Претседателот Иванов го додели признанието „Инженерски прстен 2012“ на најдобрите студенти на инженерските факултети
Недела, 10 Јуни 2012   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на најдобрите 12 дипломирани студенти на инженерските факултети денеска на платото пред Св.Климентовиот храм - Св. Пантелејмон на Плаошник во Охрид им го додели признанието „Инженерски прстен 2012“.

Бројот на млади луѓе кои се одлучуваат своето образование да го продолжат на техничките факултети од година во година е се поголем, оцени претседателот Иванов. Со отворањето нови факултети и зголемувањето на бројот на студенти се отворија и нови перспективи за техничките науки. Последните години сме сведоци на интензивен техничко-технолошки развој. Токму во техничките и природните науки, во архитектурата, инженерството, електрониката и во механиката можеме да посведочиме за достигнувањата и напредокот на човештвото. Благодарение на напредокот и брзата комуникација, светот е отворен за идеи, пронајдоци, креативност и знаење, рече претседателот Иванов.

Македонија, додаде македонскиот претседател, како релативно мала земја со ограничена економска моќ мора активно да работи на соодветни образовни и економски политики. Македонските умови се барани и успешни во светските центри. Преку нив ние сме дел од светското знаење, кое треба да се врати и да се искористи за доброто на нашата земја, нагласи претседателот Иванов. altИднината на најдобрите студенти, треба да биде во Република Македонија. За таа цел треба да обезбедиме респектибилни институции, компании, центри во кои младите луѓе ќе можат да ги искажат своите знаења и квалитети, подвлече претседателот. Човечките ресурси, нагласи тој, се клучниот фактор за побогата и попросперитетна Република Македонија и во нив мора постојано да се вложува.

Наградените студенти истакнаа дека признанието е привилегија и поттик да продолжат со напорна работа за поголеми успеси. Иднината на еден инженер со квалитетни предиспозиции, дипломецот Бојан Пеливановски од Градежниот факултет ја гледа не само во задоволување на инженерските задачи, туку и во личност која ќе отвара нови бизниси. Желбата пред се е да и се помогне на Македонија, но не значи ако работиме надвор нема да можеме да и помогнеме на државата, рече Пеливановски.

Традиционалната манифестација „Инженерски прстен“ се одржува по деветти пат, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Таа претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.

  Back<<Назад