Од интеграцијата на Македонија корист ќе има целиот регион – средба со претседателот на Советот на ЕУ, Ван Ромпуј
Среда, 05 Септември 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Брисел оствари средба со првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, со кого главна тема на разговорите беше европската перспектива на Македонија како кандидат за членство на Унијата уште од 2005 година.

„Ги поздравувам досега спроведените реформи и ги охрабрувам напорите во врска со слободата на изразување, изборната реформа и меѓуетничките односи. Внатрешната стабилност и помирувањето за земјата, но и за регионот, остануваат најважни сегменти. Затоа сакаме целосна имплементација на Охридскиот договор и силно го поддржуваме духот и словото на овој договор, кој е од есенцијално значење за демократијата и владеењето на правото,“ изјави претседателот на Европскиот совет по средбата со претседателот Иванов.

Ван Ромпуј истакна дека со македонскиот претседател се согласија за важноста од продолжување на силниот фокус кој Македонија го има на патот кон ЕУ, посочувајќи ја важноста од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) што македонската Влада го води со Европската комисија.

Претседателот на Европскиот совет посочи дека со претседателот Иванов разговараа и за прашањето за името, при што ја нагласи релевантноста на добрососедските односи во пристапниот процес кон ЕУ, како и дека ги охрабрува двете држави да продолжат со преговорите со цел изнаоѓање на заеднички прифатливо решение.

„Затоа што регионалната соработка е суштинска за европската интеграција и во овој контекст го поздравувам претседавањето на вашата земја со Процесот на соработка во Југоисточна Европа. ЕУ останува целосно посветена на европска иднина на земјата и ја поздравувам силната јавна поддршка за ЕУ. Затоа сум убеден дека целта ќе ја постигнете откако ќе се реши прашањето за името,“ посочи првиот човек на Советот, додавајќи дека тој е подготвен да помогне, но дека е потребно е да бидат исполнети и неопходните реформи и критериуми.

„Се надевам дека сите земји од регионот, вклучувајќи ја и вашата земја господине претседателе, ќе продолжат на патот кон ЕУ. Иднината на вашата земја е во Европа,“ му се обрати Ван Ромпуј на македонскиот претседател.

Претседателот Иванов, пак, изјави дека на средбата со Ван Ромпуј дискутирале за неговите вчерашни средби со преставниците на Европската комисија и Европскиот парламент. Притоа, македонскиот претседател на Ван Ромпуј му ги пренесе очекувањата во Македонија дека сè што досега е постигнато ќе биде нотирано во октомврискиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во евроинтеграцијата.

„Од страна на Европскиот совет, како институција чија улога високо ја почитуваме, очекуваме динамизирање на процесот на евроинтегрирање на Македонија. Искажав благодарност за сè што досега е направено за нашата земја во тој правец. Со Ромпуј разговаравме за многу прашања, како што се реформските процеси и обврските што ние како држава ги превземаме, како и желбата да се деблокира процесот на нашите евроинтеграции,“ посочи претседателот Иванов.

Тој, исто така, додаде дека со претседателот на ЕС отвориле и прашања за состојбите во регионот. При тоа претседателот Иванов му укажа дека целта на Македонија е до крајот на годината да добиеме датум за почеток на преговорите, што би било силна порака и за другите земји во регионот кои истиот европски пат го имаат на својата агенда. Македонскиот претседател му укажа на својот соговорник дека од ЕУ се очекува да направи сè што е во нејзина моќ за да помогне заедно да се реализираат ваквите цели, од што корист ќе има целиот регион и нашиот јужен сосед. Во таков случај, според претседателот Иванов, Грција ќе има сосед со европски стандарди, критериуми и принципи.

„Оваа политика на блокади што ние најмногу ја чувствуваме, не дава резултати, ниту придонес за целиот наш регион да ја живее агендата на европската иднина и да почувствува она што е корист од евроинтеграциите, оти тоа е единствен процес кој нè принудува доброволно да менуваме институции, навики и како да ја гледаме нашата иднина. Затоа побарав од Ван Ромпуј негов личен анагажман да се надминат овие блокади што долги години ги имаме и да добиеме она што заслужуваме, ни помалку ни повеќе од другите земји што биле со ист статус како и нашиот,“ додаде претседателот Иванов, кој на крајот на средбата го покани претседателот на Советот на ЕУ идната година да ја посети Македонија и да присуствува на состанокот на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, што ќе се одржи во Охрид.

Според претседателот Иванов, првиот човек на Европскиот совет таму ќе може лично од лидерите на земјите од нашиот регион да се запознае со новиот амбиент кој се создава.

Со завршувањето на средбата со претседателот на Европскиот совет, заврши работната дводневна посета на претседателот на Република Македонија на Брисел и средбите со највисоките преставници на НАТО и ЕУ, која се оценува како успешна.


  Back<<Назад