Членството на Македонците во ЕУ ќе го зајакне самиот процес на проширување – средба со еврокомесарот за проширување Филе
Вторник, 04 Септември 2012   

Македонци, македонски граѓани, македонски интеграции, наместо „државјани на ФИРОМ, вашите граѓани и вашата интеграција“. Ова се пораките кои по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, денеска на прес-конференција ги испрати еврокомесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, што индиректно се смета за потврден одговор на прашањето дали во октомврискиот извештај на Европската комисија ќе се најде место за одредницата „македонски”.

По средбата со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен и неговото признание на неа дека во решението на наметнатиот спор за името со Грција не смее да се задира во македонскиот идентитет и јазик, претседателот Иванов попладнево успеа да издејствува позитивни тонови и од еврокомесарот.

Комесарот Филе, не даде директен одговор дали одредницата „македонски” во врска со нацијата и јазикот на кој се говори во Македонија ќе се најде во октомврискиот извештај, потенцирајќи дека ислушал се што македонскиот претседател имал да му каже во врска со тоа.

„Двајцата се фокусиравме на суштината што треба да се направи за вашата земја да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и тоа да се случи набрзо, а не подоцна. Нема потреба претседателот Иванов да бара од мене поддршка за евроинтегративниот процес на македонската држава, јас го правам тоа оти верувам во проширувањето на ЕУ и верувам дека членството на Македонците во ЕУ ќе го зајакне самиот процес на проширување и од него ќе имаат бенефит сите македонски граѓани. Како и да е, јас немам навика да дискутирам за нешта од извештајот додека истиот е во подготовка,“ истакна еврокомесарот за приширување Филе, додавајќи дека и на разговорот со македонскиот претседател не открил детали од содржината на октомврискиот извештај на Европската комисија.

Тој посочи дека е најважно согледувањата на неговото одделение за проширување во ЕК прво да се најдат пред Колеџот на еврокомесари, пред претседателот Жозе Мануел Баросо, пред земјите-членки и пред земјите-кандидати за членство во Евроспката унија.

Претседателот Иванов, пак, истакна дека во разговорот со еврокомесарот за проширување на Унијата разговарале за сè она што Македонија во моментов го прави како исчекор во евроинтегративните процеси. Тој напомена дека му се заблагодарил на Филе за неговиот удел во придвижувањето на овие процеси.

„Оваа средба ја остваривме во еден значаен период за Македонија, кога земјата е во фаза на исполнување на обврските од Пристапниот дијалог на високо ниво, кој дава резултати и придонесува во Македонија да се чувствува духот на реформите. Затоа и очекуваме позитивен извештај од страна на Европската комисија и деблокирање на процесот за евроинтеграции за нашата земја. Ние сме свесни дека одлуката се носи со консензус, но имаме надеж дека позитивните резултати што Македонија ги постигнува ќе дадат резултат да добиеме датум за почеток на преговори за членство во ЕУ,“ изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател доби потврда од еврокомесарот дека Македонија постигнува релевантни и бројни резултати во повеќе области. Филе го спомена напредокот во делот на спроведувањето на Рамковниот договор, реформите во судството, слободата на изразување во медиумите и во другите сфери. Сето тоа ќе се нотира и ќе биде дел од октомврискиот извештај на Европската комисија.

„Во контекст на наметнатиот спор од нашиот јужен сосед, на комесарот Филе му посочив дека сега имаме нова реалност при што се бара исполнување на преземените обврски и од страна на Грција. Освен тоа што оваа земја не ја исполнува Времената спогодба, сега има и пресуда на Меѓународниот суд на правдата (МСП). Она што го бараат сите членки на ЕУ, го бараме и ние, а тоа е Грција да се однесува одговорно кон преземените обврски. Сето ова треба да го решаваме во процесот кој се одвива под капата на Обединетите нации, но само ако бидеме активни во тој процес ќе дојдеме до решение,“  истакна претседателот Иванов.

Претседателот на Република Македонија повтори дека стои зад својата изјава дека нема да го прими октомврискиот извештај на Комисијата ако во него не стои придавката „македонски”. Сепак, тој потенцираше дека во моментов сме посветени на суштината на извештајот и дали се она што го прави Макеоднија ќе се најде таму. - „Затоа, ние очекуваме позитивен извештај и насочени сме кон неговата содржина. Откако ќе го добиеме, ќе кажеме што имаме да кажеме за она што ќе се најде во него,“ одговори Претседателот.

Еврокомесарот Филе истакна дека имал интересен и пристоен разговор со македонскиот претседател, на кој, како што посочи, беше информиран за најновиот развој на настаните во Македонија.

„Претседателот Иванов ме информираше за неговите и напорите на коалициските партнери во власта за решавање на отворените прашања и наоѓање начин за да се тргне напред. Владата на Македонија има потреба од исполнување на клучните реформи, што се наоѓа во патоказот во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД). Потребни се активности во јакнење на меѓуетничките односи во земјата, целосна имплементација на Охридскиот договор, да се зајакне слободата на изразување, преку декриминализација на клеветата во медиумите, ревидирање на изборната рамка во согласност со меѓународните стандарди,“ изјави Филе, посочувајќи ја регионалната соработка и добрососедските односи како есенцијален дел од процесот за чекорење напред кон ЕУ и, пред сè, решение за прашањето за името со Грција, во рамки на преговорите под капата на ОН.

Во врска со прашањето за името, еврокомесарот порача дека тој му дал целосна поддршка на претседателот Иванов за остварување на билатерални средби и раздвижување на процесот во рамки на ОН. Филе посочи дека имаа жива дебата со Иванов, кој тој исклучително го цени, потенцирајќи ја улогата која Претседателот што ја игра во ситуации кога меѓуетничките тензии стануваат пречка за патот на земјата кон ЕУ.

„Го ценам интересот на претседателот Иванов и неговата одлучност да направи сè биде успешна Третата рунда преговори во рамки на ХЛАД. А, како што реков, таа ќе биде успешна доколку се иполнуваат трите приоритети кои претходно ги споменав,“ посочи еврокомесарот Филе.

На прашање од бугарски новинари дали е загрижен од податокот дека различната презентација на заедничката историја може да резултира со блокада на евроинтегративните процеси на Македонија од страна на Бугарија, претседателот Иванов истакна: - „Европската унија е идеја што нè обединува во иднината. Доста гледавме назад. Пристапуваме кон ЕУ, за со Бугарија да ги спроведуваме европските стандарди, критериуми и принципи. Да ја оставиме историјата на историчарите!”.

На ова, комесарот Филе додаде дека Бугарија е една од државите што ужива во добивката од приклучувањето на ЕУ. – „Знам дека истите бенефити, бугарски власти би сакале да ги имаат и македонските граѓани,“.

Попладнево, претседателот Иванов ќе се сретне со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц во зградата на европскиот законодавен дом, а за утре изутрина е закажана неговата средба со првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, во зградата „Жустус Липсуис” во Брисел.


  Back<<Назад