|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, заедно со американскиот амбасадор, Пол Волерс и градоначалникот на општина Тетово , Сади Беџети, со деца од шест општини во Македонија, Тетово, Прилеп, Врапчиште, Шуто Оризари, Старо Нагоричане и Центар – Скопје, го претставија проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“.
Настанот започна кај Шарената Џамија во Тетово каде високите гости и децата се информираа од тетовскиот муфтија за исламот, но и за историските податоци поврзани со џамијата. Потоа децата поминаа низ булеварот „Илинденска“ до градскиот плоштад каде играа фудбал.
Ова е петто место што го посетуваме во рамките на оваа активност. Започнавме од Шарената Џамија, како голема знаменитост на Тетово и децата можеа да научат повеќе за исламот, бидејќи во Скопје го посетивме Соборниот храм каде се информираа за христијанството. Тие така се запознаваат дека Македонија не е само мултиетничка, туку и мултирелигиска и мултијазична земја. Преку спортот односно преку почитување на правилата кои постојат како во спортот така и во животот се своевидна гаранција за успех. На овој начин младите може да се запознаат и себеси и другите и со така изградени односи да продолжат со својот живот и работа, рече претседателот Иванов.
Амбасадорот Волерс изјави дека е големо задоволство да се видат сите деца како учествуваат во спортски активности. Спортот е нешто и во што сите деца уживаат, учат еден за друг како да се усогласат со деца од различно етничко потекло. Македонија е многу богат мозаик што ја прават навистина многу посебно место. Се надевам дека искуствата што децата ќе ги стекнат со посетите на црквите и џамиите ќе им ги пренесат на своите семејства и пријатели, изјави амбасадорот Волерс.
Градоначалникот на општина Тетово, Сади Беџети рече дека сакаат да дадат јасна порака дека Македонија е држава што треба да ги почитува сите националности, а особено по последните проблематични случувања. Ние како Албанци од Тетово и јас како градоначалник даваме поддршка на соживотот и сакаме децата денеска да уживаат, додаде Беџети.
Во рамките на својата денешна посета на Тетово претседателот Иванов посети и дом на тетовец-голем колекционер на грамофонски плочи, а се сретна и со повеќе други граѓани во Народната канцеларија на претседателот во Тетово.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на претстојното европско првенство во фудбал што започнува денеска во Полска и Украина, иако е голем фан на англискиот фудбал ќе навива за репрезентацијата на земја од регионот од која постојано добиваме подршка. Најмногу би сакал да можам да навивам за нашата репрезентација на Европското првенство, но таа за жал не учествува на овој шампионат. Јас сум љубител на англискиот фудбал, но овојпат ќе навивам за земја од регионот што е најпријателска и што секојпат не подржува. Има две земји од регионот, а едната е таа што особено не подржува. За неа ќе навивам, изјави македонскиот претседател.
|