Новости
Сега е време да создадеме млади за иднината - Претседателот Иванов во Охрид ја отвори третата Школа за млади лидери
Понеделник, 20 Август 2012

Претседателот Иванов денес во Охрид свечено ја отвори третата Школа за млади лидери, со порака дека на Македонија и се потребни лидери не само во политиката, туку целосно изградени личности способни да организираат, да создаваат тимови кои ќе ја менуваат реалноста и општеството во кое живееме.

„Сега е време да создадеме не само иднина за младите, туку и млади за иднината, заедно со нивните идеи и иницијативи,“ истакна претседателот д-р Ѓорѓе Иванов во обраќањето пред учесниците од третата генерација на Школата за млади лидери.

Претседателот, кој е покровител на Школата и нејзини иницијатор, ги повика младите луѓе да ги искористат наредните денови од нивниот престој во Охрид за учење вештини, поттикнување на нивната иницијативност и креативност, на размена на драгоцени искуства што ќе ги ползуваат натаму во животот.

Тој ги повика младите учесници на Школата да бидат вистински лидери и да ги покренат и останатите да добијат желба да учат и да бидат водачи.

„Имаме цел да бидеме дел од Европа, но за да почитуваме европски стандарди, критериуми, вредности. Не ние да одиме во Европа, туку да ја создадеме Европа меѓу нас, да бидеме Европјани, луѓе со отворен ум кои ќе го прифаќаат она што е позитивно, а ќе го отфрлат она од минатото што обременува,“ нагласи претседателот Иванов.

Свое обраќање пред учесниците на лидерската школа имаше и претседателот на Европската академија на науките и уметностите, Феликс Унгер, кој ја поздрави ивницијативата на претседателот Иванов, најавувајќи дека слични активности врз тој принцип ќе бидат организирани и од страна на ЕАУ. Унгер, меѓу другото, укажа на потребата од дистанцирање на термините менаџери и лидери.

„Тоа се две различни работи. Менаџерот во општеството стои во втор план, реализира сопствени задачи, цели, наспроти лидерот кој е личност што мотивира, личност која со своето делување активно креира нови подобри начини на живеење,“ посочи Унгер.

Зборувајќи за европските вредности, претседателот на ЕАНУ ја истакна слободата како една од најголемите придобивки, притоа нагласувајќи дека истата губи на вредност доколку не биде активно проследена со човековите доблести како што се желбата за правичност, збогатена со образование.

На покана на претседателот Иванов свое прадавање пред учесниците на Школата за млади лидери имаше и заменикот помошник државен секретар на САД и поранешен амбасадор во РМ, Филип Рикер, кој честитајќи му на претседателот Иванов за иницирањето на овој проект, ја оцени Школата за млади лидери како особена иницијатива, која се наметна како стандард, како нешто што и е потребно на пошироката заедницата.

„Школата за лидери е еден исклучителен форум и многу ми е драго што повторно сум дел од оваа иницијатива на претседателот Иванов. Со младите лидери од Македонија ќе дискутираме за нивните перспективи, но и за предизвиците со кои се соочуваа современото општество. Оваа инцијатива не претставува само можност за Македонија да извлече максимум од своите потенцијали и ресусрси, туку таа истовремено има и значаен регионален и глобален контекст. Овие млади лидери не само што ќе играат значајна улога во иднината на Македонија, туку истовремено ќе бидат креатори на регионалната структура, нешто што САД активно го поддржуваат во рамки на заложбите за целосна евроатлантска интеграција на регионот,“ нагласи Рикер.

„Привилегија е да си биде овде на Школата за млади лидери, која сметам дека е фантастична иницијатива. Инспирацијата на претседателот Иванов да ги охрабрува и спојува младите луѓе кон подобрување на нивните лидерски способности, може да биде само за пофалба,“ истакна британскиот амбасадор Кристофер Ивон, кој исто така денес одржа предавање пред младите лидери за концептот на активно лидерство и како тоа да се претвори во реалност.

Школата за млади лидери е востановена со цел да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција и културната и религиска диверзификација.

Претседателот Иванов првпат ја иницираше идејата во неговата изборна програма, со визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Одбележување на 20-годишниот јубилеј од формирањето на Армијата на Република Македонија
Сабота, 18 Август 2012

Армијата на Република Македонија денеска  со дефиле во касараната „Илинден“ во Скопје го одбележа 20-годишниот јубилеј. Пред државниот врв, предводен од Претседателот и Врховен командант д-р Ѓорге Иванов,  како и премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељановски, министри, пратеници, амбасадори, воени аташеа, беа претставени ешалоните од сите единици на АРМ, борбените средства, техниката и воздухопловите кои се во формацискиот состав на АРМ. На дефилето учествуваше и ешалон од Вооружените сили на САД, а беше проследено и од голем број граѓани.

По повод Денот на Армијата и 20-годишниот јубилеј, претседателот Иванов со Медал за храброст постхумно одликува 57 македонски бранители. Претседателот Иванов донесе укази за постхумно доделување на медал за храброст на сите припадници на вооружените сили на Република Македонија кои храбро и пожртвувано ги дадоа своите животи за татковината, меѓу кои и на 11-те припадници на Армијата кои на 12 јануари 2008 година, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, загинаа во хеликоптерска несреќа кај Катлановско Блаце.

Денеска, како што истакна Иванов во своето обраќање, се сеќаваме на сите оние кои се жртвуваа за татковината, бранејќи ја слободата, независноста и сувереноста на Македонија, бранејќи го територијалниот интегритет на единствената татковина што ја имаме – Република Македонија.

Во рамки на одбележувањето на јубилејот изминатите денови се одржа и свечена академија во Домот на АРМ, беше положено цвеќе пред Споменикот на паднатите армиски припадници, беа врачени чинови на унапредените старешини и награди и признанија на пензионираните генерали, воени и цивилни лица. Во касарната „Илинден“ вчера се одржа и почесна артилериска стрелба.

Развојниот пат, обуката и едукацијата на припадниците на АРМ засилено почна во март 1992 година со оружјето и опремата на Територијалната одбрана, по повлекувањето на тогашната Југословенска народна армија (ЈНА) од тогашната трета армиска област.

На 23 декември 1993 година Собранието ја верификува одлуката за полноправно членство во НАТО, како стратешка цел. Во ноември 1995 година Македонија стана 27-та членка на иницијативата „Партнертство за мир“, а во март следната година беше примена и во Северноатлантскиот совет за соработка. АРМ во 2002 година го почна реформскиот процес, што треба да резултира со заслужената покана за членство во НАТО, која се одложува поради блокадите од Грција.

Степенот на борбената подготвеност на припадниците на македонската Армија, практично се покажува и преку ангажирањето на одделни состави на АРМ во меѓународните мисии во Авганистан, Ирак, БиХ, како и со партиципацијата во мултинационалата мировна бригада СИБРИГ.


Одликувања со Орден за воени заслуги по повод 20-годишнината од основањето на Армијата на Република Македонија
Вторник, 14 Август 2012

Во пресрет на одбележувањето на 20 годишниот јубилеј од основањето на Армијата на Република Македонија,  претседателот Иванов  донесе указ со кој  се одликува  НАЦИОНАЛНАТА ГАРДА НА ВЕРМОНТ, Соединети Американски Држави со Орден за воени заслуги,  за особен придонес за успешно остварување и за унапредување на односите и соработката меѓу вооружените сили на Соединетите Американски Држави и вооружените сили на Република Македонија и нивно заедничко учество во меѓународни мировни мисии.

Воедно, по повод 20 годишниот јубилеј од основањето на АРМ, претседателот на Република Македонија донесе и три укази,  со кои со Орден за воени заслуги ги одликува:

1. ПОЛКОТ ЗА СПЕЦИЈАЛНИ ОПЕРАЦИИ НА  АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, за исклучителен придонес во јакнењето и развивањето на одбранбената способност на Република Македонија во зачувувањето на нејзината независност, безбедност и територијален интегритет, како и за успешно претставување и афирмирање на Армијата на Република Македонија во меѓународните мировни мисии.

2. Генерал-потполковник МИТРЕ АРСОВСКИ, за исклучителен придонес во остварувањето на независноста, самостојноста, сувереноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и јакнење на нејзината одбранбена способност, вршејќи ја должноста прв началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија. 

3. ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА НА РЕПУБЛИКА ТУРЦИЈА, за постигнатите резултати во остварувањето на воената соработка, особено преку едукација на припадници на Армијата на Република Македонија, со што даде исклучителен придонес за  развојот на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Турција.


Чествување на Илинден, Крушево - полагање цвеќе и панихида во чест на Крушевската Република
Четврток, 02 Август 2012
Македонската заедница во Австралија е основа за градење цврсти односи - Средба со австралискиот пратеник Стефен Џонс
Вторник, 31 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,  денеска  го прими пратеникот Стефен Џонс, претседател на Австралиско – македонската парламентарна група за пријателство.

Двајцата соговорници изразија задоволство од нагорниот тренд на политичките односи меѓу двете земји,  интерес за динамизирање на  економската соработка и ја истакнаа значајната улога на македонската иселеничка заедница во Австралија,  како основа за градење на цврсти и пријателски односи.

Со цел продлабочување на економската соработка, претседателот Иванов ја истакна потребата од јакнење на трговската размена и потребата за иницирање и зголемување на австралиските инвестиции во Република Македонија. Во таа насока, претседателот Иванов посочи на важноста за склучување на билатерални договори за одбегнување на двојното оданочување и за заемна заштита и поттикнување на инвестициите.

Претседателот воедно изрази задоволство од одлуката за повлекување на дискриминаторската директива на австралиската Влада од 1994 година, со која што македонската заедница беше преименувана во „славо-македонска” и потенцираше дека официјалното признавање на уставното име од страна на Владата на Австралија, како и олеснувањето на визниот режим за граѓаните на Република Македонија, ќе даде поттик и значаен придонес во билатералните односи меѓу двете земји.

Македонскиот претседател изрази надеж за реализирање на посети на највисоко ниво и интензивирање на политичкиот дијалог,  со очекување дека во иднина ќе биде отворена и амбасада на Австралија во Република Македонија.

На средбата беше изразено задоволство и од соработката во областа на одбраната, а претседателот Иванов истакна дека членството во ЕУ и НАТО остануваат највисоки приоритети на Република Македонија, со фокус на  изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за наметнатиот спор и деблокада на интеграциските процеси.


Претседателот Иванов на прием кај Кралицата Елизабета II во Бакингемската палата - свечено отворање на Олимпијадата
Петок, 27 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов со сопругата г-ѓа Маја Иванова денеска присуствуваа на приемот за шефови на држави и Влади, кој го приреди Кралицата Елизабета Втора, во пресрет на свеченото отворање на 30-тите Олимписки игри во Лондон.

Кралицата Елизабета Втора, посветувајќи внимание на секој гостин, срдечно се заблагодари за нивното присуство во Бакингемската палата. Претседателот Иванов, кратката средба со Кралицата Елизабета II ја искористи лично и во име на граѓаните на Република Македонија да и го честита дијамантскиот јубилеј од нејзиното 60-годишно владеење на престолот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Принцот Филип, Војводата од Единбург, сопругот на Кралицата ЕлизабетаВтора во разговорот со претседателот Иванов се интересираше за македонскиотолимписки тим и за македонскиот спорт.

Вчера, претседателот Иванов оствари посета на македонските олимпијци во Олимпиското село каде што со интонирање на химната и кревањето на националното знаме се одржа официјалната промоција на македонскиот олимписки тим во Лондон.

„Секогаш кога се крева македонското знаме во присуство на нашите спортисти е еден посебен и величествен момент,“ изјави вчера претседателот Иванов.

Македонските олимпијци, пливачите Марко Блажевски и Симона Маринова и атлетичарите Кристијан Ефремов и Христина Ристеска, се заблагодарија за поддршката на претседателот Иванов пред своите настапи на Олимпијадата. Како што нагласи македонски знаменосец на церемонијалот на Свеченото отворање, Марко Блажевски - „Притисокот е голем, но, искрено, се чувствувам многу посмирено и порелаксирано по вчерашниот разговор со претседателот Ѓорге Иванов од кого и јас и останатите македонски олимпијци во Лондон добивме голема поддршка“.

 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 133 од 198