Локалитетот Градиште нуди перспектива за привлекување туристи – Претседателот Иванов ја посети Општина Зелениково
Понеделник, 25 Јуни 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ја посети општина Зелениково, каде градоначалникот Веле Груевски му ги презентираше тековните и идните проекти на општината, меѓу кои и нацрт-планот за изградба на културно – рекреативен центар над археолошкиот локалитет „Градиште“ во село Таор.

Претседателот Иванов оствари средба и со локалните стопанственици кои укажаа на сите потенцијали со кои располага општината и можностите за нови вработувања. Претседателот за време на посетата беше гостин и на едно од семејствата кои одгледуваат насади со лешници, при што беше запознаен со извонредните услови за производство и можноста со оваа дејност да се обезебди солидна заработка.

Претседателот, придружуван од италијанскиот амбасадор во Република Макеоднија, г-дин Фабијо Кристијани, го посети локалитетот “Градиште”и локацијата на која ќе се гради културно-рекреативниот центар.

„Оваа локација над Таор, каде градоначалникот го промовира овој културно -  рекреативен комплекс, би требало да биде туристичка атракција, бидејќи тука се претпоставува дека е и родното место на императорот Јустинијан Први. Сите тие досегашни истражувања укажуваат на богат живот во минатото на овој простор, и сите овие потенцијали нудат перспектива овој регион да привлече не само домашни, туку и странски туристи,“ истакна претседателот Иванов.

Шефот на државата ја посети и единствената фабрика во Македонија за производство на компјутерски микро-чипови, која е лоцирана во село Орешани и има околу 150 вработени. Претседателот Иванов  имаше можност да го разгледа и новото тениско игралиште во Орешани, а на младите кои тренираа таму им подари тениски топчиња.

На новинарско прашање во врска со барањето на фондацијата Институт отворено општество да не го потпишува законот за лустрација, претседателот го искажа својот став:

„Го добив и го прочитав писмото, но го прочитав и законот. Секој што обавува јавна функција подлежи на јавна контрола. Македонија со ваков закон и со сè што се презема досега, создава амбиент дека секој што сака да се бави со јавна функција ќе подлежи и на јавна одговорност,“ посочи претседателот Иванов.

За претстојниот состанок на Советот на Европската унија, претседателот Иванов изрази очекување дека конечно ќе се деблокираат евроинтеграциите за Македонија, порачувајќи и на Европската унија да не се однесува како заложник на неодговорното однесување на одредени политичари.

„Нашата држава ги има исполнето сите критериуми и барања. Доколку се почитуваат преземените обврски од Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата, корист ќе имаат сите - и Европа и регионот, и конечно ќе покажат дека она што важи за сите земји ќе важи и за Македонија,“ нагласи претседателот Иванов.


  Back<<Назад