| Одбележување на 20-годишниот јубилеј од формирањето на Армијата на Република Македонија | |
|
|
По повод Денот на Армијата и 20-годишниот јубилеј, претседателот Иванов со Медал за храброст постхумно одликува 57 македонски бранители. Претседателот Иванов донесе укази за постхумно доделување на медал за храброст на сите припадници на вооружените сили на Република Македонија кои храбро и пожртвувано ги дадоа своите животи за татковината, меѓу кои и на 11-те припадници на Армијата кои на 12 јануари 2008 година, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, загинаа во хеликоптерска несреќа кај Катлановско Блаце. Денеска, како што истакна Иванов во своето обраќање, се сеќаваме на сите оние кои се жртвуваа за татковината, бранејќи ја слободата, независноста и сувереноста на Македонија, бранејќи го територијалниот интегритет на единствената татковина што ја имаме – Република Македонија.
Развојниот пат, обуката и едукацијата на припадниците на АРМ засилено почна во март 1992 година со оружјето и опремата на Територијалната одбрана, по повлекувањето на тогашната Југословенска народна армија (ЈНА) од тогашната трета армиска област. На 23 декември 1993 година Собранието ја верификува одлуката за полноправно членство во НАТО, како стратешка цел. Во ноември 1995 година Македонија стана 27-та членка на иницијативата „Партнертство за мир“, а во март следната година беше примена и во Северноатлантскиот совет за соработка. АРМ во 2002 година го почна реформскиот процес, што треба да резултира со заслужената покана за членство во НАТО, која се одложува поради блокадите од Грција. Степенот на борбената подготвеност на припадниците на македонската Армија, практично се покажува и преку ангажирањето на одделни состави на АРМ во меѓународните мисии во Авганистан, Ирак, БиХ, како и со партиципацијата во мултинационалата мировна бригада СИБРИГ.
|
Армијата на Република Македонија денеска со дефиле во касараната „Илинден“ во Скопје го одбележа 20-годишниот јубилеј. Пред државниот врв, предводен од Претседателот и Врховен командант д-р Ѓорге Иванов, како и премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељановски, министри, пратеници, амбасадори, воени аташеа, беа претставени ешалоните од сите единици на АРМ, борбените средства, техниката и воздухопловите кои се во формацискиот состав на АРМ. На дефилето учествуваше и ешалон од Вооружените сили на САД, а беше проследено и од голем број граѓани.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот изминатите денови се одржа и свечена академија во Домот на АРМ, беше положено цвеќе пред Споменикот на паднатите армиски припадници, беа врачени чинови на унапредените старешини и награди и признанија на пензионираните генерали, воени и цивилни лица. Во касарната „Илинден“ вчера се одржа и почесна артилериска стрелба.










