренесуваат на македонски јазик, што се должи на работата на кабелските оператори, сфера која допрва треба да се регулира.

Во контекст на состојбите со кабелските телевизии, претседателот на СРД Зоран Трајчевски, информира дека Советот предложил законски решенија кои би биле прифатливи за надминување на постојната состојба.

„Се надеваме дека за краток временски период сите овие слабости што се јавуваат во сферата на регулирањето на кабелските телевизии ќе бидат надминати,“ истакна Трајчевски, додавајќи дека СРД во изминатите 15 години придонесе кон развојот на македонската демократија, во сферата на развојот на медиумите.

Тој истакна дека за него и за членовите на Советот е голема чест што Претседателот ги посети за нивниот 15-годишниот јубилеј.

Претседателот на држвата е овластен предлагач на членови на Советот за радиодифузија.


Македонската страна во спорот со името е со чисто досие – очекуваме позитивен извештај од ЕК и датум за преговори
Понеделник, 03 Септември 2012

Во пресрет на посетата на Брисел и средбите со високите претставници на ЕУ и НАТО, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, денес посочи дека очекува позитивен извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија за 2012 година и датум за почеток на преговорите од Советот на ЕУ во декември годинава.

„Ова е вообичаена посета на Брисел пред донесувањето на извештајот за кој сите очекуваме да биде позитивен. Реформите даваат резултати. Тоа Европската комисија го оценува. Според сето она што е направено мислам дека овој извештај ќе биде позитивен и дека конечно во декември ќе го добиеме она што толку време го очекуваме - почеток на преговорите. Ние со Дијалогот на високо ниво навистина влегуваме во отворање на поглавјата, но очекуваме она што секоја земја која е кандидат го очекува - датум за почеток на преговорите,“ истакна претседателот Иванов по посетата на Советот за радиодифузија.

Шефот на државата, осврнувајќи се на прашањето за името, укажа на недомнешната посета на Македонија од страна на генералниот секретар на ООН, Бан Ки-мун, придружуван од посредникот во разговорите за името амбасадорот Метју Нимиц, оценувајќи ја како исклучително содржајна средба.

„Со посетата на Бан Ки-мун и на медијаторот Нимиц можам да кажам дека имавме првпат содржајна средба од таков вид. Не знам досега како се одвивале тие, меѓутоа на оваа средба со Бан Ки-Мун ги отворивме сите прашања, сите аспекти и сето она што ние досега како држава сме го презеле и сме го иницирале да ја искажеме нашата подготвеност да се дојде до решение. Меѓутоа, од другата страна постојано има изговори тоа да се одлага. Еднаш се тоа избори, другпат е економска криза, третпат е неподготвеност. Сето ова го увиде и го искажа на прес-конференција и Бан Ки-нун. Нашата страна во однос на овој дведецениски спор е со чисто досие,“ нагласи Претседателот.

Запрашан за односите во владината коалиција по настанот во Слупчане и најновиот случај со поставување табли со нови имиња на неколку училишта во општина Чаир, претседателот Иванов рече дека станува збор за дневна политика.

„Си имаме институции и институциите треба да си функционираат и да си го преземат она што е во нивна надлежност. Тоа е дневна политика, да ги оставиме коалициските партнери да си најдат решение,“ посочи претседателот Ѓорге Иванов.


alt
Телефонски разговор со светската рекордерка, Оливера Наковска Бикова - Вие сте инспирација за младите луѓе и идни спортисти во нашата татковина
Недела, 02 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари телефонски разговор со олимписката и светска рекордерка, Оливера Наковска Бикова во кој и го честиташе големиот успех, постигнатиот светски рекорд и освоеното прво место и златниот медал во стрелаштво на Параолимписките игри во Лондон.

Претседателот Иванов во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, упатувајќи срдечни честитки до Оливера Наковска Бикова рече дека овој нејзин успех ги направи горди и радосни сите наши граѓани и претставува инспирација за младите луѓе и идни спортисти во нашата татковина.

Благодарение на успесите на спортистите на Македонија се промовира и нашата земја и нашата култура, истакна претседателот Иванов. Моите врати се секогаш отворени за младите спортисти и тие секогаш можат да сметаат на мојата безрезервна поддршка, заклучи претседателот Иванов.

Претседателот Иванов им ги врачи сертификатите на учесниците во третата Школа за млади лидери
Петок, 31 Август 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, вечерва на свечена церемонија во Охрид им ги врачи сертификатите за учество и успешно завршување на интензивниот лидерски тренинг на годинашните учесници во Школата за млади лидери.

Обраќајќи им се на учесниците на Школата, претседателот Иванов нагласи дека овие сертификати претставуваат своевиден компас што ќе ги води низ животот, по патот наречен ’потрага по среќа’.

„Ви посакувам од ова пристаниште каде сме вечерва да продолжите да патувате и сето знаење, искуство, сите вештини што ги стекнавте да ги применувате во вашиот живот... Да ја направиме Македонија да биде горда на вас, но и вие да сте горди што учествувавте во еден проект кој има за цел заедно да создадеме од Македонија земја на успешни луѓе,“ им порача претседателот Иванов на третата генерација млади лидери.

Тој ги повика младите лидери да ги практикуваат сите стекнати знаења, остварени контакти, да го споделуваат искуството со останатите, бидејќи само на тој начин сите тие доблести ќе ја добијат вистинската вредност.

„Насушно ни се потребни иновативни и креативни луѓе. Од вас очекуваме градби кои ќе бидат духовни, и градби физички и материјални, градби што ќе ја воздигнат Македонија во височините,“ нагласи Претседателот.

Тој им порача на младите да се придржуваат на четирите златни правила – да бидат трпеливи, да учат од другите, да го искористат моментот и да бидат подготвени на секоја жртва, притоа нагласувајќи ја филозофијата што ги обединува сите тие мудрости, забележувајќи дека сите се остваруваат само во еден момент.

Во име на третата генерација учесници на Школата за млади лидери се обрати Александра Пановска, која посочи на заедничкото задоволството на сите млади луѓе вклучени во проектот, изминатите денови да бидат опкружени со мудри мисли на светски лидери, со луѓе подготвени да споделат знаење, умеење, животно искуство.

„Секој од нас тука дојде со своја мисла, визија, идеја. После секое предавање заминувавме со нови видици, нови прашања, но секогаш побогати за уште едно искуство... Сите обединети со една цел, да се продолжи благородната иницијативата на претседателот Иванов, не само да научиме, туку и да го применеме знаењето и да ја оправдаме вашата доверба,“ истакна Александра.

Школата за млади лидери што се одржува веќе трет пат, е проект на претседателот д-р Ѓорге Иванов, востановен со цел да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција и културната и религиска диверзификација.

Претседателот Иванов прв пат ја иницираше идејата во неговата изборна програма, со визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

 

Претседателот Иванов присуствуваше на литургија во манастирот Успение на Пресвета Богородица на Матка
Вторник, 28 Август 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, денес присуствуваше на божествената литургија во истоимениот манастир на Матка, со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Претседателот Иванов на сите православни верници им го честиташе празникот Успение на Пресвета Богородица.

„Ова е празник кога славејќи ја Богородица ја славиме и улогата на мајката во семјеството, она што е задача на семејството, посветеноста на семејството, на своите деца и љубовта кон нив. Навистина овој празник ја одржува таа традиција на нашите верници и овие се моменти кога се потсетуваме на сето она што било во минатото и она што не очекува во иднината,“ порача претседателот Иванов.

Празнувањето на Успението на Богородица е празнување на фактот дека сите луѓе се високо воздигнати во благословеноста на Христос. Овој празник е знак, сигурност и славење на исполнувањето на сите оние животи, чии души го слават Бога, посветени на слушање и одржување на Божјото Слово кое е дадено на луѓето преку Марија, преку Спасителот на светот.


Преку дијалог да се најде решение за кризата во владината коалиција, порача претседателот Иванов
Вторник, 28 Август 2012

Различните гледишта меѓу владини коалициони партнери се вообичаена работа во услови на демократија, но за сите тие прашања треба да се најде решение преку дијалог, порача претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, коментирајќи ги последните случувања во владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Претседателот посочи дека однесувањето на владините партнери треба да биде одговорно и во интерес на македонските граѓани.

„Вообичаено е во услови на демократија да има меѓу коалиционите партнери различни гледишта, меѓутоа затоа се тие коалициони партнери и треба на сите тие прашања преку дијалог да им најдат решение. Во услови на демократија секогаш се можни вакви состојби и ние треба по 21-годишно искуство во демократија да бидеме подготвени дека се можни различни активности. Така што, и ова е вообичаено. Веројатно ќе се најде решение, владините коалициони партнери ќе најдат во сево ова и поука, но и дека сите треба да се однесуваат одговорно во интерес на граѓаните на Република Македонија," истакна претседателот Иванов.

Шефот на државата, кој е и Врховен командант на вооружените сили, порача дека лицата што во армиска униформа се појавија на чинот на положување цвеќе пред споменикот на некогашната ОНА во Слупчане треба да понесат одговорност.

„Ние веднаш реагиравме уште на почетокот. Би сакал да појаснам за јавноста, бидејќи има многу шпекулации. Јас дадов налог да се спроведе истрага и Генералштабот на АРМ од таа истрага што ја спроведе констатираше дека Армијата нема никаков удел во настанот во Слупчане. Станува збор за лица од Министерството за одбрана, односно лица од кабинетот на Министерот, кои ја злоупотребиле армиската униформа и го довеле до заблуда населението да мисли дека Армијата присуствува на тој чин. Се покренаа сите процедурални активности и се очекува за тие лица да биде преземена одговорност, затоа што е строго пропишано кој може да носи униформа, кога да носи униформа и затоа настанува прекршување на сите тие одредби и Генералштабот ќе предложи до министерството за тие лица да се преземе одговорност", изјави претседателот Иванов, кој денес присуствуваше на одбележувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во истоимениот манастир на Матка.


 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 132 од 198