Шулц со порака: Додека сум јас претседател на Европарламентот, Македонија секогаш ќе ја има мојата поддршка
Вторник, 04 Септември 2012   

Додека сум јас претседател на Европскиот парламент, Република Македонија секогаш ќе ја има мојата поддршка, му порача првиот човек на Европскиот парламент, Мартин Шулц на македонскиот шеф на државата Ѓорге Иванов на средбата попладнево во европскиот законодавен дом.

Како што истакна претседателот Иванов на прес-конференциајта по средбата, меѓу темите на разговор беше и улогата на Европскиот парламент во евроинтегративните процеси на нашата земја и довербата што оваа институција ја има меѓу македонските граѓани.

„Во ЕП гледаме институција која е голем пријател и поддржувач на Македонија и на процесот на проширување на Европската унија. Европарламентот е институција која континуирано и безрезервно го поддржува отпочнувањето на преговори за членство на Македонија во Европската унија. Доказ за тоа се резолуциите кои со големо мнозинство се усвојуваат во Парламентот, што секоја година ни даваат надеж за остварување на нашата стратешка цел, а тоа е да станеме членка на ЕУ,“ изјави претседателот Иванов, кој притоа се заблагодари за тоа што ЕП искажува посветеност на една чувствителна тема во своите извештаи, како што е користењето на придавката „македонски” за нашиот јазик и нација.

„За нас е од особено значење употребата на идентитетската одредница која кај македонските граѓани создава позитивен амбиент кон Европскиот парламент. Ние имаме надеж дека одредени позитивни примери на кои Европскиот парламент посветува внимание, како што беше случајот на Словенија и Хрватска, ќе послужат за да се најде решение да не се блокира процесот на евроинтеграции и во нашиот случај со Грција. Тука очекуваме помош и од нашите европратеници и групата ’Пријатели на Македонија’ од Европарламентот, за после толку години чекање и четири позитивни пропораки од Европската комисија - да добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ,“ нагласи претседателот Иванов.

Шулц, од друга страна, посочи дека на неговата прва официјална средба со македонскиот шеф на државата имале пријателска размена на гледишта. Притоа, претседателот на Европарламентот додаде дека ја прифатил поканата на Иванов, за наскоро и официјално да ја посети нашата држава.

„Европскиот парламент секогаш ја поддржува идејата и начинот на кој секоја држава, порано или подоцна, станува член на ЕУ. Има многу проблеми кои заеднички можеме да ги решиме на тој пат. Утре, претседателот Иванов ќе има средба со првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј. Тоа е човекот кој дискутира со земјите-членки на ЕУ. Јас, како преставник на европскиот народ, можам да потврдам дека мнозинството европратеници сакаат да видат вашата земја еден ден да стане дел од ЕУ,“ потенцираше Шулц, притоа заблагодарувајќи се за големата поддршка што Европарламентот ја има во Македонија.

Во врска со тоа дали Европарламентот има механизам и волја да го деблокира процесот за евроинтеграција на Македонија и да ја натера Грција да не го блокира влезот на Македонија во ЕУ, Шулц со одговор дека ЕП сака да ја види Македонија наскоро да стане член на Унијата.

„Знаеме со кои пречки се соочува вашата земја, но ја знаеме и ситуацијата на Грција. Новата Влада во Атина се соочува со големи економски и административни проблеми. Јас му посочив на претседателот Иванов дека неговата земја е симбол на мултиетничко општество и нам во ЕУ ни давате надеж со тоа,“ одговори претседателот на ЕП.

На новинарско прашање како ги оценува денешните средби со Расмусен, Филе и Шулц при неговата тридневна посета на Брисел, претседателот Иванов истакна дека оваа посета е во пресрет на извештајот на Европската комисија за Македонија.

„Очекуваме извештајот да биде реален и објективен и да содржи сé што превземавме во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), кој дава резултати и се чувствуваат промени во македонското општество. Очекуваме и овој извештај да е позитивен и да ја нотира сета заложба што ја правиме во Македонија во процесот на евроинтеграции. Од сите сребди увидов дека се почитува тоа што го правиме и што сме го постигнале во одредени области. Македонија е позитивен пример како и други земји треба да се однесуваат,“ нагласи претседателот Иванов, уште еднаш порачувајќи дека очекува Македонија во декември да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Со утрешната средба со претседателот на Советот, Ван Ромпуј, претседателот Иванов ја завршува официјалната посета на Брисел.

  Back<<Назад