Новости
Да се искористат ресурсите и потенцијалите - Претседателот Иванов ја посети општина Новаци
Четврток, 21 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети општина Новаци, каде оствари средби со градоначалникот Лазар Котевски, членовите на Советот и економско-социјалниот Совет на општината, како и со менаџментот на РЕК „Битола“.

Шефот на државата од градоначалникот Котевски беше информиран за забрзаниот економски развој на општина Новаци, новите инвестиции и меѓународната соработка на таа локална самоуправа која се остварува во повеќе области.

„Со искористеноста на ресурсите што ги има Новаци, станува пример за успешен развој на една општина. Овој регион има најголем број сончеви денови во годината и тоа е уште еден потенцијал која треба да се искористи. Иако е време на глобална, на светска криза, сепак на локално ниво секој што сака нешто да постигне, не може ништо да го спречи за да успее. Тука може да се развива и етно-туризам, затоа што туристите од странство сé повеќе сакаат да почувствуваат како се живеело некогаш, како да се најде мир и спокој во многуте предели што ги има во оваа општина,’ истакна претседателот Иванов.

Тој денес го посети и семејството на Никола Велјановски, земјоделец од Новаци, кој важи за еден од најголемите производители на пченка, пченица, сончоглед. Семејството Велјановски, кое го отвори својот дом за Претседателот, постојано реинвестира во обновување на опремата и земјоделските машини, што од година во година придонесува за зголемување на производството. Претседателот изрази уверување дека примерот на успешност на семејството Велјановски ќе го следат и други семејства во Општината.

Претседателот Иванов ја посети и најголемата термо-електрана во Република Македонија, РЕК „Битола“ и рудникот за јаглен „Суводол“, каде од страна на менаџментот беше информиран за инвестиционите активности во рудникот и термоцентралата на комбинатот.

„Во енергетскиот гигант РЕК „Битола“ бев запознаен со сé што досега е направено во термоцентралата и рудникот, како и оспособеноста за поголема експлоатација, бидејќи најголемиот дел од електричната енергија Република Македонија ја добива од РЕК „Битола“. Од тоа зависи и нашиот развој, затоа што без долгорочна снабденост со енергија не може да се планира развојот на нашата држава,“ посочи претседателот Иванов.

За време на денешниот престој во општина Новаци, Претседателот го посети и манастириот „Мала Богородица“ каде беше пречекан од митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, а во манастирот „Св.Ѓорѓија“ положи цвеќе на гробот на македонскиот револуционер, војводата Ѓорѓи Сугарев.

 

Заеднички да се поддржи сè што е од интерес за граѓаните - Претседателот Иванов во посета на Општина Аеродром
Вторник, 19 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети скопската Општина Аеродром, општина која значително вложува во урбанизација, но и во раззеленување на животната средина. На средбата со градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски, Претседателот беше запознаен со тековните и планираните проекти и програми на кои општината интензивно работи, меѓу другото и од областите на културата, спортот и особено образованието.

Во рамки на посетата на Општината, претседателот Иванов присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на „Паркот на езерата“, покрај кејот на реката Вардар, збогатен со архитектонски, партерни и хортикултурно уредени површини.

Претседателот Иванов посочи дека овој парк ќе им овозможи на граѓаните во мир и тишина да уживаат и да се рекреираат во благодетите што ги нуди просторот.

„Честитки за сè што е направено и за овој потфат кој е пример како и другите треба да се однесуваат кон природата. Навистина, ова е извонреден проект,“ истакна шефот на државата, додавајќи дека сè она што е од интерес за граѓаните, треба заеднички да го поддржиме.

Ова е општина со голем потенцијал, но престојат уште  можности за развој, за што е потребна иницијативност, реализација, но и партнерски однос од другите институции, истакна Претседателот.

Во контекст на регионалните случувања, на новинарско прашање како ги коментира изборните резултати од Грција и дали сега има простор за разговори околу спорот за името, претседателот Иванов нагласи дека со внимание се следи сето она што се случува во нашата соседна земја.

„Знаеме дека завршија изборите и ги знаеме резултатите. Очекуваме тоа што сите очекуваат од Грција, односно одговорно да се однесува кон преземените обврски. Грција има обврски кон нас со Времената спогодба, со рамката во Обединетите нации, па и со пресудата од Меѓународниот суд во Хаг. Доколку одговорно се однесува, постои можност да се дојде до решение. Доколку не се однесува одговорно, повторно ќе се одлага процесот и ќе се бараат изговори,“ посочи претседателот Иванов.

Коментирајќи дали очекува одговорно однесување од Андонис Самарас, лидерот на Нова демократија, партијата која победи на изборите во Грција, шефот на македонската државата нагласи дека имајќи ја предвид неговата биографија и што сè правел во животот и политиката, во иднина сè е можно.

Во рамки на посетата на општина Аеродром, Претседателот го посети и пензионерскиот дом „Јане Сандански“, каде имаше прилика директо од пензионерите да биде запознаен со условите за живот во пензионерските домови, како и иницијативите за нивно подобрување.


alt
Билатерални средби на Претседателот Иванов на маргините на Самитот на шефови на држави и влади при Процесот за соработка во Југоисточна Европа
Петок, 15 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на маргините на Самитот на шефови на држави и влади, при Процесот за соработка во Југоисточна Европа, оствари повеќе билатерални средби.

На средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, претседателот Иванов изрази задоволство од соработката на ОБСЕ со надлежните институции во Република Македонија и истакна дека високо се цени нивниот ангажман и поддршката која ја даваат на македонските власти, особено во делот на владеење на правото, изборното законодавство, полицијата, судството, како и во унапредување на меѓуетничките односи. Соговорниците разменија мислења и за актуелните случувања во Македонија, при што остро го осудија петкратното убиство кај Смилковци. Генералниот секретар на ОБСЕ се интересираше за прогресот во однос на прашањето за името, како и за атмосферата во Македонија по Самитот на НАТО во Чикаго. На средбата се дискутираше и за прогресот во областа на медиумите, при што беше поздравена декриминализацијата на клеветата и беше понудена поддршка од ОБСЕ за натамошни подобрувања и реформи во оваа област. Меѓу другото, генералниот секретар на ОБСЕ Заниер изрази интерес и за меѓуетничките односи во Република Македонија.

altПретседателот Иванов оствари билатерална средба со неговиот колега од Молдавија, претседателот Николае Тимофти, што претставува прва средба на македонскиот претседател со новоизбраниот молдавски претседател. Честитајќи му го изборот, претседателот Иванов подвлече дека од интерес на Македонија е интензивирање на соработката со Молдавија во делот на економијата, земјоделството, образованието и науката, и заштитата на животната средина. На средбата беше изразена и заемна поддршка на планот на европските и евро-атлантските интеграции, како стратешки определби на двете земји. Двајцата соговорници го поздравија фактот што меѓу Македонија и Молдавија нема отворени прашања и констатираа дека се потребни поголем политички дијалог и повеќе билатерални посети.

Претседателот Иванов на маргините на Самитот, оствари прва билатерална средба со неговиот бугарски колега, Росен Плевенлиев, која помина во исклучително конструктивна и пријателска атмосфера, фокусирана на економијата и инфраструктурата. altПретседателот Иванов ја истакна потребата од поголема фокусираност на економски проекти, инвестиции, на инфраструктура, заеднички настап пред ЕУ фондовите и прекуграничната соработка. На средбата беше искажан и интерес од продлабочување на билатералните односи во сите сфери, и потреба од интензивирање на политичкиот дијалог, за што е потребен заеднички ангажман и почести средби на сите нивоа. Во тој контекст и очекувањето на македонскиот претседател е дека во најскоро време ќе биде остварена и официјална посета на највисоко ниво. Претседателот Иванов упати покана до претседателот Плевнелиев за присуство на културната манифестација Охридско лето. Токму конкретните проекти од регионален интерес, ќе бидат во фокусот на Македонија како земја, иден домаќин на УНЕСКО Самитот и ПСЈИЕ, рече претседателот Иванов.


Во однос на разликите за одредени прашања, македонскиот претседател истакна дека Македонија опстојува на определбата за градење на добрососедски односи и се залага низ отворен дијалог со Бугарија да се бараат решенија и да се надминуваат разликите кои влечат корени од минатото. Претседателот Плевенелиев, истакна дека Бугарија и натаму ќе продолжи да ги подржува македонските евроинтеграции.

Значењето на регионалната соработка, нејзино интензивирање во сите сфери од заеднички интерес и потребата од дополнително вложување во развојот на регионот – беа клучни теми на средбата на претседателот Иванов со новоизбраниот српски претседател Томислав Николиќ. Тој упати честитки до својот српски колега за изборот и му посака успех во извршување на должноста. Иванов, изрази подготвеност за продолжување на тесната соработка, на политички, економски, културен и пред се евроинтеграциски план, но истовремено и за продолжување на праксата на блиски односи и лични контакти, воспоставена со неговиот претходник Борис Тадиќ.

Во однос на прашањето за Косово и спорот МПЦ-СПЦ, претседателот Иванов се повика на заедничкото комунике од 2009 година, истакнувајќи дека постојат разлики, но дека истите не се смеат да бидат пречка за развивање и продлабочување на односите меѓу двете пријателски држави, и воопшто заедничките интереси за стабилизација и просперитет на регионот. Меѓудругото, македонскиот претседател изрази благодарност што за првпат во историјата, во српското Собрание ќе седне пратеник од редовите на македонската заедница во Србија.

При својата на Република Србија, претседателот Ѓорге Иванов во Белград оствари средба и со претставниците на македонската дијаспора.

alt
Учество на претседателот Иванов во крводарителската акција „Секој крводарител е херој“ одржана во Куманово
Четврток, 14 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска учествуваше на крводарителската акција во Куманово, што се одржа по повод Светскиот ден на крводарителството, под мотото „Секој крводарител е херој“. Крводарителската акција е под покровителство на претседателот Иванов, а во организација на Црвениот крст на Република Македонија и Општинската организација на Црвен крст Куманово.

Благодарност до претседателот Иванов што прифати да биде покровител на манифестацијата која има за цел промоција и укажување чест на оние кои над сто пати дарувале крв упатија од Црвениот крст на Република Македонија. Особена чест е што претседателот на овој начин го покажува својот однос кон крводарувањето, а круна беше што и самиот дари крв, рече секретарот на општинската организација на Црвениот крст Иле Митковски.

Најуспешниот крводарител Страшко Kоцевски од Kуманово кој до сега дарувал крв 124 пати, од претседателот Иванов доби подарок и претседателско вино. Првпат крв дарував во средно училиште. Планирам додека се чувствувам добро да продолжам со крводарувањето. Самиот чин на дарување крв го исполнува човекот што е краводарител, рече Коцевски.

На денешната манифестација учествуваа крводарители од повеќе градови од земјата и ја покажаа својата хуманост. Светскиот ден на крводарителството се одбележува согласно Програмата за организирање и унапредување на крводарителство во Република Македонија.

alt

alt
Претседателот Иванов го додели признанието „Инженерски прстен 2012“ на најдобрите студенти на инженерските факултети
Недела, 10 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на најдобрите 12 дипломирани студенти на инженерските факултети денеска на платото пред Св.Климентовиот храм - Св. Пантелејмон на Плаошник во Охрид им го додели признанието „Инженерски прстен 2012“.

Бројот на млади луѓе кои се одлучуваат своето образование да го продолжат на техничките факултети од година во година е се поголем, оцени претседателот Иванов. Со отворањето нови факултети и зголемувањето на бројот на студенти се отворија и нови перспективи за техничките науки. Последните години сме сведоци на интензивен техничко-технолошки развој. Токму во техничките и природните науки, во архитектурата, инженерството, електрониката и во механиката можеме да посведочиме за достигнувањата и напредокот на човештвото. Благодарение на напредокот и брзата комуникација, светот е отворен за идеи, пронајдоци, креативност и знаење, рече претседателот Иванов.

Македонија, додаде македонскиот претседател, како релативно мала земја со ограничена економска моќ мора активно да работи на соодветни образовни и економски политики. Македонските умови се барани и успешни во светските центри. Преку нив ние сме дел од светското знаење, кое треба да се врати и да се искористи за доброто на нашата земја, нагласи претседателот Иванов. altИднината на најдобрите студенти, треба да биде во Република Македонија. За таа цел треба да обезбедиме респектибилни институции, компании, центри во кои младите луѓе ќе можат да ги искажат своите знаења и квалитети, подвлече претседателот. Човечките ресурси, нагласи тој, се клучниот фактор за побогата и попросперитетна Република Македонија и во нив мора постојано да се вложува.

Наградените студенти истакнаа дека признанието е привилегија и поттик да продолжат со напорна работа за поголеми успеси. Иднината на еден инженер со квалитетни предиспозиции, дипломецот Бојан Пеливановски од Градежниот факултет ја гледа не само во задоволување на инженерските задачи, туку и во личност која ќе отвара нови бизниси. Желбата пред се е да и се помогне на Македонија, но не значи ако работиме надвор нема да можеме да и помогнеме на државата, рече Пеливановски.

Традиционалната манифестација „Инженерски прстен“ се одржува по деветти пат, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Таа претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.

alt
Во Тетово претставен проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“
Петок, 08 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, заедно со американскиот амбасадор, Пол Волерс и градоначалникот на општина Тетово , Сади Беџети, со деца од шест општини во Македонија, Тетово, Прилеп, Врапчиште, Шуто Оризари, Старо Нагоричане и Центар – Скопје, го претставија проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“.

Настанот започна кај Шарената Џамија во Тетово каде високите гости и децата се информираа од тетовскиот муфтија за исламот, но и за историските податоци поврзани со џамијата. Потоа децата поминаа низ булеварот „Илинденска“ до градскиот плоштад каде играа фудбал.

Ова е петто место што го посетуваме во рамките на оваа активност. Започнавме од Шарената Џамија, како голема знаменитост на Тетово и децата можеа да научат повеќе за исламот, бидејќи во Скопје го посетивме Соборниот храм каде се информираа за христијанството. Тие така се запознаваат дека Македонија не е само мултиетничка, туку и мултирелигиска и мултијазична земја. Преку спортот односно преку почитување на правилата кои постојат како во спортот така и во животот се своевидна гаранција за успех. На овој начин младите може да се запознаат и себеси и другите и со така изградени односи да продолжат со својот живот и работа, рече претседателот Иванов.

Амбасадорот Волерс изјави дека е големо задоволство да се видат сите деца како учествуваат во спортски активности. Спортот е нешто и во што сите деца уживаат, учат еден за друг како да се усогласат со деца од различно етничко потекло. Македонија е многу богат мозаик што ја прават навистина многу посебно место. Се надевам дека искуствата што децата ќе ги стекнат со посетите на црквите и џамиите ќе им ги пренесат на своите семејства и пријатели, изјави амбасадорот Волерс.

Градоначалникот на општина Тетово, Сади Беџети рече дека сакаат да дадат јасна порака дека Македонија е држава што треба да ги почитува сите националности, а особено по последните проблематични случувања. Ние како Албанци од Тетово и јас како градоначалник даваме поддршка на соживотот и сакаме децата денеска да уживаат, додаде Беџети.

altВо рамките на својата денешна посета на Тетово претседателот Иванов посети и дом на тетовец-голем колекционер на грамофонски плочи,  а се сретна и со повеќе други граѓани во Народната канцеларија на претседателот во Тетово.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на претстојното европско првенство во фудбал што започнува денеска во Полска и Украина, иако е голем фан на англискиот фудбал ќе навива за репрезентацијата на земја од регионот од која постојано добиваме подршка. Најмногу би сакал да можам да навивам за нашата репрезентација на Европското првенство, но таа за жал не учествува на овој шампионат. Јас сум љубител на англискиот фудбал, но овојпат ќе навивам за  земја од регионот што е најпријателска и што секојпат не подржува. Има две земји од регионот, а едната е таа што особено не подржува. За неа ќе навивам, изјави македонскиот претседател.

 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 137 од 198