|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Конгресниот центар во Охрид, присуствуваше на свеченото отворање на 8. Македонско - северноамериканска конференција, во организација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје. Со своја воведна реч, конференцијата ја отвори ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Велимир Стојковски.
Академик Виктор Фридман, признат и посветен македонист, го промовираше Зборникот од минатогодишната 7. македонско - северноамериканска конференција. Претседателот Иванов ги поздрави континуираните заложби на академик Фридман за афирмација на македонскиот јазик, книжевност и култура.
8. Македонско-северноамериканска конференција обедини голем број лингвисти и истражувачи од Македонија, Европа и Северна Америка, кои се занимаваат со спецификите на македонскиот јазик, и кои во текот на двата дена на одржување на конференцијата ќе ги изложат свои стручни согледувања и истражувачки резултати поврзани со македонскиот јазик, литературата, археологијата, културата. Во фокусот на конференцијата, исто така, ќе бидат и јазичните, книжевни, културни и етно врски помеѓу Македонија и северно-американските ентитети.
Претседателот Иванов ги поздрави и поразговара со учесниците на конференцијата, посакувајќи им успешна и плодна работа и соработка и во иднина. Тој воедно нагласи дека ваквите академско-научни собири даваат исклучително вреден придонес кон зацврстувањето, негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура.
|