|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на маргините на Самитот на шефови на држави и влади, при Процесот за соработка во Југоисточна Европа, оствари повеќе билатерални средби.
На средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, претседателот Иванов изрази задоволство од соработката на ОБСЕ со надлежните институции во Република Македонија и истакна дека високо се цени нивниот ангажман и поддршката која ја даваат на македонските власти, особено во делот на владеење на правото, изборното законодавство, полицијата, судството, како и во унапредување на меѓуетничките односи. Соговорниците разменија мислења и за актуелните случувања во Македонија, при што остро го осудија петкратното убиство кај Смилковци. Генералниот секретар на ОБСЕ се интересираше за прогресот во однос на прашањето за името, како и за атмосферата во Македонија по Самитот на НАТО во Чикаго. На средбата се дискутираше и за прогресот во областа на медиумите, при што беше поздравена декриминализацијата на клеветата и беше понудена поддршка од ОБСЕ за натамошни подобрувања и реформи во оваа област. Меѓу другото, генералниот секретар на ОБСЕ Заниер изрази интерес и за меѓуетничките односи во Република Македонија.
Претседателот Иванов оствари билатерална средба со неговиот колега од Молдавија, претседателот Николае Тимофти, што претставува прва средба на македонскиот претседател со новоизбраниот молдавски претседател. Честитајќи му го изборот, претседателот Иванов подвлече дека од интерес на Македонија е интензивирање на соработката со Молдавија во делот на економијата, земјоделството, образованието и науката, и заштитата на животната средина. На средбата беше изразена и заемна поддршка на планот на европските и евро-атлантските интеграции, како стратешки определби на двете земји. Двајцата соговорници го поздравија фактот што меѓу Македонија и Молдавија нема отворени прашања и констатираа дека се потребни поголем политички дијалог и повеќе билатерални посети.
Претседателот Иванов на маргините на Самитот, оствари прва билатерална средба со неговиот бугарски колега, Росен Плевенлиев, која помина во исклучително конструктивна и пријателска атмосфера, фокусирана на економијата и инфраструктурата. Претседателот Иванов ја истакна потребата од поголема фокусираност на економски проекти, инвестиции, на инфраструктура, заеднички настап пред ЕУ фондовите и прекуграничната соработка. На средбата беше искажан и интерес од продлабочување на билатералните односи во сите сфери, и потреба од интензивирање на политичкиот дијалог, за што е потребен заеднички ангажман и почести средби на сите нивоа. Во тој контекст и очекувањето на македонскиот претседател е дека во најскоро време ќе биде остварена и официјална посета на највисоко ниво. Претседателот Иванов упати покана до претседателот Плевнелиев за присуство на културната манифестација Охридско лето. Токму конкретните проекти од регионален интерес, ќе бидат во фокусот на Македонија како земја, иден домаќин на УНЕСКО Самитот и ПСЈИЕ, рече претседателот Иванов.
Во однос на разликите за одредени прашања, македонскиот претседател истакна дека Македонија опстојува на определбата за градење на добрососедски односи и се залага низ отворен дијалог со Бугарија да се бараат решенија и да се надминуваат разликите кои влечат корени од минатото. Претседателот Плевенелиев, истакна дека Бугарија и натаму ќе продолжи да ги подржува македонските евроинтеграции.
Значењето на регионалната соработка, нејзино интензивирање во сите сфери од заеднички интерес и потребата од дополнително вложување во развојот на регионот – беа клучни теми на средбата на претседателот Иванов со новоизбраниот српски претседател Томислав Николиќ. Тој упати честитки до својот српски колега за изборот и му посака успех во извршување на должноста. Иванов, изрази подготвеност за продолжување на тесната соработка, на политички, економски, културен и пред се евроинтеграциски план, но истовремено и за продолжување на праксата на блиски односи и лични контакти, воспоставена со неговиот претходник Борис Тадиќ.
Во однос на прашањето за Косово и спорот МПЦ-СПЦ, претседателот Иванов се повика на заедничкото комунике од 2009 година, истакнувајќи дека постојат разлики, но дека истите не се смеат да бидат пречка за развивање и продлабочување на односите меѓу двете пријателски држави, и воопшто заедничките интереси за стабилизација и просперитет на регионот. Меѓудругото, македонскиот претседател изрази благодарност што за првпат во историјата, во српското Собрание ќе седне пратеник од редовите на македонската заедница во Србија.
При својата на Република Србија, претседателот Ѓорге Иванов во Белград оствари средба и со претставниците на македонската дијаспора.
|