Новости
Претседателот Иванов одржа предавање пред студентите на Правниот факултет и Школата Кенеди на Харвард
Понеделник, 24 Септември 2012

Во рамки на посетата на САД, по повод 67. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на покана на Универзитетот Харвард, одржа предавање пред студентите на Правниот факултет и на престижната Кенеди Школа.

Во предавањето со фокус на Македонија, Претседателот во поширок контекст ја објасни етничката и етно-лингвистичка структура во балканскиот регион, потенцирајќи дека во Република Македонија постои традиција на толеранција, инклузивност и почитување на различностите во однос на религиите, етницитетите, јазиците. Оваа традиција, како и социјалната комплексност на нашата држава, како што посочи претседателот Иванов, е отсликана во структурата на управување, и на национално и на локално ниво.

Претседателот подвече дека во денешниот глобализиран свет, во кој веќе не постојат етнички хомогени држави, етничката демократија се соочува со бројни предизвици, како што е етнизацијата на цивилното општество, на политичкиот спектрум и институциите. Во таков контекст, она кон што Република Македонија тежнее е да обезбеди почитување на човековите права, како и механизмите за нивна заштита.

Во глобални рамки, истакна македонскиот претседател пред студентите на Харвард, постои тенденција на реактуелизирање на етничките димензии, кои се основа за потенцијални конфликти.

„Инклузивните модели нудат решенија, додека ексклузивните модели на поделби по етничка основа, се неизбежен извор на конфликти, тензии и дестабилизација,“ подвлече претседателот Иванов.

Претставниците на Универзитетот Харвард, на изненадување на претседателот Иванов, пронајдоа копија од неговата прва книга „Политички теории – Антика“ и го замолија да ја потпише.

Во рамки на посетата на Универзитетот Харвард во Бостон, претседателот Иванов оствари средба со петмината македонски студенти кои се во моментов на постдипломски и докторски студии на оваа престижна институција. Претседателот Иванов им честита на успехот да студираат на Харвард, поттикнувајќи ги нивното стекнато знаење и специјализација во иднина да ги инвестираат во развојот и напредокот на Република Македонија. Македонските студенти го изразија своето задоволство што претседателот Иванов ги посети на Харвард, и што заедно со студентите од САД и од други држави ја имаа таа чест да го проследат неговото предавање.

Претседателот Иванов на Универзитетската библиотека на Харвард им ја подари едицијата 130 тома Македонска книжевност, со што ќе се промовираат македонскиот јазик и литература на една од најстарите и најеминентни високообразовни институции во САД.

Претседателот Иванов во Њу Џерси: Македонија работи на подобрување на условите, за младите да останат во државата
Недела, 23 Септември 2012

Република Македонија неодамна одбележа 21 година од својата независност, период во кој го поминавме тешкиот период на нашата транзиција, изјави претседателот Ѓорге Иванов на средбата со Македонците од градовите Тотова и Сидар Гроув во Њу Џерси. Претседателот Иванов, кој присуствуваше на неделната богослужба во црквата „Свети Никола“ во Тотова, на собраните граѓани им порача дека во Македонија се работи за подобрување на економијата и на достоинството на животот.

- Настојуваме на секој начин тоа што е наша стратегиска цел да го оствариме, Македонија да биде и во НАТО и во Европската унија. Се обидуваме сега со нашите млади луѓе, од кои многумина се вратени во Македонија од Канада или Америка, да го направиме животот многу полесен во Македонија и многу подостоинствен. Многу повеќе се инвестира во младите, во образованието, се мисли и на постарите, со инвестирање во здравството. Се отвораат работни места и доаѓаат инвестиции од странство. Се обидуваме да создадеме амбиент во Република Македонија за луѓето да немаат веќе потреба да одат во потрага по својата среќа, како што сте дошле вие тука во туѓина, туку младите да можат да останат да живеат и да работат во Македонија, изјави претседателот Иванов.

Претседателот Иванов на средбата го поздрави вклучувањето на Македонците од дијаспората во парламентарните избори во Македонија. Македонците од Њу Џерси велат дека на следните избори очекуваат и поголем одзив, и додаваат дека за помасовен одзив изборите требало да се организираат и во црквите, а не само во конзулатот во Њујорк.

Црквата Свети Никола во Тотова е основана во 1993 година. Најголемите центри на Македонците во Њујорк и соседната метро област, се Сидар Гроув и Тотова, каде се црквите Свети Кирил и Методиј и Свети Никола и манастирот Свети Ѓорѓи, како и црквата Свети Климент во областа Квинс во Њујорк.

- Напредувавме колку што можевме, со работа, со собирање пари за црквата. Во оваа околина сметаме дека има меѓу 5.000 и 10.000 Македонци, од кои околу стотина семејства се активни, редовно доаѓаат во црквата и ја одржуваат. Црквите се единствени установи кои не поврзуваат со нашата земја. Мораме да се ангажираме повеќе за одржување на јазикот, за одржување на традицијата, вели Велко Митрески, еден од организаторите на работата во црквата Свети Никола, во која има направено и мал изложбен центар, со древни парички пронајдени во Македонија, македонски тутун и други спомени од татковината.

До минатата година во црквата во Тотова функционирала и детска градинка, за 15-ина дечиња кои ја посетувале по неколку дена во неделата, а меѓу нив доаѓале и од други заедници како Ерменци или египетски Копти, кои доаѓаат за богослужба. Митрески вели дека во црквата повремено доаѓале дури и Грци.

Претседателот Иванов ја почна посетата на САД со средба со македонската дијаспора
Сабота, 22 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ја почна посетата на Соединетите Американски Држави, каде учествува на 67. генерално собрание на Обединетите нации, со средба со македонските иселеници во црквата Свети „Кирил и Методиј“ во Сидер Гроув, во Њу Џерси.

- Од бројните врски кои ги поврзуваат татковината и дијаспората, најголема е љубовта кон нашата заедничка татковина. Верувам дека токму таа љубов е причина повеќе да бидеме единствени, сплотени и сложни во заложбите за напредна, богата и просперитетна Република Македонија. Желбата за европска и евроатланска Македонија ги обединува не само граѓаните на Република Македонија туку и нашите браќа и сестри од целиот свет. Само така ќе го исполниме сонот на нашите предци за слобода, правда и човечко достоинство. Да се обединиме околу мотото – каква Македонија ќе создадеме таква и ќе имаме. А сакаме да имаме богата, напредна, европска и просперитетна Македонија, изјави претседателот Иванов.

На средбата, покрај голем број Македонци од Њу Џерси, присуствуваа и политичари од оваа држава.Конгресменот Бил Паскрел, долгогодишен поддржувач на Македонија, одржа говор во кој силно се заложи за македонското членство во НАТО.

- Ние како држава немаме право, и Обединетите нации немаат право да ви кажуваат на вас, ниту на било која друга нација, како да се нарекувате самите себеси. Многупати сум зборувал со државниот секретар Хилари Клинтон, мојата добра пријателка, за ова. Сум зборувал со поранешни претседатели, и демократи и републиканци, и не попуштаме од тоа Македонија да биде суверена и независна држава засекогаш и дека нема никаква причина никој да го попречува членството во НАТО. Нашата борба не е да се уништи непријателот, туку непријателот да стане пријател, изјави конгресменот Паскрел.

Тој најави поддршка и за менување на законите за доселување во САД, со цел да им се овозможи на сите доселеници, вклучително и македонските, полесно да дојдат во Америка, и да се поврзат со своите семејства.

Кире Трајчески, претседател на црковната општина „Свети Кирил и Методиј“, побара зачувување на македонскиот идентитет во текот на разговорите со Грција.

- Единствено нешто што не може да се поправи е губењето на името и идентитетот на Македонија и на македонскиот народ. Тоа е нешто што ако еднаш се изгуби, никогаш повеќе нема да се врати, оцени Трајчески.

Претседателот Иванов утре ќе ја посети црквата „Свети Никола“ во градот Тотова. Потоа македонскиот претседател  патува во Бостон, каде ќе одржи предавање на елитниот универзитет „Харвард“, на темата „Македонските интеграции, и почитувањето на различностите во Република Македонија“.

Во четврток претседателот Иванов ќе се обрати на генералното Собрание на ОН. Во рамките на посетата, тој ќе оствари средба со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, кој неодамна ја посети Македонија и се информираше за текот на разговорите со Грција за спорот за името.

Претседателот Иванов, покрај билатералните средби во Њујорк, ќе присуствува на приемот на претседателот на САД Барак Обама, како и на свеченото отворање на новите простории на Европската Унија при ОН во присуство на претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

Претседателот го додели признанието „Национален уметник на Македонија“ на режисерот Милчо Манчевски
Вторник, 18 Септември 2012

Режисерот Милчо Манчевски кој пред 18 години го освои „Златниот лав“ од престижниот Венециски филмски фестивал за „Пред дождот“, од денеска ја носи титулата Национален уметник, највисоко признание за култура во Македонија.  Наградата, со која трајно се вреднува неговиот придонес во развојот и афирмацијата на македонската кинематографија, му ја врачи Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.

„Кога се зборува за филмското творештво на Манчевски, не може, а да не се истакне дека станува збор за луциден, иновативен и доследен синеаст. Автор чија специфична и оригинална естетика е високо вреднувана од филмската критика и прифатена од филмската публика. Автор кој не ве остава рамнодушни,“ истакна претседателот Иванов.

Потсетувајќи дека годинава на тековниот Меѓународен фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ има 28 македонски филмови, Претседателот додаде дека за успешното развивање на македонскиот филм особено значење има токму постигнувањето на Манчевски.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска нагласи дека Манчевски е уметник со неверојатна имагинација и инвентивност, бескрајно љубопитен и длабокоумен раскажувач. Тој е прв филмски автор кој успеа во еден важен период по осамостојувањето на државата да ја запознае светската јавност и филмската критика со новата држава на Балканот. Со тоа им отвори пат и на идните генерации млади синеасти успешно да се промовираат во светот, рече министерката за култура.

Манчевски кратко им се заблагодари за признанието на Претседателот, Министерката и на Комисијата и на сите блиски кои, како што рече, му биле блиску кога му било лесно, но и кога му било тешко.

Милчо Манчевски (1959) е филмски режисер, сценарист и професор. Дипломирал на Факултетот за филм и фотографија во Карбондејл, Илиноис, САД. Од 1985 живее во Њујорк каде предава режија на постдипломските студии на „Њујорк Универзитетот“, но често престојува во родното Скопје.

Автор е на над шеесет филмски дела: кратки, играни и документарни филмови, видеоспотови, рекламни и долгометражни филмски сценарија. По освојувањето на „Златниот лав“, неговиот филм „Пред дождот“ (1994) беше меѓу номинираните за Оскар од неанглиско говорно подрачје. Сценарист и режисер е и на „Прашина“ во 2001, „Сенки“ во 2007 и на  „Мајки“ пред две години. Режираше и делови од серијата „The Wire“.

Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди за естетски и културни достигнувања за филмовите кои имале над 200 фестивалски проекции на сите континенти. За спотот „Тенеси“ добил награда за најдобро видео на МТВ и е меѓу 100-те најдобри музички спотови според списанието „Ролинг стоун“.  Со неговите филмови се отвори нова фаза во современета филмска продукција во Македонија, се појавија меѓународни копродукции и македонски филмови почнаа да се прикажуваат на фестивали од А-категорија. Неговото творештво е дел од наставната програма на стотина универзитети, филмски енциклопедии и кинотеки. Како директни инвестиции од странски партнери и влади, од европскиот фонд „Еуримаж“, со филмовите на Манчевски во Македонија се слеале над 15 милиони евра.

Автор е на првиот од низата спотови за промоција на државата „Македонија вечна“, на четири книги од кои две со фотографии.  Од 2007 година Манчески е и Амбасадор на македонската култура во САД.

Милчо Манчевски е втор добитник на титулата Национален уметник на Македонија. Минатиот септември таа му беше врачена и на пијанистот Симон Трпчески.  Признанието, кое се доделува врз основа на Законот за национален уметник донесен минатата година, се состои во траен месечен надомест од 1.000 евра.

Претседателот Иванов на првиот академски час на Универзитетот за информатички науки „Св. Апостол Павле“ во Охрид
Понеделник, 17 Септември 2012

Искрено ме радува тоа што толку многу млади луѓе одлучиле да се едуцираат во професиите на иднината. Моето мото е дека треба да создаваме иднина за младите, но и млади за иднината, порача денеска претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на првиот академски час на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, посакувајќи им на студентите успех во стекнувањето нови знаења и вештини.

„По завршувањето на студиите, вие ќе работите во доменот на информатичко-комуникациските технологии и ќе се вклучите во обмислувањето, моделирањето и функционирањето на нашиот хиперповрзан свет. Свет во кој се понагласена улога ќе имаат оптичките коридори и информатичките крстосници,“ посочи Претседателот во поздравното обраќање, додавајќи дека треба да сме свесни дека времето не чека, туку брзо чекори напред.

„Иднината се случува додека ние зборуваме. Новите промени во современите технологии ќе дојдат со или без нас. Најголем бенефит ќе имаат оние поединци, општества и држави кои активно ќе се вклучат во глобалниот натпревар и ќе бидат конкурентни на светскиот пазар на технологии. Прашањето е - дали ќе чекаме да ни се нудат решенија, или ќе се обидеме и ние да бидеме дел од тие решенија што му се потребни на светот,“ истакна претседателот Иванов пред студентите на првиот академски час.

Претседателот нагласи дека денеска знаењето, иновацијата, инвентивноста, вмрежени со помош на информатичко - комуникациските технологии, им овозможуваат на милиони луѓе да работат од дома или, пак, да создаваат нови работни места преку т.н. аутосорсинг. Оваа можност, посочи Претседателот, ние мора да им ја пружиме и на нашите граѓани, зашто само така тие ќе можат подготвено да се натпреваруваат на глобалниот пазар.

„Во хиперповрзаниот свет, свет на економии базирани на знаењето, на толеранцијата, талентот и технологиите, нема ’мали земји’. И токму тоа е развојот кон кој треба да се стремиме,“ им порача претседателот Иванов на студентите од Универзитот за ИТ од Охрид.

Студентите кои првпат денеска седнаа во амфитеатарот велат дека информатичките науки ги избрале за своја идна професија мотвирани од сè поголемата побарувачка на таков високообразован кадар. Нивните интереси се движат од сферата на комјутерското инженерство и информатичките системи, до дигиталната анимација, машинска интелигенција и роботика.

Особено поволна околност, според студентите, е фактот што целата настава на универзитетот во Охрид се одвива на англиски јазик, овозможувајќи им воедно да го усовршат јазикот и соодветната терминологија.


Претседателот Иванов во Истанбул оствари средби со раководството на ТУСКОН и со вселенскиот патријарх Вартоломеј
Среда, 12 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Истанбул, оствари работен ручек со раководството на ТУСКОН – Конфедерација на бизнисмените и индустријалци на Турција, со што ги започна активностите во рамки на неговата работна посета.

На работниот ручек, организиран во негова чест, претседателот Иванов ги запозна стопанствениците со реформските процеси во Република Македонија, со напорите кои ги прави земјата со цел создавање на поповолен бизнис амбиент, и упати повик до членките на ТУСКОН да инвестираат во Република Македонија, запознавајќи ги со погодностите за странските инвестиции.

Претседателот на ТУСКОН, Ризанур Мерал, нагласи дека Конфедерацијата и нејзините членки даваат силна поддршка на развојот на економската соработка меѓу Република Македонија и Република Турција и изрази очекување дека во иднина, бројот на турски инвеститори во Република Македонија континуирано ќе се зголемува. ТУСКОН важи за една од највлијателните Комори во Република Турција, во која членуваат 173  компании и 43.000 членови.

Во рамки на посетата, попладнево во Цариградската патријаршија, претседателот Иванов оствари средба и со Неговата Светост, вселенскиот патријарх Вартоломеј.

На средбата, вселенскиот патријарх изрази задоволство од честите средби и размената на мислења со претседателот Иванов. „ Среќен сум што секогаш кога сте вие во Истанбул ме посетувате, посебно сум среќен што оваа година ме посетивте и за Велигден. Во вас гледам пријател, интелектуалец и лидер посветен на духовните вредности”, истакна вселенскиот патријарх Вартоломеј. На интерес на вселенскиот патријарх, претседателот Иванов го запозна со односите меѓу Република Македонија и Република Грција, особено за економските релации и за односите меѓу двете општества.

Заемна констатација беше дека во услови на глобални предизвици неопходно е поголемо лидерство во сите области, за надминување на пречките кои стојат на патот на напредокот на сите народи, како и надминување на братските недоразбирања и постигнување на православно единство. Вселенскиот патријарх, воедно упати честитки за лидерството на претседателот Иванов, за неговата посветеност  на дијалогот и толеранцијата на различностите.

Македонскиот претседател ја потврди заложбата на Република Македонија во унапредување на односите меѓу сите верски заедници, истакнувајќи дека разновидноста на верските и културни заедници е вековно наследство и уникатно богатство на нашата земја. Претседателот Иванов, притоа ја реафирмираше поканата за посета на вселенскиот патријарх  Вартоломеј на Република Македонија.

Во рамки на посетата, претседателот Иванов утре ќе се обрати на свеченото отворање на „ТОББ Меѓународниот бизнис форум“, на кој ќе учествуваат над 1000 бизнисмени и претставници на меѓународни институции од 85 земји од светот. Централна  тема на дискусија  на Форумот е  глобалната економска криза со посебен фокус на улогата на приватниот сектор, како и потребата за зајакнување на претприемништвото и изнаоѓање решенија за надминување на пречките во меѓународната трговија.

ТОББ Универзитетот за економија и технологија е еден од најреномираните универзитети во Турција, кој во октомври, 2009 година, на Претседателот Иванов му ја додели титулата Почесен доктор на науки.


 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 130 од 198