|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети општина Новаци, каде оствари средби со градоначалникот Лазар Котевски, членовите на Советот и економско-социјалниот Совет на општината, како и со менаџментот на РЕК „Битола“.
Шефот на државата од градоначалникот Котевски беше информиран за забрзаниот економски развој на општина Новаци, новите инвестиции и меѓународната соработка на таа локална самоуправа која се остварува во повеќе области.
„Со искористеноста на ресурсите што ги има Новаци, станува пример за успешен развој на една општина. Овој регион има најголем број сончеви денови во годината и тоа е уште еден потенцијал која треба да се искористи. Иако е време на глобална, на светска криза, сепак на локално ниво секој што сака нешто да постигне, не може ништо да го спречи за да успее. Тука може да се развива и етно-туризам, затоа што туристите од странство сé повеќе сакаат да почувствуваат како се живеело некогаш, како да се најде мир и спокој во многуте предели што ги има во оваа општина,’ истакна претседателот Иванов.
Тој денес го посети и семејството на Никола Велјановски, земјоделец од Новаци, кој важи за еден од најголемите производители на пченка, пченица, сончоглед. Семејството Велјановски, кое го отвори својот дом за Претседателот, постојано реинвестира во обновување на опремата и земјоделските машини, што од година во година придонесува за зголемување на производството. Претседателот изрази уверување дека примерот на успешност на семејството Велјановски ќе го следат и други семејства во Општината.
Претседателот Иванов ја посети и најголемата термо-електрана во Република Македонија, РЕК „Битола“ и рудникот за јаглен „Суводол“, каде од страна на менаџментот беше информиран за инвестиционите активности во рудникот и термоцентралата на комбинатот.
„Во енергетскиот гигант РЕК „Битола“ бев запознаен со сé што досега е направено во термоцентралата и рудникот, како и оспособеноста за поголема експлоатација, бидејќи најголемиот дел од електричната енергија Република Македонија ја добива од РЕК „Битола“. Од тоа зависи и нашиот развој, затоа што без долгорочна снабденост со енергија не може да се планира развојот на нашата држава,“ посочи претседателот Иванов.
За време на денешниот престој во општина Новаци, Претседателот го посети и манастириот „Мала Богородица“ каде беше пречекан од митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, а во манастирот „Св.Ѓорѓија“ положи цвеќе на гробот на македонскиот револуционер, војводата Ѓорѓи Сугарев.
|