Третата е деценија на генерациите родени во слобода – Свечено одбележување на Денот на независноста
Сабота, 08 Септември 2012   

Денот на независноста на Република Македонија, 8 септември, кога одбележуваме 21 година од осамостојувањето и почетокот на демократскиот развоен пат, беше прославен и во претседателската Вила Водно. Над сто основци од повеќе училишта од Македонија, заедно со претседателот Иванов и неговата сопруга, го проследија менувањето на знамето пред претседателскиот кабинет.

Гардиската единица на АРМ на, веќе, традиционален начин изврши замена на знамето на Република Македонија пред Кабинетот на Претседателот, додека учениците заинтересирано по тактот на војничкиот барабан ја следеа церемонијата. Младите граѓани на Република Македонија имаа можност да го разгледаат работниот простор на Претседателот и да поразговараат со него. На секој од нив претседателот Иванов им врачи симболични празнични подароци за Денот на независноста.

Одбележувањето продолжи во Македонската опера и балет, каде претседателот Иванов приреди вечерна Свечена академија. Претседателот на почетокот од своето обраќање коешто го проследија претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министри, претставници на политичките партии, верските заедници, допломатскиот кор во земјата, повтори дека земјата ќе биде онаква како што самите ја создаваме, посочувајќи на глобалната ситуација и во економска и во безбедносна смисла, која, како што рече, не може да ја одмине ниту Република Македонија, како и дека наша обврска е да го подготвуваме македонското општество за сè она што нè очекува.

„Тоа е наша одговорност. Одговорност од секој поединец, без разлика на неговата етничка, религиозна или која и да е припадност. Одговорност од секоја заедница, од секоја политичка партија. Одговорност од секоја институција, почнувајќи од мене како претседател, од власта, опозицијата, судството, администрацијата, медиумите, цивилното општество. Едноставно, секој има свој влог и одговорност во реализацијата на стратешките цели. На тој пат, нема место за изговори и избегнување на обврските и одговорностите“, нагласи претседателот Иванов.

Третата деценија на независна Македонија мора да е деценија на успеси. Деценија на генерациите родени во слобода кои преку својата работа, посветеност и оптимизам, треба да ја доживеат благосостојбата тука во Македонија, истакна претседателот Иванов по повод Денот на независноста 8-ми Септември.

„Секој ден кој го живееме во независна Македонија е ден на независноста. Независност која ќе ја зачуваме, унапредиме и предадеме на поколенијата само ако не отстапуваме од темелите на вредностите на нашата заедничка татковина. Гордост и обврска е да се биде Македонец, гордост е да живееш во Македонија, гордост и обврска е да си граѓанин на Република Македонија, без разлика на етничка, религиозна или каква било припадност,“ посочи македонскиот претседател.

Во својот говор Иванов најголемо внимание им посвети на генерациите родени во слобода. Генерациите родени во независна, суверена и самостојна Македонија.

„Тоа се генерации кои сами ја создаваат претставата за себе и за Македонија. Тоа се генерации кои веќе не робуваат на претставите за Македонија создавани од други. На сите граѓани на Македонија треба да им овозможиме натпревар на резултатите на нивниот ум и на нивниот труд. Нив мора да ги подготвиме да се соочат со предизвиците кои ги носи животот во 21 век, рече Иванов.

Според претседателот Иванов - каква Македонија ќе создадеме, таква ќе ја имаме, а наша обврска е да го подготвуваме македонското општество за сé она што нé очекува. Тоа е наша одговорност!

Свечената академија беше збогатенена со гала-оперски концерт со дела од македонската и светската оперска литература во изведба на оперски солисти и оркестарот на МОБ. Свеченото прославување на 21 година од независноста кулминираше со голем концерт на Градскиот стадион – Арена „Филип Втори“ во Скопје, на кој најголемите балкански и македонски поп-ѕвезди како специјални гости на познатите музичари Тавитјан, изведоа голем број македонски традиционални песни.

Претседателот Ѓорге Иванов и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска попладнето во скопскиот ресторан „Пелистер“ се сретнаа со музичарите кои настапија на концертот по повод прославата на независноста на Република Македонија.
 

  Back<<Назад