Претседателот Иванов во посета на Советот за радиодифузија по повод јубилејот 15 години постоење
Понеделник, 03 Септември 2012   

По повод 15 години од основањето, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, денеска го посети Советот за радиодифузија (СРД), при што оствари средба со претседателот, Зоран Трајчевски и со членовите на Советот. На средбата се разговараше за актуелните состојби во сферата на електронските медиуми, како и за активностите на СРД во регулрање на нивната работа. Тема на разговорите беа предизвиците со кои се соочува ова регулаторно тело, особено проблемите во однос на кабелските телевизии.

„Советот за радиодифузија е едно од првите регулаторни тела во Македонија и беше пример како овие тела треба да функционираат. Помина еден период на разни предизвици и разни влијанија, но денес СРД е навистина институција за почит. Во тоа можев денеска и сам да се уверам, преку увид во процесот на мониторинг на сите програми на радијата и телевизиите, како и предлог решенијата за новите состојби кои се јавуваат кај кабелските оператори, кои уште не се регулирани и не се во надлежност на Советот,“ истакна претседателот Иванов по посетата.

Претседателот Иванов во рамките на посетата се запозна и со процесот на спроведување на Законот за радиодифузната дејност, со постапката за вршење мониторинг на програмите на радиодифузерите и на операторите на јавните комуникациски мрежи. Претседателот и членовите на СРД го информираа Претседателот и за проекциите за функционирањето на СРД во иднина со новите технологии и новите медиуми.

„За честитки е сето она што го постигна Советот за да навистина нашиот медиумски простор биде регулиран и функционира онака како што бараат европските стандарди и принципи. Како се одвиваат овие наши прилагодувања и реформи што ги бара ЕУ, така и Советот ќе си ја добива онаа вистинска улога што треба да ја има вакво тело во едно општество,“ посочи претседателот Иванов.

За време на посетата стана збор и за прашањето за кое реагирале одредни гледачи, имено зошто фудбалските натпревари не се пренесуваат на македонски јазик, што се должи на работата на кабелските оператори, сфера која допрва треба да се регулира.

Во контекст на состојбите со кабелските телевизии, претседателот на СРД Зоран Трајчевски, информира дека Советот предложил законски решенија кои би биле прифатливи за надминување на постојната состојба.

„Се надеваме дека за краток временски период сите овие слабости што се јавуваат во сферата на регулирањето на кабелските телевизии ќе бидат надминати,“ истакна Трајчевски, додавајќи дека СРД во изминатите 15 години придонесе кон развојот на македонската демократија, во сферата на развојот на медиумите.

Тој истакна дека за него и за членовите на Советот е голема чест што Претседателот ги посети за нивниот 15-годишниот јубилеј.

Претседателот на држвата е овластен предлагач на членови на Советот за радиодифузија.


  Back<<Назад