Претседателот Иванов во посета на единицата на АРМ ангажирана во уредување на градската плажа во Дојран
Среда, 27 Јуни 2012   

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, денес престојуваше во Дојран во посета на инженерската единицата на АРМ ангажирана на расчистување и уредување на градската плажа во Сретеново.

Придружуван од началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, претседателот Иванов пеш го мина патот од Државната резиденција во Дојран до плажата која војниците ја уредуваат во соработка со локалната самоуправа, како дел од проектот на Општина Дојран за уредување на крајбрежјето на Дојранското Езеро.

Со активностите на војниците на теренот претседателот беше запознаен од командантот на Здружената оперативна команда на АРМ, бригадниот генерал Методија Величковски.

„Веќе два месеца војниците работат на ревитализација на крајбрежниот појас со цел да се продлабочи цивилно-воената соработка. Посебно позитивно е тоа што ракувачите на машините мора да изведуваат обука во тренажа. Верувам дека ефектите се видливи. Планот не застанува тука. По завршување со активностите во Дојран, продолжуваме во Кичево, во Коџаџик, во касарната во Прилеп и секаде каде народот има потреба од нас,“ истакна бригадниот генерал Величковски.

Посетата на Дојран претседателот Иванов ја заврши со обиколката на воениот камп во Мрдаја, кој се преуредува за потребите на Армијата и комплетно ќе биде ставен во функција до 15 јули 2012 година.


  Back<<Назад