Новости
Анкета на ИРИ: Расте довербата на граѓаните во претседателот Иванов
Вторник, 11 Декември 2012

Во најновото  истражување на јавното мислење спроведено од Меѓународниот републикански институт ИРИ,  58% од испитаниците се изјасниле дека имаат позитивно мислење за претседателот Иванов, што значи пораст од 21 насто во споредба со анкетите на ИРИ од септември и декември 2010 година, кога позитивно мислење за шефот на државата имале 37 проценти од граѓаните. На истото прашање, со негативно мислење за претседателот Иванов се изјасниле 34 % од анектираните.

Во однос на поддршката на евроатлантските интеграции, најновото истражување на ИРИ покажува мал пад во споредба со претходната анкета. За влез во НАТО се залагаат 87 проценти од испитаниците, за разлика од пред 4 години кога се залагале 91%, додека за влез во ЕУ, 84 проценти одговориле позитивно за разлика од претходно кога биле 87%.

На прашањето дали мислите дека Македонија е поблиску до ЕУ од пред четири години, 58 проценти од испитаниците сметаат дека сме поблиску до ЕУ, 23 дека не сме, а 19 проценти не знаат. Најновата теренска анкета на ИРИ е спроведена од 15 до 21 ноември 2012 година на репрезентативен примерок од над 1.100 испитаници.


budvar
Сите имаме цел да бидеме во заедничкиот дом кој го нарекуваме Европа - Четврти регионален претседателски самит во Будва
Среда, 05 Декември 2012

Меѓусоседските односи во регионот секогаш можат да бидат уште подобри. Меѓусоседските односи се двонасочна улица, мора да очекуваме тоа што го правиме и другите да го прават и сите заедно да влеземе во ЕУ како крстосница на добри двонасочни улици кои постојат во овој регион, истакна претседателот Ѓорге Иванов на 4. Регионален претседателски самит во Будва на тема „Соработка кон напредок – предизвици и одговори“. Очекуваме придвижување на целиот регион со цел сите ние да станеме дел од ЕУ, а основа за тоа се добрососедските односи и мора на тоа да работиме. Никогаш не треба да бидеме задоволни од постојната состојба, на пример во економијата и трговската размена постои голем потенцијал кој се уште не е искористен, рече претседателот Иванов на денешната прес-конференција. Самитите, оцени македонскиот претседател, праќаат позитивна порака од регионот дека лидерите на дел од Балканот знаат да се организираат самоиницијативно, да дебатираат за прашања за кои треба заеднички, регионален пристап. Овие самити досега помогнаа да ги идентификуваме областите каде треба да ја зајакнеме нашата меѓусебна соработка. Исто така, зајакната доверба меѓу нас и во поттикнување на добрите меѓусоседски односи со една отворена и искрена диксусија за прашања што некогаш во минатото не оптоварувале и како трето ја праќаме пораката дека ние имаме заедничка иднина, потенцира Иванов. Сите, нагласи тој, имаме цел да бидеме во оној заеднички дом кој го нарекуваме Европа. Сите имаме цел преку нашите реформи и идеи кои ги претставуваме на вакви самити да реализираме еднаков амбиент во целиот наш регион. Да се почитуваат европски критериуми, европски принципи и европски вредности, нагласи Иванов.

Претседателот Иванов на 4. Регионален претседателски самит во Будва оствари билатерални средби со своите колеги од Црна Гора, Албанија и од Косово. На средбата со претседателот на Црна Гора, двајцата соговорници изразија задоволство од развојот на севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Црна Гора. Беше разменето мислење за актуелните политички состојби во двете земји и за очекувањата од претстојниот Совет на ЕУ. Претседателот Иванов упати честитки за постигнатиот напредок на Црна Гора на патот кон ЕУ и почетокот на пристапните преговори за членство и беше искажан интерес за зајакнување на соработката на експертско ниво во контекст на процесот на пристапување кон Европската Унија. altДвајцата претседатели разменија мислење за регионалните иницијативи - ПСИЈ и Дијалогот меѓу цивилизациите, со кои идната година претседава Република Македонија и изразија интерес за унапредување на економската соработка.

На средбата со албанскиот претседател, Бујар Нишани, двајцата соговорници се согласија дека билатералните односи во континуитет се на високо ниво, за што најдобар показател е интензитетот на официјални посети и соработката во сите области од заеднички интерес. Тие се заложија за продолжување на добрата соработка со особен акцент на економијата, и ја потврдија меѓусебната поддршка за интегрирањето на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, и на Република Албанија во ЕУ. На средбата стана збор и за последните инциденти. Двајцата претседатели заклучија дека не смее да се дозволи никој да ги наруши добрите односи меѓу двете земји кои заемно се градени изминативе години. Инцидентите ги оценија како неприфатливи и неодговорни и се заложија за институционано санкционирање на сторителите. Македонскиот претседател ја прифати и поканата за официјална посета на Албанија во текот на 2013.

На средбата со Претседателот на Косово, г-ѓа Јахјага, беше изразено задоволство од воспоставениот континуиран, конструктивен и пријателски дијалог меѓу двете земји, и беше разменето мислење за прашањата од заемен интерес. Со цел продлабочување на соработката,  двајцата претседатели се согласија дека е потребно унапредување на договорната рамка меѓу двете држави. Претседателот Иванов изрази поддршка за евроатланските аспирации на Република Косово, со јасно дефинираните ставови кои кореспондираат со позициите на САД, ЕУ, НАТО и ОН и изрази подготвеност за пренесување на позитивните реформски искуства на Република Македонија во клучните области. На средбата беше разменето мислење за регионалните случувања, а македонскиот претседател искажа и интерес за текот на дијалогот Белград – Приштина. Претседателот Иванов изрази очекување за скоро признавање на Гораните – Македонци на Косово, како уставна категорија на македонско национално малцинство.

alt
Заедничка определба за негување на добрососедството - проштална средба со српскиот амбасадор, Н.Е. Томислав Ѓурин
Понеделник, 03 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Република Србија во Република Македонија, Н.Е. Томислав Ѓурин.

Двајцата соговорници изразија задоволство од досегашниот севкупeн развој на македонско – српските односи. Заемен заклучок беше дека тие се на највисоко можно ниво во изминативе дваесет години, за што зборува континуираниот политички дијалог на сите нивоа, унапредената договорна рамка, зголемениот обем на трговска размена. На средбата беше изразено очекување политичките, економските и културните врски и во наредниот период да се унапредуваат.

Претседателот Иванов изрази задоволство што двете земји имаат заедничката определба за негување на добрососедството, за регионална соработка, и за приклучување во ЕУ. РМ е подготвена за тесна соработка на овој план. Македонскиот претседател му заблагодари на српскиот амбасадор за неговата посветеност и придонес во продлабочувањето на билатералната соработка.

Српскиот амбасадор го истакна цврстото определување на Република Србија за понатамошен развој на добрососедските односи, сестрана и меѓусебно корисна соработка со Република Македонија. Амбасадорот Ѓурин изрази уверување дека во време на големи искушенија за целиот регион на Југоисточна Европа, односите меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат во интерес на двата народа.

Сигурен сум дека ќе дадете сè од себе – Претседателот приреди прием за женската ракометна репрезентација
Четврток, 29 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими Македонската женска ракометна репрезентација која ќе настапи на Европското првенство во ракомет што од 4 до 16 декември 2012 ќе се одржи во Србија.

Пренесувајќи им ја својата апсолутна поддршка, претседателот Иванов на ракометарките им посака многу успех и изрази надеж дека ќе постигнат победи, нагласувајќи дека кога се сака, сè се може.

„Ви посакуваме најголем успех и многу победи. Знаеме дека ќе биде тешко, но во Ниш пред десет месеци покажавме дека сè е возможно. Кога ќе ја земете топката во раце сигурен сум дека ќе дадете сè од себе. Очекувам дека неизмерната поддршка од македонската публика и претходните успеси ќе го зацврсти вашиот мотив,“ истакна Претседателот.

Ракометарките на претседателот му подарија знаме со сите нивни потписи, како симбол на тимскиот дух во македонскиот женски ракомет.

Капитенот на репрезентацијата Тања Андрејева, заблагодарувајќи му се на Претседателот за приемот, посочи дека неговата подршка многу им значи и ќе биде дополнителен мотив. Таа вети дека на ова првенство ќе покажат добра игра.

Ракометарката Драгана Пецевска нагласи дека нивна цел е да ја поминат групата и да реализираат две победи за понатаму да имаат подобар пласман.

„Подготвени сме и ќе дадеме сè од себе да постигнеме успех,“ додаде Пецевска.

Женската ракометна репрезентација ќе ја претстави Македонија во спортската сала во Ниш каде што ќе ја има можноста да го докаже својот потенцијал во групата Б против репрезентациите на Шведска, Франција и Данска.

Во првиот натпревар, што ќе се одигра на на 4 декември, противник на избраничките на селекторот Гино Стрезовски ќе биде селекцијата на Франција. На 6 декември, Македонија ќе игра со Шведска, а два дена подоцна на последниот дуел македонската селекција ќе се сретне со Данска.

Потенцирана подготвеноста за дијалог со Грција - Проштална средба со грчкиот амбасадор Александра Пападополу
Петок, 23 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари проштална средба со шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија, амбасадорот Александра Пападопулу.

На средбата, претседателот Иванов ја потенцираше подготвеноста на Република Македонија за интензивирање на севкупната соработка и за дијалог со Република Грција.

„Република Македонија е отворена кон сите свои соседи и отвореноста ја манифестира со подготвеност низ дијалог да се бараат решенија за сите разлики. Поголемата интеракција и соработка ќе создадат амбиент за надминување на разликите,” истакна претседателот Иванов на средбата. Воедно, македонскиот претседател изрази надеж дека Република Грција ќе ја поддржи европската интеграција на Република Македонија. „Со деблокада на интеграцијата во Европската унија, сите добиваат – Република Македонија, Република Грција и целиот регион,” додаде претседателот Иванов.

Заеднички заклучок на средбата беше дека разликата околу името на ниеден начин не треба да претставува пречка во соработката во сите сфери од заемен интерес.

На прошталната средба претседателот Иванов на амбасадорот Пападопулу  и посака натамошни успеси.


Претседателот Иванов засади дрва заедно со најдобрите студенти од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ од Охрид
Среда, 21 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во својот Кабинет ги прими најдобрите студенти на Универзитетот за информатички науки и технологија „Св. Апостол Павле“ - Охрид.

На средбата се разговараше за низа прашања релевантни за студентскиот живот, при што студентите од охридскиот универзитет пред претседателот Иванов ги изнесоа своите впечатоци од досегашното работење на оваа високообразовна институција, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, и дадоа идеи за подобрување на квалитетот на образованието во информатичката сфера.

Студентите го изразија своето задоволство од наставната програма на овој Универзитет, оценувајќи дека сепак е потребно интензивирање на  практична настава.

„Прекрасен начин да ги споделиме нашите идеи, нашите искуства и заедно да најдеме подобри решенија за тоа како би го подобриле образованието и нашите перспективи по завршување на студиите. Она што го заклучивме заедно со Претседателот, како најголем недостаток во образованието, е недостатокот од практичната настава, и заедно се потрудивме да изнајдеме решенија,“ изјави Кристина Шалковска, заблагодарувајќи се за можноста непосредно со претседателот Иванов да дебатираат на овие теми.

На средбата, студентите се согласија дека е потребно да се интензивира комуникацијата и соработката помеѓу нив самите, со цел подобро да се запознаат со материјалот и да го развиваат тимскиот дух.  Во оваа насока,  двајца студенти од Гана и Камерун, оценија дека би било добро да се промовира културна размена и запознавање помеѓу Гана, Камерун и Македонија, бидејќи овие три држави и народи имаат што да научат едни од други.
 
„Среќен сум, што сум во Македонија и што имам прилика да ја запознаам вашата култура. После две години студирање овде, задоволен сум од можноста да разменам мислење лично со Претседателот. Почестен сум што имавме прилика да разговараме за повеќе теми, за нашето искуство на Универзитетот, како да го зголемиме стандардот на образованието и знаењето,“ изјави студентот од Камерун, Квипо Хибинде Џуд.

Претседателот Иванов им честиташе на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, и го изрази своето задоволство од можноста да се сретне со успешни млади луѓе кои се дел од академската елита на нашата држава. Претседателот нагласи дека го радува фактот што студентите отворено зборуваат за проблемите и предизвиците, што укажува на нивната подготвеност да придонесат кон унапредување на севкупниот образовен систем. Претседателот им порача на студентите дека  иднината е во техничките струки, што особено важи за инженерите, кои секојпат се ориентирани кон барање решенија за проблемите.

„Вие сте аудиовизуелни генерации кои информациите ги примаат преку сетилата за вид и слух. Факт е дека денешните млади сè повеќе го користат интернетот, и веќе нема научна област во која не се користи компјутер",  истакна Иванов на средбата, потсетувајќи дека сепак не смееме да заборавиме дека најголемиот, клучен дел од напредокот е во рацете луѓето.

По повод Денот на дрвото, претседателот Иванов заедно со најдобрите студенти од охридскиот универзитет, засадија и дрвца во дворот на претседателскиот Кабинет. Ним им се придружија и дел од спортистите и организаторите на акцијата која е под мотото „Спортски е да се сади”.

„Денеска прекрасен пример покажа и Претседателот на Република Македонија како треба да се биде татко на нацијата и заедно со домашните и странските студенти да се засади иднината,“ истакна Христина Николовска, шеф на кампањата на „Засади ја својата иднина“.

Ова е петта од серијата планирани средби на Претседателот со студентите од сите универзитети во Република Македонија. Во текот на годинава претседателот Иванов ги прими најдобрите студенти од општествените науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Основната цел е да се слушнат размислувањата и идеите, но и предизвиците со кои се соочуваат најдобрите претставници на младата академска сила, да се поддржи нивната креативност и иновативност, и да се поттикнат нивните идни академски и професионални успеси, но и  да се истакне дека образованието станува врвен приоритет.


 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 125 од 198