Новости
Претседателот Иванов во Лондон во поддршка на македонските спортисти на 30-тите Олимписки игри
Четврток, 26 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска отпатува во Лондон, лично да ги поддржи македонските спортисти кои ќе учествуваат на 30-тите Олимписки игри во Лондон. Во Олимпиското село веќе се вее македонското знаме.

Со фанфари, со интонирање на химната и кревањето на националното знаме се одржа официјалната промоција на македонскиот олимписки тим во Лондон. Свечен, убаво осмислен момент на кој присуствуваше и претседателот Иванов и првата дама г-а Маја Иванова.

„Тука сум заедно со сите претставници и шефови на држави и влади, да му дадеме значење на овој чин на отворањето на Олимписките игри, а особено денес кога се крева македонското знаме во присуство на нашите спортисти, е величествен момент,“ истакна претседателот Иванов.

Олимпијадата е единствен настан за сите жители на Планетава, и како што нагласи Претседателот -  на Олимпијадата сите се исти. „Нема големи и мали, силни и слаби. Сите земји се рамноправни. Уште од минатото се велича спортот, се велича мирот“, посочи македонскиот претседател.

„За време на Олимпијадата сите сме залепени за ТВ екраните. Ги гледаме сите натпревари, очекуваме нови рекорди, очекуваме нови ѕвезди. Ги гледаме сите спортови, дури и оние, кои нам не ни се блиски. Преку Олимпијадата дознаваме и учиме за нив,“ додаде претседателот Иванов.

Македонските олимпијци од завчера претстојуваат во Олимпиското село во Лондон. Пливачите Марко Блажевски и Симона Маринова и атлетичарите Кристијан Ефремов и Христина Ристеска, веќе минуваат низ подготвителните тренинзи воочи најголемиот спортски предизвик.

Марко Блажевски е носител на почесната обврска да биде македонски знаменосец на церемонијалот на Свеченото отворање.

„Срцето ми трепери од радост што ќе бидам само третиот активен олимпиец што ја имал честа да го носи македонското знаме на отворањето на Олимписките игри, а воедно и првиот пливач што го направил тоа. Притисокот е голем, но, искрено, се чувствувам многу посмирено и порелаксирано по вчерашниот разговор со претседателот Ѓорге Иванов од кого и јас и останатите македонски олимпијци во Лондон добивме голема поддршка“, вели Блажевски.

Свеченото отворање на овогодинешната Олимпијада се очекува да биде спектакуларен настан. На Олимпискиот стадион во Лондон ќе продефилираат 10.490 спортисти од 203 земји од целиот свет. Според најаваите на организаторите отворањето на овој најголем спортски настан на планетава е наменето за сите, и ќе биде исполнето со креативност и бујност. Олимписките игри ќе ги отвори Кралицата Елизабета Втора.


Генералниот секретар со лична заложба за брзо решавање на прашањето за името – Бан Ки-мун во посета на Македонија
Среда, 25 Јули 2012

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, кој е во официјална посета на Република Македонија, најави дека лично ќе се заложи кај грчките власти за забрзување на процесот за решавање на прашањето за името. Првиот човек на светската организација, по денешната средба со македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов во Охрид, изјави дека ќе се ангажира и за почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Ја нагласив мојата посветеност да олеснам брзо решение. Ќе вложиме максимални напори да разговараме со грчките власти. Веднаш по посетата, ќе го испратам својот специјален претставник Метју Нимиц во Грција за да објасни што разговаравме овде. Јас лично ќе се обидам да го исконтактирам премиерот Самарас за да помогнам во забрзувањето на тој процес. Жално е што две соседни земји не успеаја целосно да ги искористат своите потенцијали за регионална соработка, помирување и развој. ОН ќе сторат сè што е во нивна моќ да го олеснат тој процес. Се работи за долготраен проблем. Свесни за пресудата на Меѓународниот суд на правдата, ќе ги земеме предвид сите аспекти,“ истакна Генералниот секретар, Бан Ки-мун.

Претседателот Иванов посочи дека на средбата беа отворени прашањата за имплементацијата на Времената спогодба со Грција и пресудата од Меѓународниот суд на правдата од Хаг, како и за очекуваниот ангажман на ОН за нивно почитување.

„Разговаравме дека не треба да има злоупотреба на билатералните спорови, туку да има нивно решавање во согласност со меѓународните договори и доброволно прифатените обврски. Разговаравме за нашиот веќе 20 годишен спор со Грција. Побарав од Генералниот секретар и од медијаторот Нимиц да обезбедат почитување на меѓународните резолуции, да се погрижат разговорите за името да се одвиваат во утврдената рамка, дефинирана со резолуциите на ОН. Тоа е предуслов да дојдеме до заемно прифатливо решение. Секое излегување од оваа рамка само ќе не оддалечува од решение,“ нагласи претседателот Иванов.

Македонија, подвлече шефот на државата, инсистира на пресудата од Хаг и преземените обврски од Грција со Времената спогодба од 1995 година.

„Искрено верувам дека Генералниот секретар ќе го поддржи и ќе се заложи за исполнување на ова наше принципиелно барање. Апелирам да побара од другата страна да покаже почит кон пресудата од Хаг и Времената спогодба што Грција доброволно ја потпиша во 1995 година. Другата страна да покаже контруктивност и политичка волја за изнаоѓање замено прифатливо решение, да не ги минира разговорите со постојано одолговлекувања и навлегување во други прашања кои навлегуваат во сферата на индивидуалните човекови права, правото на  самоиндентификација и навлегуваат во сферата на човечкото достоинство. Оваа рамка е дефинирана од ОН и сметаме дека македонскиот јазик, македонскиот иденититет се неоспорен факт и реалност, и нема да прифатиме да бидат предмет на ниту едни разговори или преговори. Затоа го чекаме нашиот јужен сосед на преговарачка маса, да ја градиме нашата заедничката сегашност и иднина. Подаваме рака на пријателство и добрососедство,“ истакна претседателот Иванов, потсетувајќи дека четири пати го поканил неговиот грчки колега Карлолос Папуљас на средба.

За пресудата од Хаг, македонскиот претседател нагласи дека Судот ја верификуваше исправната политика на Република Македонија во однос на ова прашање, и затоа таа треба да биде поттик за решавање на спорот со името, за решение кое нема да биде на ничија штета, решение кое нема да го наруши достоинството туку напротив, ќе ја врати довербата меѓу двата народа, двете држави, и ќе придонесе за поинаква перспектива на целиот регион.

Во врска со неоснованите обиди на некои страни да ја прикажат Македонија како закана за мирот и безбедноста, претседателот Иванов нагласи дека државата во текот на изминатите 20 години се наметна пред меѓународната јавност како фактор на стабилност во регионот, сето тоа потврдено со факти и аргументи.

„Делата што се зад нас ги демантираат сите апсурдни обвинувања за недобрососедство, за некакви тези за територијални претензии. Бевме конструктивни и одговорни кон сите наши соседи, иницијативни во регионалнаата соработка и доследни кон сите меѓународно преземени обврски. Водејќи се од овие принципи на ОН, бевме лојални и кредибилни партнери на ОН, успеавме да спречиме внатрешен конфликт и сите проблеми да ги решаваме по мирен пат,“ нагласи претседателот Иванов потсетувајќи дека Rепублика Македонија на мирен начин и во согласност со меѓународното право ги демаркираше своите граници, што е редок случај во регионот.

Претседателот истакна дека не е само наш, туку интерес на Европа и на целиот свет, регионот да биде стабилен и просперитетен, за што се потребни интегративни процеси, а не меѓусебни блокади и опструкции.

Претседателот Иванов и Генералниот секретар Бан разговараа и за состојбите во регионот, случувањата на Косово, како и за македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Генералниот секретар на ОН по средбата со македонскиот претседател, ги посети  Плаошник, црквата Св. Богородица Перивлепта и Галеријата на икони, како дел од позначајните културно-историски знаменитости во Охрид, градот кој е под заштита на УНЕСКО.

Во продолжение на посетата на Република Макеоднија, Бан Ки-мун во Скопје се сретна со премиерот Никола Груевски и со претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, а ќе има и обраќање пред пратениците во македонското Собрание.


Официјална посета на Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун на Република Македонија
Вторник, 24 Јули 2012

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, вечерва пристигна на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, со што ја започна официјалната посета на Република Македонија.

Првиот човек на светската организација на охридскиот аеродром го пречекаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, македонскиот амбасадор во САД, Зоран Јолевски, заедно со посредникот на ОН во разговорите за името Метју Нимиц.

По пристигнувањето делегациите веднаш се упатија кон резиденцијалната Вила Билјана, каде што Бан Ки-мун беше пречекан од претседателот Иванов, кој во негова чест приреди свечена вечера.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун оствари средба со претставници на Иванов Школа за Лидери Алумни Асоцијација (ИСЛАА).

„На секоја средба со лидерите на држави, влади, министри, парламентарци ја нагласувам потребата да се направи што повеќе за младите луѓе, да се излезе во пресрет на нивните потреби и амбиции. Сведоци сме на нивната сила.. Многумина ќе речат дека младите луѓе се иднината на светот, но она што би сакал да го нагласам е дека тие се веќе лидери на денешнината“, рече меѓу другото генералниот секретар на ОН.

Според него, секое отворено прашање со кое се соочува современиот свет на некаков начин е поврзано со младината.

„Сите области од живеењето се поврзани со младината, во сите аспекти од животот. Искрено се надевам дека младите лидери ќе ги прошират нашите погледи, нашите хоризонти“, рече Бан Ки-мун, притоа апелирајќи до младите лидери да ги прошират своите активности за подобра иднина не само на Македонија и на Европа, туку и на целиот свет.

„За реализација на каква било идеја за остварување на вашиот сон потребна е енергија, и силно лично залагање. Мојата порака во оваа прилика е да не ја штедите таа енергија, таа страст што ја поседувате. Насочете ги вашите амбиции за да обезбедите подобри услови за живеење, не само тука во Македонија, туку во целиот свет, станете граѓани на светот“, им порача Бан Ки-мун на членовите на Иванов Школа за Лидери Алумни Асоцијација (ИСЛАА).

Генералниот секретар му се заблагодари на претседателот Иванов за неговото визионерство при востановувањето една таква институција како што е Школата за млади лидери.


Блокадите во интеграциите нема да ја зголемат довербата - Чешкиот амбасадор на проштална средба со претседателот Иванов
Петок, 20 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета го прими амбасадорот на Чешката Република, Н.Е. г. Јозеф Браун. 

           
На срдечната средба, претседателот на Република Македонија му заблагодари на чешкиот амбасадор за неговата досегашна посветеност и ангажман во продлабочувањето на билатералната соработка во речиси сите сфери, воедно изрази благодарност за континуираната и отворена поддршка од Чешката Република за македонските интеграциски процеси.

Во однос на евроатланската интеграција на Република Македонија, претседателот Иванов го повтори ставот дека блокадите во интеграциите нема да ја зголемат веројатноста за изнаоѓање решение на прашањето за името.

„Напротив, поголема комуникација и интеракција ќе ја зголеми довербата и ќе создаде амбиент за изнаоѓање на решение во кое нема победници и губитници. Но,  за тоа е потребна волја и од Атина, и стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите,” потенцираше Претседателот.

Пред амбасадорот во заминување,  македонскиот претседател  додаде дека Република Македонија  не бара ништо подруго од тоа што го бараат земјите членки на еврозоната - Грција да ги почитува меѓународно преземените обврски.

„Пресудата од Хаг,  како и меѓународно преземените обврски со Времената спогодба, мора да се почитуваат, а на Република Македонија треба  да и биде овозможен фер третман и примена на позитивниот модел на паралелно движење во интеграциите и решавањето на билатералните прашања,” посочи на прошталната средба претседателот Иванов.

Двајцата соговорници изразија задоволство  од постигнатото ниво во севкупните  односи, како и од перманентниот политички дијалог, со очекување дека соработката ќе продолжи и ќе биде интензивирана во наредниот период.

Претседателот Иванов, упати поздрави до Претседателот на Чешката Република, Вацлав Клаус, со очекување дека неговиот наследник  ќе оствари  возвратна официјална посета на Република Македонија.


Инвестициите во „Жабени“ ќе отвораат нови работни места - работна посета на претседателот Иванов на Битола
Среда, 18 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска претстојуваше во работна посета на Битола, при што заедно со градоначалникот Владимир Талески ја посети индустриската зона „Жабени“.

Градоначалникот Талески го информираше шефот на државата за инвестиционите и градежните активности во индустриската зона „Жабени“, каде во тек е официјалното започнување на изградбата на најголемата странска гринфилд-инвестиција во државата, фабриката на германската компанија „Кромберг и Шуберт“, но и за интересот на други компании својот бизнис да го развиваат во Битола.

„Сакав да видам како напредува оваа инвестиција која создава перспективи, пред сè за младите луѓе и за оние кои се определиле за техничките струки. Ваква фабрика во нашиот регион е реткост. Градбата напредува благодарение на поволностите и условите што му се овозможени на инвеститорот,“ истакна претседателот Иванов.

Тој посочи дека влегувањето на „Кромберг и Шуберт“ во оваа индустриска зона создава поинаков амбиент, и ќе поттикне и други странски инвеститори да доаѓаат. „Ќе се отвораат нови работни места, ќе се овозможат вработувања за младите луѓе, а со тоа ќе се подобрува и севкупната состојба во државата,“ нагласи Претседателот.

Градоначалникот Талески најави дека наскоро ќе биде објавен нов јавен повик за инвеститори кои до Општината испратиле писма со намери за влез во индустриската зона „Жабени“. Тој изрази очекување дека во текот на наредните неколку години во зоната ќе има дополнителни три до пет илјади вработувања.

Претседателот Иванов, како покровител на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, се запозна и со текот на подготовките за претстојната манифестација, а го посети и филмскиот сет каде се снима најновиот филм на режисерот Столе Попов, каде поразговара со тимот и актерите вклучени во овој филмски проект.

Во рамки на работната посета на Битола, Претседателот ги посети и волонтерите во Народната канцеларија, кои го информираа за интересот на граѓаните кои секојдневно ја посетуваат канцеларијата, бројот на доставени предлози, претставки и иницијативи.


Поставен камен-темелник на висококатниците на Џеваир Холдинг во општина Аеродром
Понеделник, 16 Јули 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на свеченото поставување камен-темелник, со што официјално започна изградбата на станбено-деловниот комплекс на турската компанија Џеваир Холдинг, во општина Аеродром.

Комплексот го сочинуваат четири висококатници со по 42 ката, секоја висока по 130 метри, деловен и трговски центар, на простор од 33.000 квадратни метри. Според најавите на турскиот инвеститор Ибраим Џеваир, објектот се очекува да биде готов за три години, а вкупната инвестиција на оваа турска компанија изнесува 300 милиони евра.

На поставувањето на камен-темелникот, покрај претседателот Иванов, присуствуваа и премиерот Никола Груевски, како и повеќе министри на Владата, градоначалници и пратеници.

Ова е најголема инвестиција на Џеваир Холдинг на Балканот, компанија која е на врвот на градежниот сектор со реализираните проекти во Турција и во странство, но и меѓу најсериозните странски инвестиции во Република Македонија. Ваквиот градежен проект отвора можности за ангажирање на професионалци и фирми од околу дваесет други гранки, што ќе биде дополнителен импулс на градежничката динамика во земјава.

Изградбата на четирите висококатници е најголемата станбена инвестиција во градежниот сектор. По нивното завршување, тие ќе бидат и највисоките згради во поновата македонска историја. Новиот комплекс во општина Аеродром ќе се придонесе кон модернизацијата на Скопје и воопшто на Македонија, како и кон нејзиниот развој и унапредување. Како што нагласи и турскиот амбасадор во Македонија, Ѓурал Сокмеслер, во услови на глобална криза, економските и трговските односи меѓу нашите две земји продолжуваат да се развиваат во позитивна насока.


 
Почеток < Пред 131 132 133 134 135 136 137 138 139 140 Следно > Крај
Страница 134 од 198