Азербејџан заинтересиран за инвестирање во Македонија - билатерална средба со претседателот Алиев
Четврток, 28 Јуни 2012   

altАзербејџан е заинтересиран за интензивирање на економските односи со Македонија и за инвестирање во македонското стопанство, беше посочено на денешната билатерална средба во Баку меѓу претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Република Азербејџан, Илхан Алиев.

На средбата, која се одржа на 17-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Азербејџан, двајцата претседатели изразија задоволство од досегашниот тек на билатералната соработка и се согласија дека односите се пријателски и се одвиваат со позитивна динамика. Тие се заложија за натамошно динамизирање на односите, особено на политичкиот дијалог и на средбите на високо ниво. Претседателот Алиев го покани претседателот Иванов во официјална државна посета, а македонскиот претседател прифати и ја возврати поканата. Претседателите Иванов и Алиев се осврнаа и на потребата за унапредување на правната рамка за натамошно развивање на односите, со што ќе се овозможи правно регулирање на соработката во сферите на економијата, туризмот, науката и образованието. Тие заклучија дека заокружувањето на правната рамка ќе биде и поттик за поврзување на стопанските субјекти од двете земји. На средбата тие изразија интерес за продлабочување на соработката во сферата на енергетиката. Претседателот Алиев го информира претседателот Иванов за енергетските и гасоводни проекти, кои се во фаза на реализација и кои се планирани во Каспискиот регион и во Европа. Македонскиот претседател го информира претседателот Алиев за инвестициските можност во Македонија. Претседателот Алиев предложи во најскоро време да се организираат заеднички бизнис форуми и средби, како и заеднички меѓувладини економски комисии, нагласувајќи дека би сакал да ги види арзербејџанските компании во Македонија во мошне скоро време. Претседателот Иванов упати честитки до претседателот Алиев за забрзаниот економски раст на Азербејџан, кој стана една од водечките економии во Каспискиот регион.altДвајцата претседатели ја разгледаа и можноста за реципроцитетен безвизен режим, со оглед на фактот дека Македонија на една година, од периодот март оваа година до март следната година, времено ги укина визите за Азербејџан. Двајцата претседатели изразија уверување дека тоа наскоро ќе се реализира.

Македонскиот претседател упати честитки до својот азербејџански колега за организацијата на форумот Кран Монтана, кој оваа година е посветен на енергетските прашања и политиките во оваа сфера. Претседателот Иванов утре на официјалното отварање на 23. сесија на форумот ќе се обрати говорејќи на тема поврзана со енергетските прашања во новите светски услови. Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, ќе се обрати на специјалната пленарна сесија посветена на човековите права, родовата еднаквост и образованието, организирана во соработка со УНЕСКО и ИСЕСКО, а со која ќе претседава Првата дама на Република Азербејџан, Мехрибан Алиева. Сесијата ќе биде посветена на темата „Правата на жените се човекови права, а човековите права се права и на жените“.

Форумот Кран Монтана е основан во 1986 година со цел да обезбеди широка меѓународна соработка и поврзување на економските чинители на светско ниво, како и да придонесе кон глобалниот економски раст, воедно обезбедувајќи стабилност, еднаквост и безбедност. Активностите и настаните во рамки на Форумот се насочени кон создавање платформи кои ќе им овозможат на политичките и бизнис лидери да ги имплементираат своите стратегии, да ги зајакнуваат партнерствата и да развиваат нови можности за соработка. Форумот тесно соработува со меѓународни институционални партнери, како агенциите на Обединетите нации, Европската унија, Советот на Европа, и др. До денес, Форумот обединува повеќе од 77.000 делегати ширум светот.

  Back<<Назад