Македонската заедница во Австралија е основа за градење цврсти односи - Средба со австралискиот пратеник Стефен Џонс
Вторник, 31 Јули 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,  денеска  го прими пратеникот Стефен Џонс, претседател на Австралиско – македонската парламентарна група за пријателство.

Двајцата соговорници изразија задоволство од нагорниот тренд на политичките односи меѓу двете земји,  интерес за динамизирање на  економската соработка и ја истакнаа значајната улога на македонската иселеничка заедница во Австралија,  како основа за градење на цврсти и пријателски односи.

Со цел продлабочување на економската соработка, претседателот Иванов ја истакна потребата од јакнење на трговската размена и потребата за иницирање и зголемување на австралиските инвестиции во Република Македонија. Во таа насока, претседателот Иванов посочи на важноста за склучување на билатерални договори за одбегнување на двојното оданочување и за заемна заштита и поттикнување на инвестициите.

Претседателот воедно изрази задоволство од одлуката за повлекување на дискриминаторската директива на австралиската Влада од 1994 година, со која што македонската заедница беше преименувана во „славо-македонска” и потенцираше дека официјалното признавање на уставното име од страна на Владата на Австралија, како и олеснувањето на визниот режим за граѓаните на Република Македонија, ќе даде поттик и значаен придонес во билатералните односи меѓу двете земји.

Македонскиот претседател изрази надеж за реализирање на посети на највисоко ниво и интензивирање на политичкиот дијалог,  со очекување дека во иднина ќе биде отворена и амбасада на Австралија во Република Македонија.

На средбата беше изразено задоволство и од соработката во областа на одбраната, а претседателот Иванов истакна дека членството во ЕУ и НАТО остануваат највисоки приоритети на Република Македонија, со фокус на  изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за наметнатиот спор и деблокада на интеграциските процеси.


  Back<<Назад