Македонската страна во спорот со името е со чисто досие – очекуваме позитивен извештај од ЕК и датум за преговори
Понеделник, 03 Септември 2012   

Во пресрет на посетата на Брисел и средбите со високите претставници на ЕУ и НАТО, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, денес посочи дека очекува позитивен извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија за 2012 година и датум за почеток на преговорите од Советот на ЕУ во декември годинава.

„Ова е вообичаена посета на Брисел пред донесувањето на извештајот за кој сите очекуваме да биде позитивен. Реформите даваат резултати. Тоа Европската комисија го оценува. Според сето она што е направено мислам дека овој извештај ќе биде позитивен и дека конечно во декември ќе го добиеме она што толку време го очекуваме - почеток на преговорите. Ние со Дијалогот на високо ниво навистина влегуваме во отворање на поглавјата, но очекуваме она што секоја земја која е кандидат го очекува - датум за почеток на преговорите,“ истакна претседателот Иванов по посетата на Советот за радиодифузија.

Шефот на државата, осврнувајќи се на прашањето за името, укажа на недомнешната посета на Македонија од страна на генералниот секретар на ООН, Бан Ки-мун, придружуван од посредникот во разговорите за името амбасадорот Метју Нимиц, оценувајќи ја како исклучително содржајна средба.

„Со посетата на Бан Ки-мун и на медијаторот Нимиц можам да кажам дека имавме првпат содржајна средба од таков вид. Не знам досега како се одвивале тие, меѓутоа на оваа средба со Бан Ки-Мун ги отворивме сите прашања, сите аспекти и сето она што ние досега како држава сме го презеле и сме го иницирале да ја искажеме нашата подготвеност да се дојде до решение. Меѓутоа, од другата страна постојано има изговори тоа да се одлага. Еднаш се тоа избори, другпат е економска криза, третпат е неподготвеност. Сето ова го увиде и го искажа на прес-конференција и Бан Ки-нун. Нашата страна во однос на овој дведецениски спор е со чисто досие,“ нагласи Претседателот.

Запрашан за односите во владината коалиција по настанот во Слупчане и најновиот случај со поставување табли со нови имиња на неколку училишта во општина Чаир, претседателот Иванов рече дека станува збор за дневна политика.

„Си имаме институции и институциите треба да си функционираат и да си го преземат она што е во нивна надлежност. Тоа е дневна политика, да ги оставиме коалициските партнери да си најдат решение,“ посочи претседателот Ѓорге Иванов.


  Back<<Назад